Достапни линкови

Гласањето без проблеми, најголема излезност во Прилеп, најмала во Липково


ДИК прес конференција за претседателските избори 2019 - Љупка Гугучевска
ДИК прес конференција за претседателските избори 2019 - Љупка Гугучевска

ДИК информираше дека до 13 часот гласале 284 942 гласачи од одработени 75,57 проценти од избирачките места. Гласањето, според ДИК, се одвива мирно и без проблеми. Најголема излезност има во Прилеп, Новаци и Свети Николе.

Излезноста на денешното гласање на претседателските избори до 13 часот е 20,45 проценти од вкупниот број на запишани избирачи. Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска информираше дека до моментот на одржувањето на прес-конференцијата биле пристигнати податоци од 75,57 проценти од избирачките места на кои гласале 284 942 гласачи. Само едно гласачко место во Студеничани не е отворено и таму не се гласа.

„На сите гласачки места гласањето тече непрекинато и без проблеми“, рече Гугучевска.

Општините со најголем процент на гласови се Прилеп со 35,2 проценти, потоа Новаци со 33,12 отсто и Свети Николе со 31,10 отсто. Над 30 проценти излезност има и во Неготино, Пробиштип, Ранковце, како и Демир Капија и Кратово.

Најниска излезност е забележана во Липково од 5,43 проценти, во Желино каде гласале само 6,62 отсто и во Врапчиште 7,5 проценти.

МВР соопшти дека биле регистрирани три случаи на неправилности. Во градинката „Срничка“ во Аеродром во Скопје, 36-годишен маж бил фатен како го фотографира ливчето, по што бил приведен и ќе следи пријава. На гласачкото место 1515 во Кривогаштани, според полицијата, исто така било фатено лице како го фотографирало ливчето, а на 50 минути пред отворањето на гласачките места, било пријавено дека во училиштето „Дрита“, Рашче, била оштетена влезната врата на училиштето каде е гласачкото место.

„Секој обид за нарушување ќе биде санкциониран“, соопштија од МВР.

Претседателот на Комисијата за следење евентуални противправности, Џељаљ Бајрами, информираше дека до сега до Јавното обвинителство не е пристигната ниту една пријава за нерегуларности на гласачкиот процес.

„До овој момент изборниот процес се одвива мирно, без посериозни нарушувања. Ниту во Комисијата, ниту во основните обвинителства каде што има организирани дежурства, нема пријавен настан. Очекуваме дека така ќе продолжи до завршување на изборниот ден“, изјави Бајрами.

Шефицата на Меѓународната мисија за набљудување на изборите ОБСЕ/ОДИХР, Корин Јонкер, изјави дека е прерано да се даваат оценки за изборниот ден.

„Ние набљудуваме дали изборите се организирани според меѓународните демократски стандарди. За нас не се важни резултатите, туку изборните процедури. Затоа сме тука да го набљудуваме изборниот процес“, рече Јонкер пред основото училиштето „Браќа Рамиз-Хамид” во Шуто Оризари.

Шефот на делегацијата на Парламентарното Собрание на ОБСЕ, Рајнхолд Лопатка, информира дека единствена забелешка досега е тоа што на некои луѓе на кои им биле истечени личните карти биле враќани, па потоа доаѓале да гласаат со своите пасоши.

На шестите претседателски избори од независноста на земјата право на глас имаат 1.808.131 граѓани, а гласањето го спроведуваат 80 општински изборни комисии на 3.480 избирачки места. Гласачките места се отворeни од 7 часот, а ќе се затворат во 19 часот.

Граѓаните имаат можност својот глас да го дадат на еден од тројцата кандидати. Под реден број еден на гласачкото ливче е Блерим Река, кој е поддржан од Алијансата за Албанците и БЕСА, потоа следи Гордана Сиљановска-Давкова, која е кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, а под реден број три е кандидатот на СДСМ и на владината коалиција, Стево Пендаровски.

За победа во првиот круг на еден од кандидатите му е потребно мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови. Доколку никој не ги освои потребните гласови, во вториот круг закажан за 5 мај, победува еден од двајцата кандидати што добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи. Доколку и во вториот круг ниту еден од кандидатите не го добил потребниот број гласови, се повторува целата изборна постапка, согласно Изборниот законик.

Се гласа и во општините Ново Село, Дебар и Охрид за избор на нов градоначалник. Во Ново Село причината за избор на нов градоначалник е апсењето на Боро Стојчев, а во Дебар и Охрид причина е ненадејната смрт на градоначалниците Ружди Љата и Јован Стојановски.

Изборите ги набљудуваат 3094 домашни и 419 странски набљудувачи.


  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG