Достапни линкови

Иванов ги забавува реформите за старт на преговорите со ЕУ?


Претседателот Ѓорге Иванов во Собранието.

Со непотпишувањето на реформските закони претседателот Иванов директно влијае врз темпото на спроведуавње на реформите потребни за почеток на преговорите со ЕУ, коментираат аналитичари. Тие велат оти Иванов уште еднаш докажува дека политичките убедувања ги става над интересите на државата.

Оптимизмот на Владата дека до април ќе бидат спроведени неопходните реформи за почеток на преговорите со Европската унија и дека во процесот се отстранети сите политички пречки, се чини дека може да биде доведен во прашање со одлуката на шефот на државата Ѓорге Иванов да не потпише закони кои се дел од реформскиот пакет.

Тој деновиве одби да потпише десетина закони кои ги донесе Собранието, бидејќи во нив е наведено новото име на државата Република Северна Македонија.

Некои од непотпишаните закони се дел од реформскиот пакет од кои зависи извештајот на Европската комисија и добивањето на датум за преговори со Европската унија и тие ќе треба повторно да бидат вратени на гласање кај пратениците.

Тоа се Законот за судовите, Законот за прекршоците и Законот за управните спорови кои беа изгласани со двотретинско мнозинство во Собранието.

Од 1 април Собранието нема да заседава заради одржување на претседателските избори, така што законите ќе треба дотогаш да се најдат во собраниска процедура.

Политичкиот аналитичар и поранешен пратеник Насер Зибери смета дека непотпишувањето на законите од страна на Иванов е уште еден доказ дека тој ги става своите политички убедувања и интереси над интересите на државата. Зибери вели дека ваквото однесување на Иавнов ја ослабнува позицијата на државата на меѓународен план и го загрозува процесот за почнување на преговорите.

„Собранието треба брзо уште еднаш да ги стави на дневен ред и повторно да ги изгласа, но и тоа не е гаранција дека претседателот ќе го потпише указот за објавување на овие закони во Службен весник и Владата и парламентарното мнозинство ќе се доведат во ситуација повторно да ги прати во службите и да бидат објавери без указ на претседателот доколку сакаат да го постигнат рокот за почнување на преговорите со ЕУ“, вели Зибери.

Зоран Нечевски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ коментира дека Иванов со ваквите одлуки директно влијае врз темпото на спроведуавње на реформите.

„Имајќи го предвид распуштањето на Парламентот како и краткиот временски период до Самитот на во јуни во кој Владата е обврзана дека ќе спроведе одредени реформи, ваквите постапки на претседателот Иванов во најмала рака го успоруваат реформскиот процес“, вели Нечев.

Тој додава оти може да се очекува Иванов вака да се однесува до крајот на својот мандат, односно да не потпишува и други закони кои ќе бидат донесени во Парламентот.

Меѓу другите закони кои не се потпишани се законот за ОТА, Законот за служба во Армијата, Законот за Едношалтерски систем и трговски регистар и Законот за Електроснки комуникации, како и Законот за заштита од заштита од дискриминација.

На почетокот на годинава, без потпис на претседателот Иванов во Службен весник беше објавен и Законот за употреба на јазиците, откако Собранието ги изгласа по втор пат. Само со потпис на претседателот на Собранието Талат Џафери беше објавен и Законот за ратификација на спогодбата од Преспа, по што Иванов реагираше дека тоа е противуставно.

Владата во изминативе неколки месеци изразуваше оптимизам и убедување дека динамиката на реформската агенда ќе обезбеди одлука за почеток на преговори со ЕУ.

Извештајкот на Европската комисија ќе зависи од спроведувањето на реформите предвидени во Планот 18 на Владата, осбено во однос на владеењето на правото, безбедносните и разузнавачки служби, реформата во јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупција.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG