Достапни линкови

Виртуозот Бенџамин Шмид солист со Македонска филхармонија


Бенџамин Шмид
Бенџамин Шмид

„Фантазија апасионата“ е насловен претстојниот концерт на Македонската филхармонија на кој, под диригентство на Конрад ван Ален, на 21 март, премиерно ќе бидат изведени дела на нашиот Владимир Николов и на Белгиецот Анри Виетан. Солист ќе биде прочуениот австриски виолинист Бенџамин Шмид.

По неколкуте комерцијални проекти, Македонска филхармонија со нов предизвик за љубителите на сериозната музика. Овојпат со концерт насловен како „Фантазија апасионата“ на кој премиерно ќе бидат изведени две дела. Токму споменатото на белгискиот композитор Анри Виетан по кое е именуван овој несекојдневен настан и „Jasmine Flowers and Red Chestnuts“ на македонскиот автор Владимир Николов. Згора на тоа тука е и виетановиот Концерт за виолина и оркестар бр. 5 и Симфонијата бр. 3 наречена „Шкотска“ од истакнатиот германски композитор, пијанист и диригент Феликс Менделсон.

Со националниот симфониски оркестар ќе диригира маестро Конрад ван Ален од Холандија, а како солист овој пат ќе се претстави австрискиот виолинист Бенџамин Шмид, кој се смета за еден од најпопуларните европски виолинисти за кого се снимени неколку документарни и концертни филмови кои го прикажуваат неговиот исклучителен статус како музички уметник.

Роден во Виена 1965 година, Бенџамин Шмид го нарекуваат „комплетен виолинист“. Инструменталист чиј распон на изведби се протега од Фриц до Џанго Рајнхарт. Од таму сосема разбирливо е што тој е препознатлив и се издвојува од другите виолинисти по неговите извонредни вештини во совладувањето на техниките на музиката на 20 век, како и во џез-импровизацијата.

Израснат и образуван во Салцбург каде што и денес живее, Шмид својот од кон светската слава го започнал по победата на натпреварот „Карл Флеш“ во Лондон (1992) и оттогаш настапува на главните концертни сцени во светот со познати оркестри како што се Виенската филхармонија, Филхармонискиот оркестар на Лондон, Филхармонијата на Санкт Петербург или „Концертгебау“ во Амстердам, со диригенти како што се прочуените Кристоф фон Донани, Давид Цинман, Валери Гергиев...и други.

Досега има потпишано 50-на албумски остварувања, а за некои од нив бил овенчан со престижни награди како „Ехо класикс“, „Избор на уредникот“ на „Грамофон“... независно дали биле во сферата на класиката, или пак биле со неговите посегања и интерпретации на џезот.

За Шмид е познато и тоа дека свири околу 80 концерти годишно низ светот, и е професор по виолина на „Моцартеум“ во Салцбург, а постојано држи и мастер-часови во Берн, Швајцарија. Добитник е на Меѓународна награда за уметност и култура на градот Салцбург и свири на една од најдобрите виолини на Страдивари „ex Viotti 1718“ достапна благодарение на Австриската народна банка. Неговата изведба на Концертот за виолина од Паганини/Крајслер со Виенскиот филхармониски оркестар под водство на маестро Валери Гергиев била емитувана на телевизиските екрани низ светот, а потоа и сместена на ЦД и ДВД-изданија на „Дојче грамофон“.

Конечно името на Бенџамин Шмид стои и во книгата „Големите виолинисти на 20 век“ од Жан-Мишел Молкоу како еден од најзначајните виолинисти.

Од друга страна не помалку е значајно името на маестро Конрад ван Алфен од Холандија. За него критиката ќе напише „дека е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат“. Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Тој во изминатава деценија и половина својот оркестар го издигнал до ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам.

Во моментот е уметнички директор на Московското филхармониско здружение во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски.

Инаку, маестро Конрад ван Алфен во јануари годинава Македонска филхармонија ја предводеше на турнејата „7 концерти во 7 градови во Кина“, а нешто потоа, на 7 февруари, беше диригент и на концертот „Ангелите и градот“, на кој по прв пат кај нас беше изведена Симфонија бр. 4 од еден од најдобрите современи композитори, Естонецот Арво Перт.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG