Достапни линкови

Неизвесност од ЕУ за пакетот за проширување


Радмила Шекеринска, Зоран Заев и Бујар Османи

Еврокомесарот Јоханес Хан утре ќе го претстави пакетот за проширување на ЕУ. Дел од експертите очекуваат извештајот за напредокот на земјава да биде позитивен и да претставува своевидна поддршка за продолжување на реформската агенда.

Еврокомесарот Јоханес Хан утре ќе го претстави пакетот за проширување на ЕУ, потврди Комитетот за надворешна политика на ЕП кој ќе расправа по прашањето. Според процедурата, министрите за надворешни работи на земјите - членки на ЕУ, ќе треба да расправаат за отворањето на преговори со Северна Македонија и Албанија, веднаш по објавувањето на пакетот.

Според дипломатски извори, нема согласност од сите земји- членки на ЕУ за отворање на преговорите, бидејќи во некои од нив се потребни процедури на национално ниво, а временската рамка не го дозволува тоа. Кај други земји - членки пак нема расположение за давање на зелено светло, а за отпочнување на преговорите е неопходна едногласна одлука од сите земји- членки.

Инаку, во пресрет на годишниот извештај за напредокот на нашата земја, очекувањата на дел од експертите се позитивни. Извршниот директор на Центарот за европски стратегии „Евротинк“ Љупчо Петковски очекува најпозитивен извештај досега, иако како што додава тонот ќе биде одреден од големите политички динамики, а не од реалното испорачување на реформите.

„Преспанскиот договор се смета за единствената добра вест од Балканот, другите држави имаат многу поголеми проблеми од нас, така што мислам дека нашиот извештај ќе биде попозитивен од сите извештаи досега. Нема да бидеме насликани како држава во која тече „мед и млеко“, но ќе се даде позитивен сигнал и позитивна порака“, вели Петковски.

Тој очекува пофалби во делот на законите во безбедносната сфера, законот за антидискриминација, реформите во администрацијата и сл., но и истакнување на важноста за донесување на законот за СЈО, бидејќи е очигледно дека нема да се стигне со негово донесување дотогаш.

Но, тоа не значи дека извештајот нема да ги нотира и слабостите во одредени области или пак лошите резултати во некои од нив, оценува стручната јавност. Иако земјава никогаш не била поблиску да датум за преговори, забелешки секогаш ќе има, вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика.

„Беа направени клучни чекори, решавањето на спорот со Грција не смееме да го заборавиме. Јас би била оптимист доколку се спроведе договорот на кој се обврзавме, но и да им покажеме на земјите членки дека е исполнето доволно во областа на владеење на правото“, вели Кацарска.

Петковски е оптимист дека претстојниот извештај ќе ја отвори вратата за добивање датум за почеток на преговори, иако како што додава не се знае дали тој би бил во јули или на есен. Кацарска пак, смета дека постои варијанта датум да не добиеме во јуни, но независно од тоа дали тоа ќе се случи неколку месеци подоцна, или сега, факт е дека ние никогаш не биле поблиску до датум од сега, потенцира таа.

„Она што нас технички во овој момент ни треба е мандат од Советот на Комисијата да ја започне преговарачката рамка со која би се утврдиле деталите како би течел нашиот преговарачки процес, по што треба да се закаже и првата меѓувладина конференција“, вели Кацарска.

Владата во неколку наврати најави дека целта е првата меѓувладина конференција да се одржи во декември 2019 година, иако според експертите во периодот до тогаш, од наша страна треба да се направи што е можно повеќе во делот на реформите за да се подготвиме за процесот за преговори што ни претстои.

Инаку според нашите соговорници извештајот за напредокот на нашата земја е веќе напишан и токму затоа резултатите од европските избори нема да влијаат на неговата содржина. Тие додаваат дека европските избори всушност имаат влијание врз натамошните политички динамики во секоја од земјите членки поединечно и се многу добра лекција за тоа како функционира Европа.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG