Достапни линкови

Неделен печат – Иднината на СЈО и амнестиите


Архивска фотографија

Неделникот Капитал пишува дека власта и опозицијата ќе мора да се договорат за јавното обвинителство, Фокус пишува за амнестиите, а Глобус ја анализира споредбата на Мицкоски на пресудите за 27 април со Нирнбершкиот процес.

Капитал - Власта и опозицијата ќе мора да се договорат за Законот за јавно обвинителство

Може ли власта и опозицијата да го изнајдат оној волшебен збор „консензус“ околу судбината на СЈО чија иднина е услов за добивање датум за почнување на преговорите со ЕУ за членство во јуни годинава? И најновиот број на Капитал оваа тема ја одбрал за рубриката „Во фокусот“ почнувајќи со пораката дека „Власта и опозицијата ќе мора да се договорат за Законот за јавно обвинителство“ за што, на првата средба на работните групи што произлезе од договорот Заев-Мицкоски, двете страни не се помрднаа ниту за милиметар. Зошто? За власта е неприфатливо барањето СЈО да биде дел од Обвинителството за организиран криминал, ниту прекинување на истрагите и обвиненијата. Неделникот потсетува дека власта поддржува решение СЈО да продолжи како обвинителство, а не како одделение во друго обвинителство што, пак, е спротивно на ставот на опозицијата, односно на ВМРО-ДПМНЕ, СЈО да не одговара пред никого и само да создавало буџет, кој никој однадвор немало да го контролира. Ова се толку спротивставени ставови, но неделникот потсетува дека законот за јавно обвинителство ќе мора да биде донесен до крајот на овој месец затоа што ЕУ го поставува како еден од клучните услови за почнување на претпристапните преговори за членство.

Фокус - ’Ружна‘ ви е амнестијата

„’Ружна‘ ви е амнестијата“ е насловен еден текст во најновиот Фокус во кој авторот ја анализира состојбата на нашиот дух и менталитет, па се чита следново: „Организаторите на крвавото сценарио се на врвот на пирамидата на одговорноста. Но, веднаш по нив се сите оние кои со месеци го заведуваа граѓанството дека е патриотски да ги сотреш ’предавниците‘“. Па потсетува дека и за Хитлер да го оствари својот проект, клучна улога имала заводливата пропаганда на Гебелс. А дека потоа, чуварите на конц-логорите со испран мозок сигурно верувале дека работат за патриотска кауза, иронично наведува, покрај другото, Фокус.

Глобус - Луѓето осудени во Нирнбершкиот процес никогаш не се сметале за херои

Во онлајн магазинот Глобус, внимание привлекува колумната на професор Беса Арифи која пишува за Нирнбершките закони и за Нирнбершкиот процес, како контра факти на изјавата на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој направи паралела помеѓу судењето и казните за дел од организаторите и учесниците во крвавиот 27 април во Собранието со Нирнбершкиот процес против нацистичките првенци за нивните злодела во Втората светска војна. „Греши Мицкоски“, пишува авторката на колумната во неделникот, „кога ги споредува двата процеса. Да кажеш дека положбата на обвинетите за настаните од 27 април и осудените во Нирнбершкиот процес значи да кажеш дека и овие од 27 април биле нацисти, иако знаци на нацизам отсекогаш се гледале во протестите организирани од ВМРО-ДПМНЕ, како што беа слоганите ’гасни комори за шиптари‘ во протестите од 90-тите и извикувањата ’нека знаат клетите шиптари, македонско име нема да загине‘ и ’чиста Македонија‘, кои се слушаа првиот ден на протестите од 2017 година кои завршија со напад на Собранието“. Глобус потсетува на уште еден факт со кој се побива точноста на паралелата на Мицкоски. Луѓето осудени во Нирнбершкиот процес никогаш не се сметале за херои во германското општество. „Напротив, Германците долго време се срамеле од нив, но Германија машки се соочи со таа одговорност и ја призна истата, по што инвестираше и работеше многу за денес да биде можеби најсилната европска држава и релевантна светска сила“, пишува покрај другото Глобус на темата процес и пресуди за 27 април и Нирнбершкиот процес, паралела што ја направи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG