Достапни линкови

Пендаровски и Сиљановска-Давкова во фото финиш


Мала излезност, многу победници
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:44 0:00

Мала излезност, многу победници

И Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска - Давкова прогласија победа на претседателските избори во првиот круг. Пендаровски води со неколку илјади гласови пред Сиљановска - Давкова. Од нивните табори побараа поддршка од гласачите на Блерим Река, кој беше поддржан од Алијансата на Албанците и БЕСА.

Тесна разлика во гласовите од првиот круг на претседателските избори меѓу кандидатите Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска - Давкова, по што трката продолжува во вториот круг закажан за 5 мај. По пребројани 99,7 проценти од гласовите, кандидатот на СДСМ и коалицијата, Пендаровски, води со гласови 4358 пред Сиљановска - Давкова, која е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Од пребројани гласови во 3447 избирачки места, Пенадровски освоил 322.605 гласови, а Сиљановска - Давкова 318.247.

И двата табори прогласија победа и побараа поддршка од гласачите на нивниот противкандидат Блерим Река, кој беше поддржан од Алијансата на албанците БЕСА, кој освои 79.687 од гласовите.

​Пендаровски истакна дека концептот „Заедно напред“ ќе победи и во вториот круг и оти мнозинството граѓани се изјасниле дека сакаат напред.

„Изборот во вториот круг ќе биде полесен, затоа што разликата меѓу мене и Гордана Сиљановска е огромна. Верувам дека тоа ќе придонесе за уште поголема решителност во прилог на концептот напред, затоа што знаеме дека назад не е опција. Назад значи блокада и криза. Сакам да се обратам посебно до граѓаните кои гласаа за кандидатот Блерим Река, до неодлучните, како и до оние кои гласаа за Сиљановска, но внатрешно се свесни за штетите кои ги носи тој концепт на поделби и враќање назад. Знам дека знаете што е исправно за државата“, истакна Пендаровски.

Тој порача дека ќе биде европски претседател на сите граѓани. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев рече дека концептот на Пендаровски е прогресивен и обединува, а на Сиљановска е деструктивен и го дели народот.

„Јас знам дека во вториот круг граѓаните уште посилно ќе го поддржат напредокот. Победата е во напредокот во концептот кој води до ЕУ и НАТО. Јасно е дека во вториот круг концептот на Стево Пендаровски ќе добие поддршка од уште повеќе граѓани. Очекувам дека и граѓаните кои денеска гласаа и за господинот Блерим Река на 5 мај да посапат одговорно и да придонесат кон патот кон води напред, затоа што и тие знаат дека носи штети за сите, па и за нив“, рече Заев.

Тој истакна и дека ако загубат и со еден глас во вториот круг ќе одат на предвремени парламентарни избори.

Сиљановска - Давкова порача дека опозицијата победила на изборите доколку се земат во предвид и гласовите на Река. Според неа, тоа значи дека опозицијата успеала да ги убеди граѓаните дека во отсуство на правда може само да се кажуваат приказни за ЕУ и НАТО.

„Знам дека допрва следи битката. Но, мислам дека ако ние добивме олкав број на гласови и ако на тие ги додадеме оние на господинот Блерим Река како независен кандидат поддржан од две партии, приказната е јасна. Обајцата ние зборуваме за владеење на право, за правна држава, за крај на корупцијата и криминалот. Приказната е демократска. Приказната е европска и само со таква приказна ние можеме да добиеме почеток на преговори и само со реализација на таквата приказна можеме да зачекориме кон ЕУ“, рече Сиљановска - Давкова.

Градовите во коишто победи ги нарече „демократски бастиони“. Таа порача дека не случајно ги поврзува претседателските со предвремените парламентарни избори. Да имавме сериозна власт, уште вечерва ќе размислуваше за предвремени избори, рече таа, додавајќи дека на Македонија ѝ е потребен радикален пресврт.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски додаде дека победила правдата. Власта, според него, е делегитимирана и почнал падот на Заев, која ја влечел назад целата држава.

„Ајде заеднички во вториот круг да дојдеме до таа толку посакувана конечна победа. Ајде да го поразиме Зоран Заев“, порача тој.

На прашањето за малата разлика во гласовите, Мицкоски порача и да имаат еден глас повеќе, ќе прогласат победа. Река ги оцени како фер и демократски изборите. Според него, избирачкиот список не е реален и затоа немало доволно излезеност.

„Ние сме задоволни од гласањето, особено во општините со албанско население, а исто и во македонските општини. Со над 50 илјади гласови, очекуваме дека ќе стигнеме и до 80 илјади гласови и тоа е одличен резултат. Но, не важна бројката туку поддршката. Ова најавува една нова политичка пролет која ќе се цементира во идните претседателски избори. Кога рековме дека нема да тргуваме со гласачите, така и се случи, тоа се нивни гласови и ние не тргуваме со гласовите на граѓаните“, рече Река.

За победник во вториот круг од изборите ќе биде прогласен оној кандидат кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG