Достапни линкови

Граѓаните разочарани од одолговлекувањето на датумот од ЕУ


Натпис Република Северна Македонија, македонско знаме и знаме на ЕУ
Натпис Република Северна Македонија, македонско знаме и знаме на ЕУ

Некои од граѓаните се свесни дека на домашен план имаме големи слабости во многу области, меѓутоа, според нив, отворањето на преговорите со ЕУ би ја придвижило земјата напред. Недобивање на датум, според експертите, може да поттикне нов баран на иселување особено на младите.

Граѓаните со интересирање следат што се случува во Брисел откако минатата недела Европската комисија даде јасна препорака за отпочнување преговори со нашата земја. Пред јунскиот совет на министри на ЕУ кој треба да одлучи кога земјава ќе добие датум за преговори, граѓаните се скептични дали тоа ќе се случи ова лето.

Некои од луѓето се свесни дека на домашен план имаме големи слабости во многу области, меѓутоа, според нив, отворањето на преговорите би ја придвижило земјата напред. Еве што изјавија во видео анкетата на РСЕ:

Граѓаните скептични за датумот за преговори со ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:42 0:00

„Редно е веќе да добиеме датум.“

„Некако многу се одолговлекува ова, може оваа година не, но за 10 години сигурно.“

„Па нема напредок политичката ситуација е тешка, Јавното обвинителство исто така, тие фактори веројатно влијаат врз напредокот на земјата. Би сакал да влеземе, но многу тешко.“

„Ништо, ние сме навикнати 30 години чекаме, па ќе чекаме уште“, велат дел од граѓаните

Голем дел од младите условите за подобар живот ги поврзуваат со членство во ЕУ и оттука, дел од луѓето коментираат дека евентуалното недобивањето на датум ќе предизвика разочарување особено кај нив. Негативните последици луѓето ги гледаат во тоа што младите ќе продолжат да си заминуваат од земјата во потрага по економска благосостојба. Добивањето на датум за преговори со ЕУ граѓаните го поврзуваат и во пакет како награда за Преспанскиот договор со кој се промени името на земјата, па велат дека отсуството на награда за жртвата што ја направи земјата може да се одрази исто така негативно.

„Еве ќерката моја не сака да се врати зошто не гледа перспектива и веројатно ќе влијае негативно врз младите.“

„Ќе продолжат младите да одат надвор, да ја напуштаат државата.“

„Катастрофа си го дадовте името за ништо, за жал.“

„Не сме таква земја што може да биде меѓу тие силни држави, така што тешко.“

„Далеку сме од ЕУ и да ни дадат датум, имавме толку убав настан со победата на ракометарите и пак се поделивме, треба прво да го смениме менталитетот па после...“, велат дел од граѓаните.

Аналитичарите укажуваат дека во јавноста датумот за преговори со ЕУ и членство тесно се поврзуваат со капацитетот на државата и општеството да постигне напредок и прогрес. Поаѓајќи од тој став тие велат дека евентуално незапочнување на преговорите кај луѓето во земјава ќе предизвика опаѓање на надежите за остварување на прогрес и напредок.

Политичкиот аналитичар Сашо Клековски вели дека негативните последици од непочнување на преговорите може да се одразат врз целото општество и да бидат многу длабоки.

„Таквото паѓање на надежта може да доведе до последици и во миграција и во економијата и други аспекти на живеење. Може да поттикне нов баран на иселување, особено на младите, зашто ако нема надеж за просперитет во земјата зашто би останале. Песимизмот е поврзан и со помал раст на економија заради намалување на потрошувачката и миграциите“, изјави Сашо Клековски.

Социологот Ѓорги Тоновски вели дека од суштинска важност е да се донесе одлука за определување датум за почеток на пристапните преговори.

„Целата оваа енергија која населението ја потроши на она што значи излез од ова изолација во која живееме со децении ќе отиде во воздух, дека залудно сме се радувале на успешните преговори досегашни. Бидејќи без тие пристапни преговори може младите до дојдат до заклучокот дека состојбата не може да се промени и да се најде некакво решение на западот“, изјави Тоновски.

Она што е лошо од евентуално недобивање датум за преговори, Тоновски го поврзува и со можно нарушување на кредибилитетот на ЕУ во очите на граѓаните, но и во охрабрување на анти-западни движења.

„Тоа ќе го искористат и ќе им дадат сила на анти-европските елементи кои се раководени од други центри. Може со одлагање на членството во ЕУ да дојде дури и до паѓања на рејтингот на ЕУ, може кај некои да предизвика размислување од типот - Кај сме? и Никој не сака“, вели професор Тоновски.

Земјава е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, а годинешната препорака за почеток на преговори со Европската унија е десетта по ред.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG