Достапни линкови

Пендаровски победи, власта и опозицијата треба да му ја мислат


Стево пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова
Стево пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова

По резултатите од вчерашните претседателски избори и победата на Стево Пендаровски аналитичарите сметаат дека пред се СДСМ, ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ треба да се насочат кон внатрешни партиски реформи.

СДСМ сега има апсолутна власт- извршна, локална и претседател што значи и сериозна одговорност, а ВМРО-ДПМНЕ не победи, но освои сериозен број гласови што има неколку значења. Во ваков контекст, ден по изборните резултати аналитичарите ги толкуваат позиционирањата на политичката сцена.

“Сега целата одговорност за се што се случува во општество и во државата е на СДСМ и веќе не може да се вадат на Ѓорге Иванов и на Никола Груевски”, вели Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје.

Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, пак и покрај победата на Стево Пендаровски, зад кој застанаа 31 политичка партија меѓу кои ДУИ и СДСМ како најкрупни играчи, упатената порака е дека треба нешто да се менува во владеењето на оваа гарнитура.

Но, Муслиу нагласува дека во доцните говори на Заев и на Пендаровски по победата препознал свесност и кај двајцата дека пораката за потребните промени е примена, а дека од премиерот и ќе биде сметана како приоритетна.

“И ДУИ доби порака дека тие промени и реформи ќе треба да си ги спроведе и во своите редови и мислам дека тоа беше главната порака која и тие ја добија. Од друга страна бројките на гласачи Албанци помогна бројката за победата да натежне на страната на Пендаровски, но мислам дека бројките не беа доволни за ДУИ да биде задоволна од својата работа”, вели Муслиу.

Во вториот круг Пендаровски успеа да го зголеми бројот на гласови за 113 631 глас во споредба со првиот круг и освои 436.212 гласови. Сепак тој не победи во голем дел скопски општини и во некои поголеми градови како Прилеп, Битола и Охрид.

Кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска Давкова, пак, освои 377.713 гласови. И таа ја зголеми поддршката за неа во однос на првиот круг за околу 60 000 гласа. Партијата која стои зад неа сега постојано повторува дека картата на земјава по овие избори поцрвенела со што се алудира дека тие преземале голем дел општини кои СДСМ ги доби на локалните избори пред две години. Но ваквите резултати, кои сепак се недоволни за победа, според аналитичарите, до ВМРО-ДПМНЕ, а најмногу до нејзиниот лидер Христијан Мицкоски праќаат неколку пораки.

“Мицкоски по овие избори веќе дефинитивно се зацврсти на позицијата и веќе нема никаков потенцијал од никого да го предизвика во однос на неговото лидерско место”, тврди Божиновски.

Муслиу, пак, смета дека освоените гласови носат и порака дека се неопходни реформи во опозициската партија не само во кадровска смисла, туку и во политичка смисла, оти како што додава треба да им стане јасно дека “еднонационалниот наратив не е тој што води до победа”.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG