Достапни линкови

Кандидатите чекаат краен рок за партискиот активизам да не биде „кампања“


Стево Пендаровски, Гордана Силјановска и Блерим Река
Стево Пендаровски, Гордана Силјановска и Блерим Река

Тројца кандидати за претседател ги собраа потписите, но го чекаат крајниот рок за поднесување на кандидатурата до ДИК за да добијат уште некој ден за средби со граѓани. Досега само Блерим Река од Алијансата за Албанците и Беса поднесе официјална кандидатура.

Блерим Река прв ја поднесе својата кандидатура за претседател на државата до ДИК. На 21 март истекува рокот во кој треба да се поднесат кандидатурите за претседателските избори. Услови за тоа, освен Река, исполнуваат и Стево Пендаровски и Гордана Силјановска - Давкова. Но, по сè изгледа дека се чека последниот ден за да се искористи уште малку време за партиски активизам.

​Додека и официјално не бидат потврдени нивните кандидатури од ДИК, заинтересираните да бидат претседател на државата може да водат „кампања“ и никој не може да ги спречи во тоа. Официјалната изборна кампања треба да почне на 1 април. Пендаровски, Силјановска – Давкова и Река се единствените кандидати кои ги собраа потребните потписи за да може да се кандидираат. Река собрал околу 11 илјади, Силјановска речиси 16 илјади, а Пендаровски повеќе од 31 илјади потписи.

При поднесувањето на кандидатурата во ДИК, од штабот на Река изјавија дека ќе водат неутрална кампања и ќе им се обраќаат на сите гласачи.

„Не се обраќаме само на Албанците, туку и на Македонците и на сите луѓе што живеат тука. Ако има интерес, како што гледаме дека има, ќе патуваме низ целата земја, како што гледаме има интерес и од источна Македонија таму да патува професорот и да ги запознае луѓето, агендата уште се прави“, рече претседателот на изборниот штаб на Река, Флорим Хасани.

Потписи собираа и Димче Петровски, Филип Петровски, Јосиф Петровски и Господин Поповски, а Амди Бајрам се откажа, откако СДСМ го објавија Пендаровски за кандидат за претседател. Од понатамошно учество се откажа и единствениот пријавен кандидат за претседател на повикот на СДСМ, Ѓорѓи Филипов.

Кога и официјално ќе ги достават кандидатурите, според законот до 1 април не ќе може да вршат активности во врска со претстојните избори.

Кога нивната кандидатура ќе биде официјална, тие ќе треба со ждрепка да одберат под кој реден број ќе бидат на гласачкото ливче. Кампањата ќе започне на први и ќе трае до 19 април. Следниот ден, на 20 април, ќе гласаат болните и изнемоштените, тие што се во затвор, иселениците во странство, а првиот круг од изборите е на 21 април. Ако во првиот круг не се избере претседател, ќе има и втор круг и тоа на 5 мај.

Додека се чека официјалниот старт на кампањата, Пендаровски и Силјановска – Давкова излегоа на терен. Од ДИК велат дека кампањата не била почната пред време, туку имало само партиски активизам, а во овој вакум простор немале обврска да ги следат нивните активности.

До 14 март граѓаните имаа можност да направат увид во избирачкиот список. Тоа право го оствариле речиси 54 илјади граѓани. А вкупно 1.782 граѓани од дијаспората се пријавиле дека ќе гласаат за претседателските избори во дипломатско-конзуларните претставништва во странство.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG