Достапни линкови

ОБСЕ/ОДИХР: Изборите успешни, потребни реформи на изборните закони


Прес-конференција на ОБСЕ / ОДИХР по претседателските избори 2019

Мирни и добро спроведени избори, со успешна завршница, е оценката на меѓународните набљудувачи по вториот круг. Но исто како и во првиот круг, тие изразија сериозна загриженост околу законската рамка и повикаа на итно спроведување на законодавната реформа.

Мирен и добро спроведен беше вториот круг на претседателските избори во Северна Македонија, но и натаму постојат сериозни забелешки во однос на законската рамка, заклучија меѓународните набљудувачи во својата прелиминарна изјава. Сепак, набљудувачите на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во текот на изборниот ден примиле неколку кредибилни наводи за купување гласови, а како што е наведено во извештајот, биле забележани и два случаи на купување на гласови во Штип и Струмица. До нив стигнале и обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за изборни нерегуларности и политички притисоци.

„Овие обвинувања се нешто за што бевме известени, можевме да ги разгледаме и да ги разјасниме, а некои од нив и да ги потврдиме. Меѓутоа исто така знаеме дека министерот за внатрешни работи ќе постапува по нив. Но покрај овие обвинувања кои ни беа предочени, и нашата мисија можеше исто така да воочи купувања гласови. Можам да потврдам дека се случуваше и семејно гласање, но не можам засега да го потврдам тоа, ова поконкретно ќе биде разработено во нашиот конечен извештај, рече Корин Јонкер“, шеф на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

Странски агенции: победата на Пендаровски, поддршка за владата
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00

Меѓународната мисија за набљудување информираше дека кампањата се одвивала во мирно опкружување, во атмосфера во која темелните вредности се почитувале. Во извештајот се наведува дека државните функционери и натаму правеле јасна разлика меѓу нивните службени и политички активности.

„Делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа смета дека на некои проблеми што постојано се јавуваат во изборниот процес и натаму не е одговорено, особено на потребата од реформа на изборниот законик и општо земено, политичкиот систем, за граѓаните повторно да се вклучат и да се обезбеди нивно активно учество, без оглед на етничкото потекло. Покрај ова, од клучна важност е да се зајакне транспарентноста и контролата на финансирањето на изборната кампања. Не треба да се дозволи прашањето за членство во ЕУ и НАТО да ги засени повторените проблеми во изборниот процес“, рече Мари Кристин Дало, шеф на делегацијата на ПССЕ.

Како и во првиот круг, меѓународните набљудувачи изразија сериозна загриженост околу законската рамка. Во извештајот се наведува дека, „иако законот овозможува демократски избори, и натаму не е одговорено на претходно евидентираните регулаторни недоследности, околу прашањата како водење кампања, медиумско рекламирање, финансирање на кампањата и регистрација на гласачите“.

Ова дополнително ја истакнува важноста на законодавната реформа, се вели во извештајот.

„Овој изборен циклус стаса до успешна завршница, со гласачи што можеа слободно да одберат меѓу различните опции. Вчерашната зголемена излезност на гласачите ја покажува решеноста на населението да се обедини и да одговори на предизвиците со кои се соочува земјата. Сега преостанува политичкото лидерство да ја слушне оваа порака и да преземе вистински реформи што ќе го заменат законскиот пачворк што бара постојани политички договори, со кохерентно и одржливо изборно законодавство“, изјави Серен Мобурн, специјален координатор и лидер на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ.

Меѓународната мисија за набљудување на изборите во вториот круг се состоеше од околу 170 набљудувачи од 32 земји, вклучувајќи 156 долгорочни и краткорочни распоредени од ОДИХР, 11 парламентарци и службеници на ПС на ОБСЕ и пет од ПССЕ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG