Достапни линкови

Членството во НАТО ќе ја намали опасноста од тероризам


Полициски специјалец во центарот на Скопје

Поканата за Македонија да почне пристапни преговори со НАТО е важна одлука и за зајакнување на политиката на одбрана, превенција, и борбата против тероризмот, велат експертите, коментирајќи ја опасноста од повратниците од Сирија и други странски боишта во државата

Од МВР засега нема информации дали од италијанските власти ќе побараат да го екстрадираат македонскиот државјанин кој е уапсен во април поради сомнение за подготовка на терористички напад. Како што пренесоа медумите, се работи за 29- годишно лице кое се обучувало за идни терористички иницијaтиви во Сирија и оти при претресот во неговиот дом била пронајдена и воена униформа.

Според измените на кривичниот законик во Македонија, учеството во странски воени и парaвоени формации е казниво. Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека Македонија може да отвори постапка и да бара да биде екстрадиран секој наш државјанин кој е фатен во друга држава и постојат сериозни информации или докази дека бил припадник на одредена странска паравоена формација или учествувал во обуки за таа намена.

“ Се разбира, ако не му се суди во таа држава согласно нивните законски прописи. Во секој случај кога има наш државјанин кој учествувал во странски воени операции и ако согласно нашиот закон има елементи дека направил кривично дело, може да го побараме и да му се суди тука. Самото учество во странски паравоени и воени формации е казниво и е предвидено казна затвор “ вели Трајанов.

Македонските државјани кои учествувале во странски воени формации се сметаат за опасност за безбедноста на Македонија и тие според експертите претставуваат темпирани бомби.

Коментирајќи ја опасноста од повратниците од странските боишта, Трајанов вели дека поканата за Македонија да почне пристапни преговори со НАТО е важна одлука и за зајакнување на политиката на одбрана и превенција, и борбата против тероризмот.

Тој посочува дека НАТО е асоцијација која располага со огромни разузнавачки и друг вид ресурси и оти преку Алијансата и соработката со сите служби, државата ќе ја зголеми моќта да превенира евентуални обиди за тероризам.

Наместо да се плашиме дека ќе бидеме предмет на напад на разни терористи врзани са ИСИЛ или други радикали, напротив се зајакнува безбедноста, ако не друго преку размена на класифицирани информации и тоа значи дека нашите служби ќе добиваат навремени информации, може да превенираат и да одвраќаат какви било обиди за напади. Ќе се зголеми безбедноста на Македонија и ќе се штитиме токму од такви терористички организации што може да направат напади со тешки последици.

Ние не може самостојно да се чуваме, зашто ако дојдат тие со таква намера тешко ќе ги спречиме ако не добиеме информации. Информации од ваква природа главно добиваат големите сили и разузнавачи како САД, Германија, Франција и се разбира и Русија и Кина, но таму во друга насока се движат терористичките групи” вели Трајанов.

Од министерството за внатрешни работи наведуваат дека околу 150 македонски државјани учествувале во војните во Сирија и Ирак како припадници на паравоени формации и дополнуваат дека од нив досега во земјава се вратени околу 80 лица.
Според оперативни непотврдени сознанија со кои располага Управата за безбедност и контраразузнавање, до сега се загинати 33 македонски државјани на странските боишта.

Како главни стратешки приоритети во борбата против тероризмот експертите ги наведуваат превенцијата, заштитата, гонењето и одговорот.

Од превентивен аспект, се врши постојан оперативен увид врз активностите на повратниците во земјава. Од нив, осудени се вкупно 17 лица и тие издржуваат казна затвор”, велат од МВР

Апсењето на македонскиот државјанин кој според соопштението на италијанската полиција се обучувал за „идни терористички иницијативи“ во Сирија е второ апсење за само неколу недели. Претходно медиумите јавија дека лице од Македонија, барано со меѓународна потерница поради сомнение за настаните во Куманово, заедно со уште други 16 лица од Косово и Германија е уапсено за шверц на емигранти во Италија од италијанските карабињери.
Како што јавија италијанските медиуми, осомничените шверцувале оружје и дијаманти, организирале шверц со мигранти и соработувале со сицилијанската мафија Коза ностра.

Инаку генерално, патиштата на македонските државјани до Сирија и Ирак како што наведуваат од МВР, минувале преку Турција, по копнен или по воздушен пат. Пред да заминат, лицата посетувале верски предавања на радикални имами, некои се радикализирале преку интернет (социјални мрежи), а некои преку лични контакти, од кои добиле и логистичка поддршка за нивно заминување и приклучување кон тамошните паравоени формации

По зачестените терористички напади во изминатите години како оние во Париз, Берлин, Анкара и други држави и кај нас беа донесени мерки за подигање на безбедноста и мобилноста на полицијата.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG