Достапни линкови

Задолжителна вакцинација - повреда на правото на живот?


Вања Премческа, студентка на последипломски студии - Граѓанско право при Правен факултет, Универзитет на Југоисточна Европа.

Доколку некоја личност одлучи да не се вакцинира тоа е негово лично право и последиците ќе ги сноси самата таа личност , пишува студентката Вања Премческа во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Денес, неспорно е тврдењето дека човештвото го живее неговиот највисок степен на развиток. Период во кој се откриени многу нешта со чија помош е поедноставен човековиот живот. Еден од тие пронајдоци е и вакцинацијата, односно превенцијата т.е. имунизација од одредена болест. Земајќи го во предвид фактот дека здравјето на човекот е негово лично право и самиот тој е одговорен за сопствените постапки и грижата за сопственото здравје се поставуваат прашањата: Дали вакцинацијата треба да биде право на избор на поединецот или да биде задолжителна? Доколку е задолжителна дали тоа претставува повреда на правото на живот на поединецот или не? Дали задолжителната вакцинација претставува мешање во приватниот живот на човекот и повреда на правото на слободно мислење, односно имање сопствен став во однос на тоа дали ќе се вакцинира или не? Дали фармацевската индустрија во секое дете во светот гледа профит? Дали во државите каде што е задолжителна вакцинацијата, условувањето на родителите, задолжително да ги вакцинираат децата претставува дискриминација при пристапот на детето кон бесплатното основно образование?

Мислењата на правниците во однос на горенаведените прашање се поделени. Некои сметаат дека со задолжителната вакцинација се намалуваат ризиците за епидемии од болести кои одамна се искоренети и грижата за здравјето на луѓето добива поголема правна заштита. Односно со бесплатната и задолжителна вакцинација на населението се заштитува севкупното здравје на луѓето од заразни болести (земајќи ги во предвид тврдењата дека вакцините ги ублажуваат т.е. намалуваат последиците од ширењето на заразни болести) и се одржува колективниот имунтет, а не само на поединци, па оттука се смета дека задолжителната вакцинација не претставува повреда на правото на живот и мешање во приватниот живот на човекот, туку подобрување на општата здравствена состојба на човештвото во целина. Исто така, задолжителната вакцинација не претставува повреда на правото на слободно мислење, односно имање сопствен став бидејќи вакцините се направени од стручни лица кои имаат доволно знаења за имунизацијата, превенцијата од болести за кои обичниот човек нема основни познавања.

Спротивно на нив, во поново време се сè позастапени мислењата на правниците дека правото на вакцинација треба да претставува слобода на избор на поединецот дали сака да се заштити од одредена болест (без да се навлегува во тоа дали и колку вакцините се квалитетни и потребни за имунизација на луѓето, односно за предностите и последиците од вакцинацијата). Поддржувачите на ова гледиште сметаат дека поединецот треба самиот да се грижи за сопственото здравје, па поради тоа сметаат дека задолжителната вакцинација претставува повреда на правото на живот, правото на сопствено мислење и мешање во приватниот живот тргнувајќи од тезата дека „телото на човекот е негова сопственост“. Понатаму, противниците на задолжителната вакцинација сметаат дека условувањето на родителите, задолжително да ги вакцинираат децата претставува дискриминација при пристапот на детето кон бесплатното основно образование (во правната регулатива на Република Македонија не постои правен пропис, со кој децата мораат да бидат вакцинирани со определена вакцина, за да бидат примени во основното образование, единствено што е потребно е да се провери е вакциналниот статус на детето).

Моментално се поголем е бројот на реклами и наводни испитување дека вакцините немаат негативни последици врз здравјето на луѓето и дека тие потпомагаат во зајакнување на имунитетот. Спротивно на тоа луѓето се помалку се информирани за несаканите последици од вакцините бидејќи, нели, секој организам е различен и различно одговара на одредени супстанци. Според мене, како што општеството станува се подемократско и полиберално немаме потреба од задолжителна вакцинација. Луѓето кои не примиле вакцини не претставуваат „закана“ за колективниот имунитет, туку напротив за самиот себе. Доколку некоја личност одлучи да не се вакцинира тоа е негово лично право и последиците ќе ги сноси самата таа личност. Невакцинираната личност не претставива закана за вакцинираната личност, бидејќи таа што одлучила да се вакцинира веќе презела напори за заштита од несакани болести и имунизација од истите. Притоа, земајќи ја во предвид безусловната и неограничена љубов на родителот кон своето дете, како и професионалната и етичката обврска да ги заштитиме децата и да им обезбедиме здрава иднина, сметам дека треба родителот, односно самиот човек кој треба да биде подложен на вакцинација, да одлучи дали ќе дозволи своето дете или тој самиот да ја прими соодветната вакцина или сам ќе бара друг начин на имунизација или превенција од несакани болести. Затоа ја поддржувам иницијативата дека правото на избор на вакцинација е лично право т.е. задолжителната вакцинација претставува повреда на правото на живот и мешање во приватниот живот на човекот.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG