Достапни линкови

Услов ли е ФЕТО за Северна Македонија во НАТО?


Скопје- Министрите за одбрана на Северна Македонија и Турција Радмила Шекеринска и Хулуси Акар
Скопје- Министрите за одбрана на Северна Македонија и Турција Радмила Шекеринска и Хулуси Акар

Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, во Скопје го актуализираше прашањето за организацијата ФЕТО во земјава и побара брза реакција од властите. Упатените сметаат дека ова нема да биде проблем кој ќе влијае врз одлуката на Анкара за ратификација на македонското членство во НАТО.

Северна Македонија може да биде рекордер во брзината со која нејзиното членство во НАТО се ратификува во другите земји членки на алијансата. Стејт департментот и официјално минатата недела ги доставил до Сенатот на САД сите потребни документи за ратификација на Протоколот за членство, рече американскиот државен секретар Мајк Помпео на гала вечерата во Вашингтон по повод одбележувањето 70 години од формирањето на Северноатлантската алијанса.

Полска е десетата земја која го ратификува протоколот, а потоа се очекува уште 19 да го сторат тоа. Една од нив е Турција, која од независноста се смета за исклучителен партнер на земјава.

Нивниот министер за одбрана Хулуси Акар при посетата на Скопје рече дека стари структури на организацијата ФЕТО која официјална Анкара ја смета за терористичка и нови моменти поврзани со нив имало во Северна Македонија.

Неговата средба со министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги откри и очекувањата на Анкара од земјава- конкретни мерки за и двете земји да “се спаселе од таа терористичка организација”, бидејќи, како што оцени Акар, им наштетувала на односите на двете земји, го саботирала пријателство и братските односи.

Иако турскиот гостин постојано повторуваше дека двете земји имаат блиски односи и дека посакуваат во иднина Северна Македонија да ги зајакне своите врски со НАТО, сепак се уште е неизвесно кога македонското членство во воената алијанса ќе биде ратификувано во Турција.

Долгогодишниот новинар Ерол Ризаов вели дека не очекува проблеми во позиционирањето на официјална Анкара и процедурата за македонското зачленување во НАТО.

„Односите меѓу Турција и Македонија во делот на нивните внатрешни односи не би требало да се нарушат. Тоа што Турција го бара од Македонија во врска со Ѓулен тоа е работа на институциите во земјава кои треба да разгледаат дали од тоа нешто ќе се прифати ако се коси со принципите и законите на Македонија“, вели Ризаов.

Кои се структурите, кои Анкара смета дека се на ФЕТО?

Во Македонија, прашањето за структурите кои се сметаат за блиски до Фетула Ѓулен, свештеникот противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се отвори пред три години, по неуспешниот обид за пуч во Турција. Тогаш турската агенција Анадолија објави список со фирми кои се сметаат за блиски до Ѓулен. Тие тогаш пишуваа дека во земјава имало седум такви училишта, а функционирале и фирми за транспорт, трговија, здравство и туризам. На листата според агенцијата, тогаш беа основните и средните училишта „Јахја Кемал”, неделникот „Заман Македонија“, организацијата „Седеф“, во областа на туризмот агенцијата „Башак“, потоа компанијата за транспорт „Реинбоу“ и ланецот од маркети ЕВАР, „Здружение на бизнисмени“, Фондациите „Шафак“ (Şafak) и „Толеранс“ (Tolerans).

Министерот за одбрана Акар при новата посета, пак, рече дека имале и „имиња на некои од поглавните лица“ кои ги споделиле меѓу институциите и дека е убеден оти “во наредните денови институциите во Северна Македонија ќе преземат конкретни мерки“.

Ќе има ли скоро акција?

Тешко дека земјава може да постапува само по некаков предаден список со имиња, вели поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

„Колку што јас сум во тек, нашата влада, министерството за внатрешни работи и сите други институции инсистираат на судска процедура и постапка што значи дека ако за кој било во Турција се води судска постапка, има меѓународна потерница итн, тогаш нашите се должни да одговорат на соодветен начин согласно меѓународните конвенции“, вели Трајанов.

Шекеринска, пак, не зборуваше за прашање на денови или на недели, но наведе дека „прашањата што се важни на нашите пријатели и сојузници се важни и за нас”.

„Владата на Република Северна Македонија, премиерот и со свои гестови и со присуство на одредени настани покажаа дека ја ценат поддршката на Турција и покажаа дека тој тип на солидарност и поддршка што сме ја добиле сме спремни и да го возвратиме и затоа не очекувам да биде загрозена ратификацијата на нашиот протокол за пристапување во НАТО“, изјави Шекеринска.

Инаку и во август 2016 година, кога владата ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ се појави информација и дека македонската влада донела одлука за затворање на турските училишта и организации поврзани со муслиманскиот свештеник, но тоа официјално и конкретно никој не го потврди. Од дел од организациите тогаш негираа каква било поврзаност со Ѓулен.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG