Достапни линкови

Вести

Стартува состанокот на Конституенцата на ММФ и СБ во Скопје

Од денеска со недела земјава е домаќин на Состанокот на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светска банка (СБ) во која членува Македонија. рганизатори на состанокот се Министерството за финансии и Народната банка, на кој ќе учествуваат меѓународни експерти кои ќе дискутираат за клучни економски теми.

Преку седумдесет министри за финансии, гувернери на централни банки, високи претставници на министерства за финансии и централни банки, високи претставници на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд ќе присуствуваат на централниот дел од Состанокот на Холандско-белгиската конституенца, кој се одржува во Скопје.

Меѓу високите претставници на Светската банка и ММФ се извршните директори задолжени за Конституенцата, Кун Давидсе и Антони де Ланој. Од групацијата на Светската банка на Состанокот ќе учествуваат и тројца потпретседатели – потпретседателот на Групацијата на Светска банка за Европа и Централна Азија, Сирил Милер, потпретседателот за човечки капитал, Анет Диксон и потпретседателката на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) Георгина Бејкер. Од ММФ ќе присуствуваат и директорите на одделите за Европа и за фискални работи, Пол Томсен и Витор Гашпар.

види ги сите денешни вести

Бадникови поворки 2026: Радост и заедништво низ земјава и во дијаспората

Бадникова поворка во Скопје/Јануари 2026
Бадникова поворка во Скопје/Јануари 2026

Носејќи ја Божиќната ѕвезда и пеејќи ја „Вечниот бог“, неколку илјади деца денеска (6 јануари) ја формираа Бадниковата поворка низ повеќе градови во државата. Оваа манифестација се одржува во повеќе од 80 градови и населени места низ државава, како и меѓу македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и САД.

Точно на пладне, во 12:00 часот, оформената бадникова поворка пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, тргна од Музејот на Град Скопје и движејќи се по улица „Македонија“, пристигна на плоштадот „Македонија“, пред сцената поставена кај Божиќната пештера.

На сцената, како круна на целокупната манифестација, е изведена „Божиќна авантура“ - голема музичко-сценска изведба во живо, во која учествуваа повеќе од 40 музичари, актери, пејачи и „Златно славејче“.

Мјузиклот е реализиран под уметничко раководство на Владо Дојчиноски, со драматургија на Билјана Крајчевска, и преку музика и сценска приказна ја пренесува пораката за Рождеството Христово.

Пораката од оваа манифестација, велат организаторите, е да останеме на страната на светлината.

Традиционално, во претпладневните часови, групи деца и млади од Бадниковите поворки остварија празнични посети кај претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и кај градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Претседателката Сиљановска-Давкова, на социјалната мрежа Фејсбук објави дека „во духот на празникот, ги дарувала децата со Бадникови пакетчиња“, а тие, како што пишува во објавата, „небаре славејски хор, со озарени лица и блескави насмевки ја поттикаа надежта за подобро утре“.

Во меѓувреме, пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа и централното одбележување на Бадник. Кум оваа година е Зоран Кондратенко, а здравичар, Јаков Дренковски.

Претходно, членови на Бадникарскиот одбор заедно со Кондратенко и Дренковски, во пресрет на централната манифестација Бадник 2026, утрово ги посетија штитениците на Домот за стари лица Мајка Тереза, за да им ги честитаат праазниците Бадник и Божиќ.

Како ќе влијаат превирањата во нафтено богатата Венецуела врз трговијата со далечни партнери?

Работник собира примерок од сурова нафта на нафтен бунар управуван од државната нафтена компанија на Венецуела
Работник собира примерок од сурова нафта на нафтен бунар управуван од државната нафтена компанија на Венецуела

Американските воени напади во Венецуела и изјавите што следеа од претседателот, Доналд Трамп ја отворија можноста за масовно зголемување на производството на венецуелска нафта под контрола на САД. Не е јасно кога, како, па дури ни дали тоа може да се оствари.

Но Венецуела ги поседува најголемите докажани резерви на нафта во светот, а Трамп сугерираше дека американските компании би можеле да ги изнесат на пазарот.

Екстра-тешката сурова нафта на Венецуела е многу барана бидејќи е идеална за специјализирани рафинерии како оние на американскиот Заливски брег, кои располагаат со единици што овозможуваат преработка на оваа густа нафта во високопрофитни производи како бензин и дизел.

Со оглед на тоа што ситуацијата сè уште е неизвесна, ова претставува едно од неколкуте потенцијални влијанија врз глобалната економија, како и врз клучните партнери на Венецуела: Русија, Иран, Кина и Куба.

Русија

Силната понуда доведе до тоа цените на нафтата да го забележат најголемиот годишен пад во 2025 година од времето на пандемијата на КОВИД-19, кога глобалната економска активност доживеа колапс во 2020 година.

За Москва, овие падови веќе имаат негативно влијание, а настаните во Венецуела по приведувањето на соборениот венецуелски лидер, Николас Мадуро би можеле дополнително да ја влошат состојбата.

„Ако нашите американски ‘партнери’ добијат контрола врз нафтените полиња во Венецуела, тие ќе контролираат повеќе од половина од светските резерви на нафта. Веројатно планираат нашите цени на нафтата да не се искачат над 50 долари за барел“, напиша олигархот Олег Дерипаска на 3 јануари.

Дерипаска е еден од ретките олигарси кои ја критикуваа целосната руска инвазија врз Украина во 2022 година. Но неговите коментари го одразуваат интересот на Кремљ за одржување високи цени на нафтата.

„Перспективата Соединетите Држави да стекнат влијание врз производството на венецуелска нафта… е јасно непожелна во Москва“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) политичката аналитичарка, Александра Ситенко со седиште во Берлин.

Не е јасно дали САД ќе добијат контрола врз венецуелската нафта. Привремената претседателка Делси Родригез, која положи заклетва пред парламентот на Венецуела на 5 јануари, даде нејасни изјави за соработка со Вашингтон во однос на развојот, но и силата на нејзината власт и нејзините намери остануваат неразјаснети.

„Би биле потребни значителни инвестиции за Венецуела да го запре падот на производството забележан во последните децении“, изјави портпарол на Меѓународната агенција за енергија (МАЕ) за РСЕ.

Ситенко додаде дека, со оглед на овие предизвици, предизвикани од долгорочно лошо управување и меѓународни санкции, зголемувањето на производството би било бавен процес.

„Стратешки гледано, Кремљ веројатно е повеќе загрижен за пазарната моќ отколку само за обемот. Проширувањето на американското влијание врз венецуелската нафта би ја зајакнало способноста на Вашингтон да ги обликува глобалните енергетски текови и цените, потенцијално поткопувајќи ги механизмите за координација како ОПЕК+, на кои и Русија се потпира за стабилизирање на приходите“, додаде таа.

Поради статусот на Венецуела како меѓународен изолат, западните компании ја напуштија земјата, со забележлив исклучок на американскиот нафтен гигант „Шеврон“.

„Таму каде што секторот не е уништен, присутни се руски, ирански и кинески компании. Секако, САД сакаат да ги истиснат“, изјави политичкиот аналитичар, Иван Преображенски за рускиот сервис на РСЕ.

Од друга страна, можно е и поле за соработка. Вашингтон сигнализираше дека е заинтересиран за економски придобивки од соработка со Москва. Во Националната стратегија за безбедност се говори за желбата да се „воспостави стратешка стабилност со Русија“.

Русија, исто така, се почувствува загрозена од најавата на претседателот Трамп во декември за блокада на санкционирани танкери кои одат кон или од Венецуела, што ги зголеми ризикот и неизвесноста за танкерите од т.н. руска „флота во сенка“, која Москва ја користи за заобиколување на санкциите.

Иран

Блокадата е една од многуте работи што го изложуваат Иран на исти ризици како Русија, што беше нагласено минатиот месец кога американските сили запленија танкер кој бил дел од иранската „сенка флота“, додека пловел крај брегот на Венецуела.

Земјата со години ѝ помага на Венецуела да ги заобиколува меѓународните санкции.

Клучен производ, кој Венецуела го набавува и од Русија се супстанциите што се користат за разредување на густата, тешка сурова нафта на Венецуела.

Венецуела, исто така, е купувач на иранско оружје, а најновите американски санкции поврзани со оваа трговија беа објавени на 30 декември. Во нив се наведуваат набавки на дронови и „конвенционално оружје“, како и хемикалии за балистички ракети.

Иднината на овие профитабилни трговски врски, во најмала рака, изгледа неизвесна, имајќи го предвид масовното американско поморско присуство во Карибите.

Во меѓувреме, и покрај тековните политички превирања во самиот Иран, некои ирански медиуми шпекулираа дека судбината на венецуелскиот долг од 2 милијарди долари кон Техеран е под знак прашање.

Кина

Кина е уште еден клучен партнер на Венецуела и соопшти дека „остро ја осудува отворената употреба на сила од страна на САД против суверена држава“.

Последното појавување на Мадуро, неколку часа пред неговото приведување од американските сили, било на средба со Ќиу Сјаоки, кинескиот пратеник за латиноамерикански прашања. Мадуро минатата година се сретна и со кинескиот лидер Си Џинпинг во Москва.

Покрај дипломатските контакти, Кина, според МАЕ, е и главниот купувач на венецуелска нафта.

Даниел Стерноф од Центарот за глобална енергетска политика при Колумбискиот универзитет сугерираше дека американската контрола врз венецуелската индустрија би можела да ги загрози тие испораки.

Кина обезбедува приближно 4 до 5 проценти од својот увоз на нафта од Венецуела. Губењето на дел или на целата количина би било удар, но не и катастрофа.

И додека продолжуваат напорите за повторно преговарање на трговските односи меѓу Кина и САД, венецуелската нафта е само дел од многу пошироката слика.

Во секој случај, претседателот Трамп се обиде да ги минимизира шпекулациите дека овие испораки би биле ограничени. „Тие ќе добијат нафта“, изјави тој за „Фокс енд Френдс“ на 3 јануари.

Друг важен аспект од економските односи е проценетиот долг на Венецуела кон Кина од 10 милијарди долари. Дел од тој долг се отплаќа преку извоз на нафта.

Куба

Можеби ниту една земја не е толку ранлива на прелеаните ефекти од американските дејства во Венецуела како Куба.

Земјата, која се соочува со сериозен недостиг на готовина, во голема мера зависи од Венецуела за енергетски испораки, кои ги добива по силно субвенционирани, исклучително ниски цени.

„Венецуела денес ѝ испорачува на Куба околу 35.000 барели нафта дневно, што претставува 50 проценти од нафтениот дефицит на островот“, изјави за РСЕ, Хорхе Пињон од Универзитетот во Тексас во Остин.

„Куба нема финансиски ресурси да го покрие тој можен недостиг“, рече тој, додавајќи дека за да се избегне економски колапс „американската влада би можела да побара од Венецуела да продолжи да ја снабдува Куба со нафта“.

Спроведувањето на американските санкции веќе доведе до намалување на енергетските испораки, а Куба се соочува со сè почести прекини на електричната енергија што ги погодува и домаќинствата и индустријата.
Трамп изјави дека Куба „оди кон целосен пораз“.

Врнежите предизвикаа поплави во неколку градови на Косово

Илустративна фотографија. Поплава во Скендерај, 20 јануари 2023 година.
Илустративна фотографија. Поплава во Скендерај, 20 јануари 2023 година.

Хидрометеоролошкиот институт на Косово (ХМИК) соопшти дека во неколку градови, главно во западниот дел на земјата се предизвикани поплави поради врнежи.

ХМИК нагласи дека континуираните врнежи во текот на неколку дена на места како што се Ѓаковица, Јуник, Дечани, Малишево, Ораховац и Клина предизвикале излевање на реките и потоците од коритата.

„Се очекува овие врнежи, со различни интервали и интензитет, да продолжат и во наредните денови, што ќе доведе до локални поплави, проблеми во комуникацијата, во канализациските системи, како и тешкотии во сообраќајот“, се наведува во соопштението на ХМИК.

Според овој институт, главните реки на Косово бележат „благ“ пораст на водостојот.

Регионалната компанија за водоснабдување „Митровица“ соопшти дека привремено го прекинала снабдувањето со вода поради „високо ниво на заматеност во каналот Ибар–Лепенац“.

„Оваа мерка се презема со цел да се гарантира безбедноста и квалитетот на водата за пиење, во согласност со важечките технички и здравствени стандарди“, се наведува во соопштението на компанијата.

На социјалните мрежи, жители, општински функционери и локални медиуми од различни градови објавија фотографии и видеоснимки кои прикажуваат поплави.

Градоначалникот на општина Скендерај, Сами Луштаку објави неколку фотографии од своите посети на поплавените населени места и изјави дека екипите за вонредни состојби се ангажирани на терен од полноќ.

Во Малишево, штабот за вонредни состојби упати апел до граѓаните да избегнуваат „непотребни движења“ поради поплавите.

„Многу патишта се блокирани од вода како резултат на порастот на нивото на реките и потоците, што го отежнува сообраќајот. Затоа ги молиме граѓаните да не се движат без потреба и во случаи кога движењето е неопходно, да користат алтернативни правци“, се наведува во соопштението на општина Малишево.

Неколку други општини, како што се Ѓаковица и Клина, издадоа слични соопштенија.

Косово во последните години се соочи со поплави, кои главно предизвикаа материјална штета.

Повторно затворање на Евзони вечерва, без блокади во следните два дена

Граничниот премин Богородица-Евзони на македонско-грчката граница.
Граничниот премин Богородица-Евзони на македонско-грчката граница.

Граничниот премин Евзони кон Северна Македонија вечерва повторно ќе биде затворен за сообраќај поради протестите на грчките земјоделци, а според информациите преминот ќе биде блокиран од 18 до 22 часот по македонско, односно од 19 до 23 часот по грчко време, за влез и излез од Грција за сите видови возила.

Земјоделците од северниот дел на Грција, кои од 1 декември со трактори се стационирани на Евзони, и денеска ќе го блокираат сообраќајот во траење од четири часа, како продолжение на нивните протестни активности.

Во следните два дена, сепак, не се планирани блокади. Поради утрешниот празник Богојавление (Водици) во Грција, земјоделците најавија дека автопатиштата и граничните премини ќе бидат отворени за непречено движење на граѓаните, што ќе важи и за Евзони во вторник и среда.

На вчерашниот состанок на земјоделците од целата земја била донесена одлука за 48-часовна блокада в четврток и петок, кога се планира затворање на националната патна мрежа, споредните патишта, клучните сообраќајници и граничните премини во Грција.

Земјоделците од Евзони ќе се приклучат на овие активности, но најавија дека в среда ќе одржат состанок на кој ќе одлучат дали граничниот премин ќе биде затворен само за товарни возила или за целиот сообраќај.

Протестите на грчките земјоделци траат повеќе од еден месец и започнаа на 30 ноември. Тие порачуваат дека се подготвени за дијалог со Владата, но само доколку бидат исполнети сите нивни барања. Во врска со состојбата, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска свика вонреден состанок.

Украина пред клучни европски разговори додека продолжуваат смртоносните руски напади

Пожарникари во приватна болница оштетени за време на руските напади со беспилотни летала и ракети во Киев на 5 јануари.
Пожарникари во приватна болница оштетени за време на руските напади со беспилотни летала и ракети во Киев на 5 јануари.

По месеци неизвесен напредок во мировниот процес, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев оваа недела ќе се фокусира на два состаноци со европските сојузници со надеж дека ќе „го забрза крајот“ на војната на Русија против неговата земја.

Пред состаноците, руски воздушен напад врз украинскиот главен град Киев и околниот регион уби најмалку две лица, а неколку други беа повредени, соопштија официјални претставници рано наутро на 5 јануари.

Државната служба за вонредни состојби на Украина објави дека нападот предизвикал пожар во медицинска установа во областа Оболон во Киев, каде што имало оперативно одделение. Откако пожарот бил изгаснат, во зградата било пронајдено тело, додаде службата за вонредни состојби.

Според воздухопловните сили на Украина, Русија започнала напади преку ноќ со девет ракети, вклучувајќи балистички и 165 беспилотни летала.

Украина подоцна на 5 јануари ќе биде домаќин на состанок на началниците на генералштабовите на европските земји, вклучувајќи ги и оние на клучните поддржувачи на Киев, Велика Британија, Франција и Германија.

На 6 јануари, францускиот претседател Емануел Макрон ќе биде домаќин на собир на европските лидери во Париз на уште поважна сесија, на која францускиот лидер вети дека поддржувачите на Киев ќе дадат „конкретни“ обврски за безбедноста на Украина.

Пред разговорите, Зеленски вети дека неговата земја е подготвена за сите можности.

„Ќе има состаноци во Европа кои мора да бидат уште еден придонес за нашата одбрана и за забрзување на крајот на војната“, рече тој на 4 јануари во своето вечерно видео обраќање.

„Украина ќе биде подготвена за двата можни пата напред - дипломатија, која ја следиме, или континуирана активна одбрана ако притисокот од нашите партнери врз Русија се покаже како недоволен.“

„Украина бара мир. Но, Украина нема да ја отстапи својата сила на никого“, додаде тој.

Еден ден претходно, Зеленски инсистираше дека ако не може да се постигне дипломатски крај на војната за време на мировните преговори, неговата земја ќе продолжи да се брани од целосната инвазија на Русија.

„Ако Русија го блокира сето ова и како што реков, тоа зависи од нашите партнери - ако нашите партнери не ја принудат Русија да ја запре војната, ќе има друг пат: да се одбраниме“, рече тој на 3 јануари.

Трамп во ноември 2025 година го притисна Зеленски да прифати мировен предлог од 28 точки што многумина го сметаа за силно фаворизирачки за Русија.

Украина и нејзините европски сојузници - предводени од Велика Британија, Франција и Германија - се потрудија да развијат контрапредлог, на крајот предлагајќи план од 20 точки што ги опфаќаше повеќе интересите на Киев, особено безбедносните гаранции и територијалниот интегритет.

На своите состаноци со Европејците, Зеленски веројатно ќе инсистира на потребата од безбедносни гаранции од Европа, но исто така и во комбинација со посакуваните цврсти гаранции и од Соединетите Американски Држави.

Макрон зборуваше за таканаречената Коалиција на волјата - неформална групација од повеќе од 20 западни земји кои изразија поддршка за Украина и предложи конкретни предлози да бидат презентирани на собирот во Париз.

Трамп го отфрла тврдењето на Кремљ

Зеленски изрази скептицизам во врска со вистинскиот интерес на рускиот претседател Владимир Путин за постигнување мировни услови.

На 29 декември, Русија тврдеше дека Украина нападнала една од резиденциите на Путин и рече дека Москва ќе возврати и ќе го преиспита својот став во преговорите.

Киев жестоко негираше дека го таргетирал Путин или која било од неговите резиденции, обвинувајќи го Кремљ дека го користи тоа како изговор за напад врз цивилни области.

Трамп првично навести дека можеби ги прифатил руските тврдења. Но, откако ЦИА заклучи дека нападот никогаш не се случил, тој се чини дека застана на страната на Киев и го повтори тој став на 4 јануари.

„Не верувам дека се случил тој напад“, им рече Трамп на новинарите. „Има нешто што се случило прилично во близина, но нема никаква врска со ова“.

На 4 јануари, Зеленски рече дека Русија започнала повеќе од 2.000 воздушни напади врз Украина во текот на изминатата недела и го повтори својот повик за дополнителна помош од Западот.

„Стабилноста и предвидливоста на помошта за Украина се она што навистина може да ја поттикне Москва кон дипломатијата. Сметаме на понатамошна одбранбена помош“, напиша Зеленски на социјалните медиуми.

Тој додаде дека во текот на периодот, Русија лансирала повеќе од 1.070 лизгачки бомби, речиси 1.000 дронови и шест ракети против Украина.

„Секоја ракета за системи за воздушна одбрана што сега е некаде во складиште кај партнерите навистина може да заштити животи“, рече тој.

Заедно со ноќните руски напади со дронови и ракети, Украина се бори да се држи против руските напаѓачи на истокот од земјата.

На 4 јануари, Министерството за одбрана на Русија соопшти дека нејзините сили ја презеле контролата врз градот Подоли во североисточниот украински регион Харков.

Министерството, исто така, соопшти дека руските единици за воздушна одбрана уништиле 57 дронови над Московскиот регион само на 4 јануари - од 437 соборени над земјата во текот на денот.

Тврдењата не можеа независно да се потврдат.

Рубио: Владата во Куба е „огромен проблем“

Американскиот државен секретар Марко Рубио
Американскиот државен секретар Марко Рубио

Американскиот државен секретар Марко Рубио ја опиша владата на Куба како „огромен проблем“ во неделата, еден ден откако администрацијата на Доналд Трамп го зароби венецуелскиот лидер Николас Мадуро и го изнесе од земјата со авион.

На прашањето дали Куба би можела да биде следна по драматичната воена операција на САД во Каракас, Рубио во интервју за NBC News рече дека не сака да шпекулира за „идните чекори“.

„Но, не мислам дека е мистерија што ние не сме големи обожаватели на кубанскиот режим, кои, патем, се оние што го поддржуваа Мадуро“, изјави Рубио.

Родителите на Рубио емигрирале од Куба во Соединетите Држави во 1956 година за време на диктатурата на Фулгенсио Батиста. Неговиот татко подоцна работел како шанкер, а неговата мајка како хотелска собарка.

Рубио долго време инсистирал Вашингтон да заземе цврст став кон Хавана, вклучително и кога бил сенатор од Флорида.

Американската војска изврши голем напад врз Венецуела рано наутро во саботата. За време на операцијата наречена „Апсолутна решителност“, елитните единици ги заробија Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес, и ги изведоа од земјата.

Мадуро сега е задржан во притворен центар во Њујорк, каде што треба да му се суди по обвиненија, вклучувајќи заговор за извршување нарко-тероризам и заговор за увоз на кокаин.

Според активистите за човекови права, во Куба моментално се наоѓаат повеќе од илјада политички затвореници.

Односите меѓу Хавана и Вашингтон се напнати со децении. Чекорите кон претпазливо зближување под водство на поранешниот американски претседател Барак Обама подоцна беа повлечени од неговиот наследник, Доналд Трамп.

Мицкоски: Македонската Влада ги поддржува аргументите на САД за Мадуро

Христијан Мицкоски, премиер на Република Северна Македонија
Христијан Мицкоски, премиер на Република Северна Македонија

Ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави. Ова го изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски по вчерашното приведување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од американските воени сили.

„Мене најмногу ме зaгрижува громогласната тишина на истите тие европски и светски земји во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на Македонија и македонскиот народ“, одговори Мицкоски.

На прашање дали американскиот потег со приведување на Мадуро е преседан којшто отсега може да се случи каде било, Мицкоски посочи на случувањата со македонскиот случај и спорот со името.

„Ппреседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на ОН. Кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име и се лажеа луѓето дека за рок од три-четири години ќе станеме членка на Европската Унија, членка на НАТО итн. Тоа се вистински преседани... Имаше и Хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше и тогаш имаше громогласна тишина од сите тие што денеска коментираат... А дали ова е преседан или не е, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави“, изјави Мицкоски.

Николас Мадуро од Венецуела е во американски затвор откако беше транспортиран во Њујорк по неговото апсење од страна на американските сили.

На прес-конференција, американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша воената операција во Венецуела спроведена за апсење на Мадуро, додавајќи дека САД привремено ќе ја „управуваат“ јужноамериканската земја „сè додека не можеме да направиме безбедна, правилна и разумна транзиција“.

Американскиот државен обвинител Пам Бонди изјави дека Мадуро и неговата сопруга - која исто така беше заробена - се соочуваат со кривични обвиненија во Њујорк, обвинети за злосторства поврзани со трговија со дрога.

Нападите на САД во Венецуела и заробувањето на Мадуро беа остро осудени од некои од сојузниците на Каракас, како и од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој рече дека американската воена акција претставува „опасен преседан“.

Вучиќ: Меѓународниот правен поредок „не функционира“

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „јасно е дека меѓународниот правен поредок и Повелбата на Обединетите нации (ОН) не функционираат“. Ова го изјави денеска, откако вчера Соединетите Американски Држави (САД) го уапсија и пренесоа венецуелскиот претседател Николас Мадуро во Њујорк.

„Светот е доминиран од правото на сила, правото на посилниот, и тоа е единствениот принцип на модерната политика што постои во светот денес“, рече Вучиќ во обраќањето до медиумите на 4 јануари во Белград по седницата на Советот за национална безбедност.

На 3 јануари, САД извршија акција врз Венецуела и го уапсија претседателот на земјата Николас Мадуро и неговата сопруга. Потоа беа однесени во Њујорк, каде што се очекува да се соочат со обвиненија поврзани со трговија со дрога.

Српските власти одржуваат блиски врски со Мадуро, за кого Европската унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД) веруваат дека нема легитимитет на демократски избран претседател поради изборни нерегуларности.

„Сакаме пријателство со САД, но наше е да кажеме кога има кршење на меѓународното право“, рече тој.

Вучиќ коментирајќи ја акцијата на САД

Вучиќ последен пат разговараше со Мадуро по телефон на 21 август 2025 година. Во објава на својот Инстаграм профил, Вучиќ го нарече Мадуро „голем пријател“ на Србија и изјави дека разговарале за зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји.

Еден од клучните аргументи за зајакнување на соработката со Венецуела што го презентираа српските претставници е дека Венецуела не ја признава независноста на Косово, која беше прогласена во 2008 година.

На инаугурацијата на Мадуро за претседател во јануари минатата година присуствуваше претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, по што следеа критики од Брисел.

Србија и Венецуела потпишаа договор за укинување на визите во 2023 година и најавија отворање на српска амбасада во земјата, која граничи со Колумбија, Бразил и Гвајана.

Венецуелскиот режим е под санкции од Европската Унија (ЕУ), кон чие членство се стреми Србија, САД, Обединетото Кралство и Канада.

Над 30 убиени и неколкумина киднапирани во Нигерија

Полициски служби во Нигерија
Полициски служби во Нигерија

Повеќе од 30 лица беа убиени, а неколку други киднапирани од „бандити“ во централната нигериска држава Нигер, соопшти локалната полиција на 4 јануари.

Бандитите го нападнаа селото Касуван Даџи во округот Кабе и запалија пазар, пред да ограбат продавници за храна.

„Над 30 жртви ги загубија животите за време на нападот, а некои лица беа и киднапирани“, изјави портпаролот на полицијата во Нигер, Васиу Абиодун.

Киднаперите, кои локалното население ги нарекува бандити, често вршат масовни киднапирања за откуп и ограбуваат села во деловите од северозападна и северноцентрална Нигерија. Но, државата Нигер е една од најтешко погодените во последните месеци.

Во ноември, вооружени банди киднапираа повеќе од 250 ученици и персонал од католичко училиште во државата. Властите објавија нивно ослободување во две групи недели подоцна, без да кажат дали е платен откуп.

Израелската војска уби тројца Палестинци во Газа, соопштија локалните власти

Последици од израелскиот напад врз автомобил во Газа
Последици од израелскиот напад врз автомобил во Газа

Израелските сили убија најмалку тројца Палестинци во одделни инциденти во градот Кан Јунис, јужен дел од Појасот Газа, во неделата, соопштија локалните здравствени власти.

Медицинските лица известија дека меѓу загинатите има 15-годишно момче, рибар убиен надвор од областите што сè уште се окупирани од Израел во енклавата и трет маж кој бил застрелан и убиен источно од градот во областите под израелска контрола.

Израелската војска немаше непосреден коментар за пријавените инциденти. Израел изврши повеќекратни воздушни напади откако прекинот на огнот стапи на сила во октомври, велејќи дека тие имаат за цел да спречат напади или да уништат инфраструктурата на милитантите.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека 420 Палестинци се убиени откако започна прекинот на огнот, додека милитантите убија тројца израелски војници.

Израел и Хамас се обвинија за прекршување на договорот за прекин на огнот, постигнат под посредство на американскиот претседател Доналд Трамп.

Израел ја задржа контролата врз 53% од Газа според првата фаза од планот на Трамп, кој вклучуваше ослободување на заложниците што ги држеа милитантите во Газа и на Палестинците приведени од Израел.

Последниот заложник што треба да се предаде е оној на израелски полицаец убиен на 7 октомври 2023 година - денот кога милитантите од Газа го нападнаа Израел, убивајќи 1.200 и земајќи околу 250 заложници, според израелските пресметки.

Во воениот напад на Израел врз Газа се убиени повеќе од 71.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа, и доведе до обвинувања за геноцид и воени злосторства што Израел ги негира.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG