Достапни линкови

Законот за заштита на укажувачи никако да заживее


Илустрација

Законот за заштита на укажувачи постои три години, но надлежните институции не преземаат активности за негова примена. Граѓаните не знаат што е тоа укажувач и кои се неговите права.

Три години како е на сила Законот за укажувачи, тој не заживеа во пракса. На граѓаните не им е јасно што значи да се биде укажувач, а надлежните институции не преземаат активност за негова примена, ниту се подготвени за прием на пријави од укажувачи, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнл Македонија.

Законот им овозможува на вработените во државната администрација или во приватни фирми, но и на останатите граѓани, доколку имаат сознанија за корупција, друга нелегална активност или злоупотреби кои се важни за јавниот интерес, тоа да го пријават до институцијата во која работат или до други надлежни институции. Пријавувањето може да биде анонимно, а со тоа личноста што пријавува станува укажувач, а законот обезбедува заштита за оној што ќе пријави и за неговите блиски.

Речиси да не се преземени никакви активности околу неговата примена. На почетокот тоа беше оти имаше преодна влада, подготовки за избори, но и по смената на власта и откако институциите се стабилизираа законот не заживеа, вели Слаѓана Тасева.

Институциите со закон имаат обврска да воспостават систем за заштитено пријавување од страна на укажувачи во самата институција и тоа треба да биде објавено на влезот од самата институција на видно место или нивната веб страница. А обврските се однесуваат и за приватните компании кои имаат вработено над 10 луѓе.

„За жал досега многу малку институциите најавија дека тоа го направиле, а и тие што најавија дека тоа го направиле не постои јавно објавена информација како тоа се прави и каде може некој да се обрати“, вели Тасева.

Заштита на укажувачи или таканаречни „свиркачи”
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:20 0:00

Пријавувањето може да се изврши во институцијата за каде има сомневање дека е извршено делото или во МВР, Државната комисија за спречување корупција, Народниот правобранител и Јавното обвинителство. Но, само на сајтот на ДКСК лесно може да се најде полето „Заштита на укажувачите“. Под ова поле има извештај за примени пријави за укажувачи и тоа за 2016 година. Прирачник за заштита на укажувачи исто така од 2016 година, и стратегија за промоција на системот на укажувачите од оваа година, со кој се предвидува да се зголеми јавната свест за укажувањето и информирање на граѓаните за правата и можностите предвидени со Законот за заштита на укажувачи.

Но, и овие институции не се подготвени за прием на овие пријави, вели Тасева.

Па затоа Транспаренси интернешнл Македонија стартува проект за афирмација на законот и за поддршка на заштита на укажувачите, оти увиделе дека има потреба да се зборува за законот и за неговата примена. Проектот предвидува обуки за институциите, печатење на примероци од законот кои треба да стигнат до секој граѓанин, има и интернет страница ukazuvac.mk на која граѓаните може да пријават. Досега имале обуки и за бизнис секторот во соработка со стопанските комори, и доколку е потребно повторно ќе се спроведат нови, вели Тасева.

„Сето тоа треба да им се објасни на граѓаните, што значи ефективната заштита, што значи добивањето статус укажувач, и кои права може после да ги има укажувачот и каков тип на заштита може да добие во случај на каква било реперкусија, може да изгуби работа, може друг член од семејството да има последица која директно нема да биде видлива дека е поради тоа, но сето тоа може да се утврдува во определени постапки“, вели Тасева.

Граѓаните може да се обратат и од Транспаренси за помош, а потоа тие ќе ги насочат како да пријават и да си го остварат правото на укажувач. Но на луѓето не им е јасно што значи да се биде укажувач, ниту пак има добра практика и јасни примери на кои би се повикале, вели Тасева, додавајќи дека тоа е така затоа што законот не е тестиран, односно нема пример кој ќе се посочи дека врз основа на овој закон некој бил заштитен.

„Tоа е можно и законот тоа го овозможува, само граѓаните треба да се охрабрат да го користат и да се повикуваат на овој закон“, вели таа.

Законот беше донесен во 2015, во 2016 стапи на сила, а во февруари минатата година беше изменет и во него беа вградени забелешките на Венецијанската комисија.

Во земјата терминот свиркач или укажувач почна да се споменува откако тогашната опозициската партија СДСМ почна со објавувањето на таканаречените опозициски бомби, а партиите во разговорите за Договорот од Пржино почнаа разговори за закон со кој се стави крај на политичката криза. Тогашниот прв опозиционер Зоран Заев тврдеше дека материјалите до нив ги доставиле патриоти кои си ја сакаат сопствената земја, кои ги доставиле до нив затоа што не верувале во судскиот систем кој бил под целосна контрола на власта. Основното јавно обвинителство тогаш го отвори случајот Пуч во кој покрај Заев обвинети беа и разузнавачот Зоран Верушевски, неговата сопруга, вработен во Општина Струмица, но и Ѓорги Лазаревски и Ѕвонко Костовски, двајца вработени во МВР, дека му ги дале нелегално прислушуваните разговори на Верушевски, кои потоа претседателот на СДСМ Зоран Заев ги објавуваше.

Коалицијата за заштита на свиркачите во Југоисточна Европа и Европскиот центар за заштита на правата на свиркачите минатата година на Костовски и на Лазаревски им доделија награда за слобода на говорот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG