Достапни линкови

Силјановска vs. Пендаровски - битка на социјалните мрежи


Стево Пендаровски и Гордана Силјановска
Стево Пендаровски и Гордана Силјановска

Кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова и нејзиниот противник од СДСМ, Стево Пендаровски активно водат кампања на социјалните мрежи. Засега најмногу се осврнуваат на нивните планови за земјата, при што Силјановска-Давкова е поактивна во „напаѓањето“ на Пендаровски.

Кампањата за претседателските избори можеби официјално не е започната, но затоа кандидатите ги користат сите можности да им се додворуваат на гласачите. Пред сè на социјалните мрежи, каде може да се забележи дека се води и лична битка меѓу нив. Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова, е повеќе фокусирана на внатрешната политика. Од екологија, загадување до идентитет, правен систем и животен стандард. Додека кандидатот на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, повеќе е посветен на надворешната политика и перспективите кои се отвораат од неа, како и овозможување на правда за сите.

Силјановска отвори профил на Твитер, а Пендаровски на Инстаграм. Заедничко за двајцата е дека ќе се залагаат за подобри услови за студентите и младите, како и тоа дека ќе бидат претседател на сите граѓани.

„Ветувам дека како претседателка ќе се залагам за истакнување на сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните и дека секогаш ќе бидам на страната на народот“, истакна Силјановска.

„На Македонија ѝ е потребен вистински претседател кој ќе работи исклучиво во интерес на сите граѓани, подготвен сум да водам напред. Мојот концепт е за напред, тој на Силјановска за назад“, порача Пендаровски.

И двајцата инсистираат дека се натпартиски кандидати. Но, Силјановска - Давкова не пропушта прилика да го спомене „заевизмот“ и лошите политики на актуелната власт. Нејзиниот противкандидат Пендаровски пак го користи „груевизмот“ за да се осврне на лошите политики на претходната власт.

Професорката по уставно право засега повеќе користи прилики да го нападне Пендаровски и таа на Твитер има и хаштаг „Извини Стево“.

„Стево, извини што Груевски ви избега и што никој од владата на Република Македонија (без тоа на С) не поднесе ни најмала одговорност за бегството.“

„Стево, извини што не го продадовте мерцедесот на Грујо и што граѓаните се возат во стари и неисправни амбулантни возила. Најбитно е Заевизмот да си се вози. Возиме напред!“

„Стево, извини за тоа што ги амнестиравте вратарите на терористите“, пишува таа.

Пендаровски, пак, само во една прилика ѝ се спротивстави. Токму за случувањата на 27 април во Собранието.

„Со луѓе како Силјановска кои не осудуваат насилство Македонија не може да оди напред“, напиша тој на Твитер.

На неформален начин Силјановска го покани Пендаровски на ТВ дуел, кој неколку дена по повикот прифати.

„Рок музика, одлично друштво и една идеја да отворам Твитер… и тука го чекам Стево на дуел… секаде… во секое време!“, напиша Силјановска на Фејсбук.

„Се разбира дека ќе има дуел, помина времето на Груевски кој 11 години одбиваше дуели“, возврати Пендаровски.

Но, според неговите зборови ТВ дуелот може да се очекува по официјалниот почеток на кампањата на 1 април. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ преку соопштенија редовно ги напаѓаат против кандидатите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG