Достапни линкови

Хонгконшката полиција најави „ригорозни“ истраги за демонстрантите


Протести во Хонгконг

Хонгконшката полиција денеска соопшти дека ќе отвори истрага против демонстрантите кои вчера го блокираа нејзиниот главен штав, барајќи смена на шефицата на владата, Кери Лам. Полицијата оцени дека блокадата била „незаконска“ и „ирационална“.

„Полицијата покажа највисок степен на толеранција спрема демонстрантите кои се собраа пред нејзиниот главен штаб, но начинот на изразување на нивните барања стана незаконски, ирационален и неразумен“, се наведува во соопштението во кое се додава дека полицијата „ригорозно ќе ги истражи сите тие незаконски активности“.

Според нивните наводи, полицијата не можела да одговори на околу 60 итни повици поради блокадите. Неколку стотици луѓе вчера се собраа на улиците на Хонгконг, барајќи оставка од Кери Лам, што претставува една од најголемите политички кризи во поранешната британска колонија во изминатите 10 години. Протестите траат неколку недели поради спорниот закон за екстрадиција на граѓани на кинеските власти.

Владата на Хонгконг под притисок на демонстрантите го повлече спорниот предлог закон од собраниската процедура, но граѓаните бараат законот целосно да се повлече. Тие бараат и оставка од шефицата на владата, ослободување на уапсените демонстранти, како и истрага за полициското насилство.

Кога во 1997 година, Велика Британија ѝ го предаде на Кина, на Хонгконг му беше гарантирано правото да го задржи својот социјален, правен и политички систем во наредните 50 години, по принципот „една земја, два системи“. Сепак, владејачките кинески комунисти сè повеќе не се придржуваат до тој договор и инсистираат на промени во законите, кои се непопуларни во Хонгконг.

XS
SM
MD
LG