Достапни линкови

Мицкоски обвинува за неправда, од СДСМ тврдат дека законите важат за сите


Архивска фотографија- претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на протестен марш во Скопје

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ преку видео порака попладнево ја критикуваше власта поради тоа што станувала, како што рече, се понеправедна. Во обраќањето тој како неправда ја спомена амнестијата, менувањето на името на државата и како што рече, идентитетот на нацијата, нерасчистениот случај Смилковско езеро, тендерите, непотизмот и други работи, но неправда ги нарече и пресудите за случајот 27 април.

“Неправда е и додека други родители на патриоти тажат за 211-те години затвор за случајот со 27-ми април. Неправда е кога синот на Ченто, исто како трите чеда на Ангелов и другите притворени ќе треба 15 години да растат без своите родители, додека оваа власт претходно направи широка амнестија на над 1000 осудени криминалци”, рече Мицкоски.

На неговото обраќање со соопштение реагираа од СДСМ. Законите важат за сите подеднакво, а “одбраната на криминалот, насилството и криминалците е единствената политичка агенда на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски”, наведоа од владејачката партија.

“ВМРО-ДПМНЕ партијата симбол за урнисување на правниот поредок, денес не може да се помири со тоа што конечно функционира правната држава. Времето на селективна правда, партизација и притисоци врз судството, нарачани и монтирани процеси и пресуди заврши со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција” наведоа од СДСМ.

XS
SM
MD
LG