Достапни линкови

Инспекторите кои ги обезбедија „бомбите на СДСМ“ номинирани за награда на ЕП


Фотографија од една од прес-конференциите на СДСМ на кои беа објавувани т.н. „бомби“

Укажувачите Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, кои ги обезбедија т.н. „бомби на СДСМ“, се влезени во петте номинирани за добивање на наградата за заштита на укажувањето и правото на информирање што годинава првпат ја доделува Европскиот Парламент во чест на новинарката Дефне Каруана Галиција што беше убиена во експлозија во Малта.

Лазаревски и Костовски се номинирани од „Транспаренси Македонија“, а за нив се поднесени и независни номинации од новинарите Синиша Станковиќ и Жанета Скерлев.

Според предлагачот „Транспаренси Македонија“, Лазаревски и Костовски треба да ја добијат наградата бидејќи „овозможиле вистината да излезе на виделина и да дојде до трансформација на власта во Македонија“.

Ѓорѓи Лазаревски, кој беше присутен на денешната прес-конференција, истакна дека се уште се соочуваат со стравови за својата безбедност и безбедноста на нивните семејства и дека неговиот колега поради стрес од појавување во јавност не е на денешниот настан.

За оваа награда на ЕП се номинирани и словачкиот новинар Јан Куцјак кој беше убиен во јануари годинава, основачот на „Викилис“ Џулијан Асанж, поранешната вработена во Пилатус банка, Марија Ефимова, и поранешниот вработен во Прајсвтер купер, Рафаел Палет.

XS
SM
MD
LG