Достапни линкови

Претседателски избори - цензусот е исполнет


Гласање во вториот круг од претседателските избори 2019

Излезноста до 18 часот и 30 минути во вториот круг на претседатеслките избори е над 44,5 проценти, соопшти ДИК. Највисока е излезноста во Македонски Брод, Крива Паланка и Демир Капија, а најниска во Желино, Боговиње и Центар Жупа.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски информираше дека излезноста до 18 и 30 часот е над 44,5 проценти.

Општините со највисока излезеност се Македонски Брод, Крива Паланка, Демир Капија и Демир Хисар со над 60 отсто, Прилеп има над 53 отсто, додека околу 50 отсто излезност има во општините Богданци, Валандово и Делчево. Во Битола излезноста изнесува околу 45 отсто.

Најмала излезност има во Желино, каде што до 17 часот на гласање излегле 12,42 отсто од регистрираните избирачи. Помалку од 20 отсто од избирачите излегле уште во Боговиње со 14,04 отсто, Центар Жупа со 15,57 отсто Врапчиште со 15,83 отсто, Теарце со 19,57 отсто, Гостивар 19,59 отсто и Липково со 19,94 отсто.

Во Скопските општини најмногу гласале во Карпош, Центар, Аеродром и Кисела Вода а најмалку во Сарај и Шуто Оризари.

Според Државната изборна комисија, гласањето се одвива мирно и без поголеми нарушувања на изборниот тек.

„Може да се каже дека досега изборниот ден поминува без посериозни нарушувња, немаме пријавено никакви нерегуларности на избирачките места и тоа е она што е важно за нас како ДИК и се надевам дека така ќе приврши до крајот на денот и ќе имаме констатација дека денот помина мирно. Исто така, очигледно е дека ќе биде надминат потребниот цензус за успешност на вториот круг на претседатеслките избори“, изјави претседатлот Дерковски

Во однос на податоците за локалните избори, во општина Ново Село излезноста до 17 часот изнесува 43,88 отсто , а во Охрид излезноста е над 47 отсто.

Набљудувачката организација МОСТ претхоно информираше за помали инциденти на некои изнирачки места, но и нивната денешна оценка е дека генерално изборите се мирни.

Набљудувачите на МОСТ забележале дека на гласачко место во Куманово еден гласач гласал и сакал да го напушти гласачкото место без да биде одбележан со невидлив спреј, по што полицијата асистирала да биде обележан.

На гласачко место во Чешиново Облешево се случила расправија меѓу двајца набљудувачи на различните кандидати, откако едениот го обвинил другиот дека асистира на глсачи каде да гласаат. Во расправијата се вклучиле и други набљудувачи, по што интервенирала полицијата и ги отсранила од местото.

На гласачко место во Прилеп, двајча членови на избрачкиот одбор десет минути биле отсутни, а набљудувачи на кандидатите ги одбележувале гласачите со спреј, но гласањето се одвивало без проблеми, велат од МОСТ.

Од МОСТ оценија дека гласањето се одвива мирно со изолирани инциденти. Оттаму најавија дека во текот на утрешниот ден ќе дадат целосна оценка за целокупниот изборен процес.

На претходните прес конференции, на новинарски пршања за инфорамции од една политичка партија дека имало нерегуларности на неколку избирачки места во Источна Македонија, од ДИК одговорија дека досега нема пријавено неправлности до нив.

Денеска и Министерството за внатрешни работи на прес-конференција информираше дека во текот на гласањето до 12 часот, немало регистрирано нарушување на јавниот ред и мир.

„Гласањето се одвива мирно и без проблеми“, изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Претседател на Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со изборите, јавниот обвинител Џељал Бајрами, денеска изјави дека во сите обвинителства во земјата се поставени дополнителни дежурни обвинители, во случај ако треба да постапуваат при евентуални изборни нерегуларности. Бајрами очекува и денешниот изборен ден да помине во позитивна атмосфера, без речиси ниту една поднесена кривична пријава и постапување од страна на надлежните.

Шефицата на ОБСЕ/ОДИХР Корин Јонкер, по посетата на гласачкото место во населба Драчево изјави дека 170 набљудувачи се распоредени денеска низ земјава, и оти Мисијата е тука за да види дали изборите се спроведуваат согласно меѓународните стандарди за избори.

„Самиот ден на изборите е врвот на ледениот брег, ќе треба да чекаме
до крајот на денот за крајна оценка“, рече Јонкер.

Меѓународните набљудувачи на претседателските избори во земјава ќе ги соопштат првичните наоди и заклучоци за вториот круг од изборите утре на прес-конференција.

На шестите претседателски избори од независноста на земјата, право на глас имаат 1.808.131 граѓани. Гласањето го спроведуваат 80 општински изборни комисии на 3.480 избирачки места.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG