Достапни линкови

Закон за укажувачи има, укажувачи нема


Законот за заштита на укажувачи е донесен во 2015 година, а стапи во сила во 2016 година. Во февруари оваа година беше изменет и во него беа вградени забелешките на Венецијанската комисија, но поради недоследната примена нема укажувачи кои го пријавиле злоупотреби преку законските канали.

Работите во државна администрација или во приватна компанија. На работа гледате корупција или пак кражби на пари, на податоци на граѓани или други нелегални активности и злоупотреби. Сметате дека тоа е многу важно за јавниот интерес во земјата и дека за тоа надлежните треба да реагираат. Ако решите тоа да го пријавите може да го сторите анонимно, а со тоа станувате укажувач и сте заштитени со закон.

Според македонската легислатива, казнивите дела може да ги пријавите прво кај овластено лице за прием на пријави од укажувачи во институцијата во која работите. Потоа, може да отидете и да ги кажете и во неколку државни институции - Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Државната антикорупциска комисија, Народниот правобранител. На ваше барање тие треба да ви дадат известување за текот и дејствијата кои се преземени и да ве информираат кога ќе заврши постапката. Го правите тоа, но гледате дека нема реакција, иако сметате дека треба да има. Во тој случај тоа може да го сторите и преку медиумите, правејќи ги податоците јавни.

Законот за заштита на укажувачи ви овозможува заштита од каков било вид на кршење на правото или, како што е наведено, преземање или опасност од штетно дејствие против вас заради извршено заштитено пријавување, согласно меѓународните стандарди.

Измените добри, но не доволни

Законот е донесен во ноeмври 2015 година, а стапи во сила во март 2016 година. Венецијанската комисија истиот месец кога почна неговата примена испрати забелешки и препораки за усвоениот закон. Потоа и во Извештајот за напредокот на Македонија Европската комисија наведе дека се потребни значителни правни, институционални и практични подготовки за ефективна примена на Законот.

Во февруари годинава во Собранието беа усвоени измените кои најмногу се однесуваат на каналите за заштитено пријавување и заштитата на укажувачите.

Бојан Георгиевски, магистер по правни науки вели дека измените се добри, но не доволни. Тој посочува на неколку недоследности кои според него треба да се поправат.

„Како што наведува и Европската комисија, ако постои сомнение дека е скршен јавниот интерес, тогаш укажувачите несомнено треба да уживаат судска заштита и заштита од откривање на идентитетот. Во измените на законот е предвидена таа заштита за јавно пријавување, меѓутоа тоа е наведено како инстанца во која укажувачот не можел претходно да пријави во надворешните институции или каде што е вработен укажувачот, но не е напоменат јавниот интерес, така што мислам дека таа одредба може да биде подложна на поинаква интерпретација”, вели Георгиевски.

Тој забележува и на уште една работа во македонскиот закон што е поинаква од европските препораки.

„Каналите за пријавување се дел од самите институции, но европската предлог директива предвидува каналите за пријавување што се дел од самата институција треба да бидат воспоставени во самата институција, меѓутоа да бидат финансиски и структурално независни за да не бидат подложни на влијание од државата или од некои институции”, вели Георгиевски.

Заштита на укажувачи или таканаречни „свиркачи”
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:20 0:00

Нема воспоставено канали, нема пријавено укажувачи

Но, без разлика на тоа што законот е во сила, а сега се усвоени измени спроведувањето не е многу успешно. Тоа се наведува и во извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата, која според Законот е должнa до Собранието да достави годишен извештај за примени пријави од укажувачи. Во извештајот објавен лани, а во кој се анализира претходната година, комисијата наведува дека имплементацијата на Законот е на незадоволително ниво, што, како што пишуваат антикорупционерите, првенствено се должи на отсуство на изразена политичка волја за воспоставување на системот на заштита на укажувачите во јавниот и приватниот сектор.

„Анализата на доставените полугодишни/годишни извештаи за приемни пријави од укажувачи од страна на институциите до Државната комисија за спречување на корупцијата во текот на 2016 година и податоците во нив дека не е евидентирана ниту една пријава доставена од укажувачи покажа дека свеста на овластените лица и вработените лица во институциите од јавниот и приватниот сектор, како и на пошироката јавност за воспоставениот систем на пријавување и заштита на укажувачите, е на многу ниско ниво и оттаму е неопходна силна медиумска кампања за подигање на јавната свест“, наведоа од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Тие забележуваат и дека институциите од јавниот сектор, кои според законот, треба да воспостават систем за пријавување и заштита на укажувачите и да назначат овластено лице за прием на пријави од не го прават тоа, па бројот на оние што го почитуваат законот е мал.

Заменикот министер за правда Оливер Ристовски, кој е еден од предлагачите на измените на законот усвоени во февруари, за Радио Слободна Европа вели дека овој закон некако поминал во сенка на други и дека како Влада ќе работат тој да профункционира во пракса.

„Мислам дека граѓаните не се доволно запознаени. Треба да има поголема кампања за народот да знае што точно значи да си укажувач и како си заштитен ако си укажувач”, вели Ристовски.

Слаба поддршка во Македонија за укажувачите

Во извештајот на Министерство за правда поднесен до Собранието во декември 2017 година, пак, не објавуваат бројки за бројот на овластени лица за пријавување, ниту пак бројот на пријави од укажувачи наведувајќи дека за тоа е одговорна Антикорупциската комисија, но Министерство цитира испитувања на јавното мислење кои не се охрабрувачки. Во него се наведуваат податоци од анкета спроведена во 2015 година од кои може да се види незадоволителна поддршка на укажувачите меѓу граѓаните во Македонија, особено како што пишува споредено со другите земји во регионот. Во истражувањето спроведено во седум земји од западен Балкан врз 7.000 испитаници, а поддржано од Регионалниот совет за соработка со седиште во Сараево се наведува дека Македонија иако има еден од најсеопфатните закони за заштита на укажувачите во споредба со земјите од регионот, има најмала поддршка за нив.

Само 41,4 отсто од граѓаните сметаат дека укажувањето на корупција и на криминал е прифатливо, додека 30,4 отсто сметаат дека тие лица треба да бидат казнети, дури и ако откриваат сериозни неправилности. Нешто повеќе од 28 отсто не знаеле или не сакале да одговорат на прашањето. На ниво на компании или организации и институции, поддршката е уште помала, 36 отсто сметаат дека се чувствуваат повикани да пријават ако увидат криминал или корупција, што е далеку под просекот во регионот, покажало истражувањето.

Според Мирјана Најчевска, професорка на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања не спроведувањето на законите кај нас е генерален проблем.

„Законите не се соодветно презентирани. Според мене не е доволно донесувањето на овој закон, туку ќе мора многу да се работи, прво на неговото пропагирање, а второ на јасно објаснување на граѓаните на кој начин ќе може да го употребат”, вели Најчевска.

Европската комисија предложи нови правила

Европската комисија сеге препорача нови директиви за заштита на укажувачите.

Љупчо Наќев

Таканаречените свиркачи или укажувачи на измами, финансиски малверзации, даночни затајувања, нелегално користење податоци и слични незаконски дејствија, би требало да добијат поголема заштита од евентуални последици. Тоа е содржано во новите правила, предложени деновиве од страна на Европската Комисија.

До ова доаѓа откако активисти за транспарентност искажаа серија критики за законодавството на Европската Унија во врска со слабата заштита на укажувачите и немањето гаранции дека тие откако ќе посочат на некакви неправилности, нема да бидат изложени на репресии.

Првиот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс, на прес конференција во Брисел, изјави:

„Доколку луѓето со инсајдерско знаење, немаат храброст да зборуваат, многу актуелни скандали никогаш немаше да бидат обелоденети. На пример, Панама документите, Луксембуршките, Дизелгејт, и најновиот со Кембриџ Аналитика. Но, тие луѓе, презедоа огромен ризик, легален, па и физички, за нивните кариери и за нивниот живот. Укажувачите често плаќаат висока цена за нивните постапки. Затоа, верувам дека треба подобро да ги заштитиме“, вели Тимерманс.

Европската Комисија смета дека нејзиниот предлог за новите правила, ќе значи „промена на играта“, односно, компаниите ќе мора да воспостават интерни канали за укажувачите и да ги заштитат од репресии, како отпуштање од работа, понижување, па дури и судски постапки.

Истовремено постојат и правила и заштита од евентуални злонамерни или неточни укажувања.

Нашите предлози ќе ги заштитат луѓето кои ќе укажуваат и се соочуваат со можни негативни последици, без оглед на нивниот работен статус. Значи, не само вработените, туку и оние што се по договор за дело, привремените вработени и апликантите за работа“, изјави Тимерманс.

Заштитата ќе се однесува, меѓу другото, на сите оние што ќе демаскираат илегални активности во јавните набавки, финансиските услуги, перењето пари, нуклеарната безбедност, безбедноста на храната, приватноста и заштитата на личните податоци и слично.

„Како што е познато, укажувачите се клучниот извор за истражувачкото новинарство. Ова е форма на новинарство без која не е можна демократијата, но исто така е под притисок, не само поради фактот дека бизнис моделот за вести се менува, и е се поскап, туку и поради заканите од насилства врз новинарите во светот. За жал, можеме да видиме дека и ние во Европа не сме имуни, имаше две убиства“, рече Тимерманс.

Новите предложени правила за укажувачите мора да бидат одобрени во земјите членки на Европската Унија и да бидат изгласани во Европскиот парламент, по што ќе стапат во сила. Моментално, само 10 земји членки на Унијата имаат регулатива за целосна заштита на укажувачите, или така-наречените свиркачи.

Лазаревски и Костовски добија награда за слобода на говорот

Во Македонија терминот свиркач или укажувач почна да се споменува откако тогашната опозициската партија СДСМ почна со објавувањето на таканаречените опозициски бомби, а партиите почнаа да зборуваат за носење на закон во разговорите за Договорот од Пржино со кој се стави крај на политичката криза. Тогашниот прв опозиционер Зоран Заев тврдеше дека материјалите до нив ги доставиле патриоти кои си ја сакаат сопствената земја, кои ги доставиле до нив затоа што не верувале во судскиот систем кој бил под целосна контрола на власта. Основното јавно обвинителство тогаш го отвори случајот Пуч во кој обвинети покрај Заев беа и разузнавачот Зоран Верушевски, неговата сопруга, вработен во Општина Струмица, но и Ѓорги Лазаревски и Ѕвонко Костовски, двајца вработени во МВР, дека ги дале нелегално прислушуваните разговори на Верушевски, кои потоа претседателот на СДСМ Зоран Заев ги објавуваше.

Лазаревски вели дека сега е невработен и бара работа, но нагласува дека иако животот комплетно му се сменил, повторно би го направил истото. Тој вели дека во 2008 година дознал дека во УБК се прави нелегално масовно прислушување и не сакал тоа да го премолчи, па заедно со колегата Костовски три години ги собирале нелегално прислушуваните разговори за да се открие вистина.

Неодамна Коалицијата за заштита на свиркачите во Југоисточна Европа и Европскиот центар за заштита на правата на свиркачите им доделија на двајцата им доделија награда за слобода на говорот.

Инаку првото носење на Законот за укажувачите се случи подоцна. Во ноември 2015 година, непосредно пред објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, пратениците го изгласаа тој закон заедно во пакет со другите закони од пржинскиот договор меѓу кои формирањето на анкетна комисија за скандалот со прислушувањето, измените и дополнувањата за Законот за кривична постапка, Законот за заштита на приватноста и дополнувањата на Законот за влада.

И тогаш и сега впечатокот на соговорниците е дека неговата имплементација, како и кампањите за подигнување на свеста и на вработените во институциите и на граѓанините се паднати во втор план.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG