Достапни линкови

Судбината на СЈО зависи од претседателските избори


Работна средба во Министерството за правда за Законот за јавно обвинителство со кој се решава статусот на СЈО. Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, еден од учесниците во работната група.

Бројот на гласови што ќе ги добијат претседателските кандидати ќе влијае на стартните позиции во политичките преговори за иднината на СЈО, велат аналитичарите. Амбициите на опозицијата за спас на осомничените сопартијци, растат со поддршката на нивниот кандидат, објаснуваат тие.

Претседателската трка ги стави во мирување преговорите за судбината на Специјалното јавно обвинителство кои се одвиваат меѓу власта и опозицијата. Но, токму изборниот резултати на Гордана Сиљановска - Давкова од првиот изборен круг ги смени и преговарачките позиции на опозицијата. Имено аналитичарите очекуваат дека поддршката од гласачите ќе ги стави ВМРО-ДПМНЕ во поповолна позиција. Веќе две недели нема официјален одговор од опозицијата на последниот владин предлог за измените, велат од Mинистерството за правда.

Аналитичарите посочуваат дека во партиските ставови и чекори на опозицијата за измените на Законот за јавното обвинителство се забележуваат зголемени апетити за спас на обвинетите од СЈО, со што е можно и да не се постигне компромис.

Аналитичарката Соња Стојадиновиќ вели дека тесното водство на кандидатот на власта Стево Пендаровски е достижно и тоа е една од причините зашто преговорите се статус кво. Таа додава дека ако победи кандидатката на опозицијата Гордана Сиљановска Давкова ќе биде лошо за позицијата на СЈО.

„Првата работа која очекувам да ја направат во една таква ситуација е комплетно да се закочи процесот за одржување во живот на СЈО и без разлика дали ќе се распишат или не предвремени парламентарни избори, затоа што ако победи госпоѓата Сиљановска ќе се закочи процесот и ВМРО-ДПМНЕ ќе бара исклучување на СЈО, затоа што тоа е единствениот начин на заштита на осомничените и обвинетите за криминал“, вели Стојадиновиќ.

Аналитичарот Џелал Незири, пак, вели дека досегашната поддршка што ја доби од граѓаните опозицијата нема да ја охрабри дополнително во преговорите за СЈО, затоа што во споредба со локалните избори минатиот пат имаат пад во поддршката.

„Но, она што може фактички да се случи е заслабување на позицијата на СДСМ поради падот што го доживеа на овие избори во споредба со локалните, така што сега ќе имаме послаби позиции на СДСМ а не посилни позиции на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Незири.

Со тоа што се уште се чека на ВМРО-ДПМНЕ да одговори со корекциите и за веќе обезбедените докази, покажува дека од оваа партија калкулираат и се надеваат дека зголемената поддршка од гласачите на претседателските избори ќе им биде ветер во грб за да ги зголемат своите барања или да не отстапат од одредени позиции, велат аналитичарите.

Од Министерството за правда велат дека во последниот предлог кој што го испратиле до ВМРО-ДПМНЕ на 17 април е предвидена комисија составена од државниот јавен обвинител и двајца обвинители од ЈОРСМ да одлучат за тоа кое обвинителство согласно надлежноста од новиот закон ќе ги продолжи веќе започнатите истраги и предистраги на СЈО, со тоа што надлежното јавно обвинителство ќе продолжи во фазата во која биле.

„Последната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дава надеж дека е прифатливо тоа што го разговаравме и го предложивме, а тоа е дека надлежните обвинители кои ќе ги добијат започнатите предмети ќе си одлучуваат за иднината на тие предмети, не ние политичарите да одлучуваме за иднината на таквите предмети. Се уште не сме го добиле на писмено предлогот на ВМРО-ДПМНЕ. За да можеме да зборуваме за доближување на ставовите треба од нас да не се бара затварање на сите постапки после првите 18 месеци и уништување на сте материјални докази собрани во нив затоа што тоа значи скриена амнестија. Таквото барање не е прифатливо за нас затоа што е против правната држава и интересите на граѓаните“, се вели во одговорот од Министерството.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на едно до последните телевизиски гостувања посочи дека нивниот став е СЈО да не постои како посебно одделение во ЈО, туку да се внесе во одделот за организиран криминал. Дополнително тој бара и одговорност од обвинителите кои ,според одлуката на Врховниот суд, покренале истраги и предистражни дејствија по 30 јуни 2017 година.

„Сè што е до тој датум, согласно законот за СЈО – нека си има завршница, а потоа да се покрене одговорност зошто некој постапувал спротивно на законите, некој неовластен тужител ја злоупотребил својата службена позиција и должност и отпочнал предистраги и истраги, дури поднел определени обвиненија и зошто некој од судиите ги прифатил тие обвиненија“, напоменува Мицкоски.

Најголемата опозициска партија останува и на барањето дека јавниот обвинител треба да се избира по предлог на опозицијата

За барањето на опозицијата за неупотребата на прислушуваните разговори во доказната постапка премиерот Заев изјави дека во новата верзија се прифаќаат дел од сугестиите на ВМРО-ДПМНЕ.

„„Бомбите“ или т.н. материјали за неовластено прислушување нема да бидат во доказна постапка во идното работење на Јавното обвинителство во Република Северна Македонија. Таму јасно стои во членот 105, ставот 4, дека ‘бомбите’ веќе нема да бидат во доказната постапка, а материјалните докази нормално дека постојат, тие се живи“, изјави неодамна Заев.

Преговорите за Законот за јавно обвинителство во кој ќе се одреди позицијата и на Специјалното обвинителство стартуваа на средината на март. Први на маса седнаа лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицковски, потоа со разговорите и препирките продолжија работните групи сочинети од министерката за правда Рената Дескоска од една и Тони Менковски од другата страна. Власта тогаш беше оптимист дека до крајот на март ќе го затворат тоа прашање, затоа што, како што тврдеше, овој закон е дел од потребните реформи кои земјава треба да ги реализира за добивање на позитивна препорака од Европската комисија пред изборите за Европскиот парламент во мај. Но, тоа не се случи, дополнително и се отежна со претседателската кампања која ги забави преговорите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG