Достапни линкови

Ќе има ли уште „кнедли“ во преговорите со Грција?


Царинската управа постави табла со новото име Република Северна Македонија на граничниот премин Богородица на 13 февруари 2019
Царинската управа постави табла со новото име Република Северна Македонија на граничниот премин Богородица на 13 февруари 2019

По поразот на европските избори, грчкиот премиер Алексис Ципрас најави предвремени парламентарни избори, на кои според анкетите води опозициската Нова демократија на Кирјакос Мицотакис, кој се противи на Преспанскиот договор. Дали тоа може да се одрази на македонските евроинтеграции и ќе треба да ли земјава да голтне дополнителни кнедли во име на интеграциите во ЕУ?

Грчката владејачка партија Сириза ја плати цената за Преспанскиот договор на европските и на локалните избори во земјата, но евентуалната промена на власта во Грција нема радикално да влијае врз договорот за името меѓу Македонија и Грција, иако е можно да има одредено заладување во преговорите за историјата и за трговските ознаки, каде што Македонија ќе биде принудена на отстапки.

По поразот на изборите во Грција, шефот на грчката дипломатија Јоргос Катругалос изјави дека биле свесни дека ќе загубат гласови поради Преспанскиот договор, но оти тоа не е единствената причина, затоа што освен во северна Грција, каде што е најсилно противењето на Договорот, Сириза изгубила и на други места кои се сметаат за бастиони на левицата.

„Знаевме дека ќе изгубиме одредени гласови поради Преспа и ова точно ја покажува вредноста на премиерот како национален лидер дека националниот интерес на земјата, како што самиот и ние го разбиравме, го стави над партискиот интерес“, изјави шефот на грчката дипломатија во интервју за телевизијата Контра.

Партијата Потамос, што значи река, чии пратеници гласаа за ратификација на Преспанскиот договор во грчкиот парламент, на европските избори доби само 1,5 отсто од гласовите и не освои ниту едно место во Европскиот парламент. Партијата во изминатиот период се соочи со сериозни проблеми, особено поради Договорот од Преспа и несогласувањата во партијата во однос на тоа дали требаше да го поддржат или не, како и за тоа дали требаше да гласаат за доверба на Владата на Ципрас или не, при изјаснувањето непосредно пред ратификацијата на спогодбата меѓу Скопје и Атина. По изборите, партискиот лидер Ставрос Теодоракис поднесе оставка.

Аналитичарот Сашо Клековски вели дека и пред Преспанскиот договор Нова демократија имала повисок рејтинг од Сириза и затоа изборните резултати не може да се сметаат за изненадувачки.

„Од друга страна, победата на локалните избори на одредени личности кои жестоко беа против Преспанскиот договор, кои на претходните избори имале многу помали рејтинзи од остварените резултати сега, сугерира дека, посебно во Северна Грција или грчка Македонија, Преспанскиот договор секако негативно влијаел врз позициите на Сириза и ги фаворизирал кандидатите кои жестоко се противат на Преспанскиот договор“, вели Клековски.

Македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас при потпишувањето на Преспанскиот договор
Македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас при потпишувањето на Преспанскиот договор

Македонија ќе мора да голтне „уште кнедли“ во преговорите со Грција

Во пресрет на најавените предвремени парламентарни избори во Грција, според анкетите, води опозициската Нова демократија на Кирјакос Мицотакис, кој смета дека Преспанскиот договор е штетен за грчките интереси, иако вели дека е правно обврзувачки. Во неодамнешно интервју за белгискиот весник „Ле Соар“ тој рече дека нема да се откаже од правото на вето за пристапувањето на соседната држава во Европската унија. Одговарајќи на новинарски прашања пред околу две недели, Мицотакис изјави дека според Преспанскиот договор, Грција не може да стави вето на почнувањето на пристапните преговори за членство на земјава во ЕУ.

„Очигледно, има можност за време на разговорите по 35-те поглавја да приговара и да стави вето за време на целиот процес. Покрај тоа, ќе повторам дека господинот Ципрас е одговорен кон грчкото општество и кон грчкиот народ за лошиот договор што го потпиша со нашите соседи, со што прв пат се призна „македонска националност“, „македонски идентитет“, а дури не се заштитени ниту македонските производи од северна Грција. Јас детално ги презентирав сите чекори што ќе ги преземеме за да се ублажат негативните последици од овој договор. Прво и основно, зајакнување на брендот на нашата Македонија, која јас ја нарекувам вистинска Македонија, во консултација со нашите регионални гувернери во Централна Македонија, Источна Македонија, Западна Македонија и Епир. Ќе го заштитиме брендот Македонија затоа што ни припаѓа и ќе ги заштитиме сите грчки компании кои се оставени да висат поради лошиот договор што не ги заштитува нивните права“, рече неодамна Мицотакис.

Пред околу две недели се одржа првиот состанок на Комисијата за трговски ознаки и трговските имиња, која треба да ги договори условите за користење на термините „Македонија“ и „македонски“ од приватните фирми. Трговските ознаки и имиња за комерцијална намена не беа договорени со Преспанскиот договор, туку Македонија и Грција се согласија „да ги охрабрат своите деловни заедници“ преку искрен дијалог да постигнат заемно прифатливи решенија. За оваа обврска годинава се формира меѓународна група на експерти со претставници на двете држави, која треба да ја заврши својата работа во рок од три години.

Во меѓувреме работи и комисијата за образовни и историски прашања меѓу двете земји.

Лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис
Лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис

Александар Кржаловски од МЦМС вели дека Преспанскиот договор е завршена приказна и во Грција и нема да има промени во Договорот, но оти ако се смени власта во Грција, ќе има промена во однесувањето.

„Не очекувам блокади во НАТО, бидејќи Грција веќе го ратификува протоколот и тоа е веќе исто така завршена приказна за мене, но очекувам во ЕУ да има побајаги сопки и допрва да има опструкции и дополнителни барања за отстапки и комплицирање на нашите евроинтеграции“, вели Кржаловски.

Со сличен став е и Љупчо Петковски од Евротинк.

„Не сум преголем песимист во однос на тоа дека доаѓањето на новата влада ќе значи оспорување на Преспанскиот договор. Ќе има проблеми со интерпретација, ќе има секојдневни проблеми со имплементацијата, различни интерпретации итн. Сепак, не верувам дека Грција, па дури и Мицотакис би ги користел тие недоразбирања како изговор за натамошно блокирање. Мислам дека тоа е затворена приказна дури и во Грција, дури и покрај таа предизборна реторика на елитите, тука што искрено не очекувам дека ќе има голема драма во тој дел“, вели Петковски.

Клековски исто така не очекува блокирање на македонските евроинтеграции, но оти земјава можеби ќе мора да голтне „уште кнедли“ во дополнителните преговори за прашања кои произлегуваат од Преспанскиот договор.

„Нема да има блокирање, туку ќе има цврсти ставови, ќе има ултимативни ставови, како што можеби се случува сега во Комисијата за историја со Бугарија, каде што Комисијата од бугарска страна ја води еден од порадикалните Бугари во однос на македонското прашање, поранешниот амбасадор во Скопје и историчар, и тогаш ќе биде или ќе кажете дека ова и ова е вака или ние не одиме понатаму. Тогаш ќе биде оставено на нас да си донесеме сопствена одлука, дали сакаме да голтнеме уште некоја кнедла или да застанеме таму“, вели Клековски.

Сепак, тој посочува дека за неколку години, кога преговорите со ЕУ би стигнале до посензитивните поглавја, ситуацијата можеби ќе се релаксира, а дотогаш Македонија веќе ќе биде во НАТО па можеби ќе може да го користи и тоа како некаква предност за омекнување на тврдите грчки ставови.

Интеграциите во ЕУ може да ги блокира и некој друг

Македонија во февруари го потпиша пристапниот протокол за НАТО, а половина од членките, вклучително и Грција, веќе го ратификуваа, така што се очекува земјава да стане членка на Алијансата до крајот на оваа или на почетокот на наредната година.

Македонија доби позитивен извештај и препорака за почеток на преговори со ЕУ, но сè уште е неизвесно дали ќе почнат преговорите, со оглед на тоа што одредени земји-членки на Унијата се противат на проширувањето. Дополнително, во многу земји во ЕУ, евроскептичните партии освоија добар резултат, па тоа исто така може да влијае на почетокот на преговори.

Франција е една од земјите кои сакаат да го забават процесот на проширување. На прашањето дали Франција ќе го поддржи отворањето на преговорите со ЕУ, амбасадорот Кристијан Тимоние рече дека не може да прејудицира, но оти позитивниот извештај ќе се дискутира со симпатии и наклонетост.

Во меѓувреме и претседателот на Комисијата за европска политика на Бундестагот, Гунтер Крихбаум од Христијанско-демократската унија на канцеларката Ангела Меркел рече дека нивната партија е против брз почеток на преговори за членство со Македонија и со Албанија и оти одлуката веројатно ќе биде донесена во октомври.

Клековски вели дека темата за проширување во Франција е заглавена во длабока кал, но оти е можно и „да се одглави“.

„Претпоставувам дека сè е дел од сложените преговори во многу подрачја што Франција ги води со своите други партнери. Затоа за мене е многу поважно колку на Германија ѝ е важно проширувањето и колку е Германија спремна можеби на други компромиси за да го поттикне проширувањето“, вели Клековски.

Договорот од Преспа по поразот на Ципрас
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:27 0:00

Договорот од Преспа и поразот на Ципрaс

Принуден да побара предвремени избори по слабите резултати на изборите за европарламентот и за локалните власти, грчкиот премиер Алексис Ципрас го прави последниот потег со цел да ја задржи власта. За некои тамошни аналитичари, предвремените парламентарни избори се цената што треба да ја плати Ципрас за справувањето со тешката финансиска криза, но и за договорот од Преспа.

Гоце Атансов

Грција се соочи со предвремени општи избори откако владата на премиерот Алексис Ципрас и неговата левичарска партија Сириза доживеаја тежок пораз на локалните и на изборите за Европскиот парламент. Заостанувањето зад опозициската Нова демократија за околу 9,5 проценти го натера Ципрас да реши да не го истера целосниот мандат што му истекува во октомври. Ципрас најави предвремени парламентарни избори по 2 јуни, односно по вториот круг од локалните избори.

„Веднаш по вториот круг од локалните избори ќе побарам од претседателот на Републиката итно закажување на национални избори, така што на крајот грчкиот народ ќе биде единствениот што ќе ја донесе конечната одлука“, рече тој.

Лидерот на опозициската „Нова демократија“ Кирјакос Мицотакис исто така оцени дека предвремените избори се единственото можно решение:

„Премиерот мора да ги преземе своите одговорности. За доброто на земјата тој мора да поднесе оставка и земјата треба да одржи национални избори, колку што е можно побрзо и на крајот ова е единственото јасно решение“, рече тој.

Ципрас, пак, говорејќи пред неговите сопартијци, рече дека е најважно Сириза брзо да стане од последниот удар:

„Ние изгубивме битка, но клучната војна е пред нас, а ние немаме луксуз или право да се повлечеме. На крајот на краиштата научивме секогаш да се однесуваме одговорно и да се подигнеме, и тоа е она што го правиме сега“, рече тој.

Повеќето жители на Атина велат дека очекувале премиерот да побара избори по големиот јаз во изборниот резултат и поради незадоволство на јавноста со економските реформи. Даночните кратења и пензии што ги објави Ципрас во мај не беа доволни за да се задоволат гласачите.

„Оваа партија мора да си оди, не само што ни донесе трет пакет финансиска помош, туку ќе не однесе и до четврти пакет“, вели 69-годишниот пензионер Спирос Мурмурис.

„Очекуваме Ципрас сега да направи потези како што се делење бенефиции со цел да се привлечат луѓе, нешто што не функционираше порано, како намалувањето на даноците за рестораните кое не го даде очекуваниот одговор“, вели 30-годишниот работник Христос Боцакос .

„Ништо од она што се случува не е добро и никој навистина не се грижи за оваа земја. Тоа е она што ние постојано го гледаме. Ние ги пробавме сите, никој не ја сака Грција, тие само се грижат за себе“, вели Елени Пара.

„Тежок пораз, смела одлука“, напиша провладиниот весник „Ефимерида Тон Синтактон“, додавајќи дека националните избори најверојатно ќе се одржат на 30 јуни. „Изборите по силната порака за промени“, пак, беше насловот на конзервативниот дневен весник Катимерини, кој оцени дека тоа било „пораз на популизмот“.

Своевремено жестокиот левичар, 44-годишниот Ципрас се смири по освојувањето на власта до која дојде со пораката до странските кредитори да заминат од Грција. Но, неколку месеци потоа тој беше принуден да побара уште една финансиска помош, особено откако се соочи со изборот: дали да остане во еврозоната или да излезе во финансиската дивина. Во август 2015, тој поднесе оставка и тоа само една година откако стана премиер, бидејќи беше присилен да прифати уште една финансиска помош. Оваа своевидна капитулација беше многу негативно пречекана од многу гласачи. Тие беа дополнително вознемирени и од Договорот од Преспа со кој се реши долготрајниот спор околу името со Северна Македонија која ја држеше земјата надвор од Европската унија и НАТО. Но, за многу Грци, тоа беше неприфатлив национален пораз и присвојување на грчкото национално наследство. За некои аналитичари, токму Договорот од Преспа беше еден од најважните фактори за изборниот пораз на Ципрас.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG