Достапни линкови

„Ослободување-на-просторот“ по Венеција на изложба во МСУ - Скопје


Ослободување на просторот 2

По само три месеца од претставувањето на 16. Венециско биенале за архитектура како претставник на Република Македонија, проектот „Ослободување-на-просторот“, од Венеција се пресели во Музејот на современа уметност. Тој ги отвора прашањата што ги наметна насилната преобразба на идентитетот на Скопје.

Среде виорот на глобалните текови и локалните специфични состојби, „Ослободување-на-просторот“ се обидува да одговори и на најконтроверзната тема сеприсутна во архитектонскиот, но и целокупниот јавен дискурс на Република Македонија во изминатите неколку години, директно предизвикувајќи ја екстензивната градежна активност на централното градско јадро на Скопје - прозаично кодирана под името Скопје 2014.

Рамката на дејствување предвидува преиспитување на клучни аспекти на СК 2014 и преобмислување на неговите просторните ефекти, преку автономни архитектонски проекти што имаат за цел ретроактивно да ја регенерираат целината на градскиот колектив, поаѓајќи од евидентирање и препознавање на неговите просторни и програмски анкерни точки.

Проектот се базира врз убедувањето дека:

- Скопје 2014 не е проект;

- Единствена вредност на Скопје 2014 е дека тој постои, во материјална смисла;

- Професионалната архитектонска јавност не дава никакви насоки како во просторна смисла треба да го третира „наследството“ што зад себе го остави процесот на реализација на Скопје 2014.

Основната техника што ја користи концептот наречен „Ослободување-на-просторот“ е типично архитектонска: создавање проекти што носат идеја за простор што обединува, ослободува и што во моментов не постои. При користењето на архитектурата како алатка во обликувањето на „кореографијата на секојдневното живеење“, согледана е можноста да се поправат негативните трансформативни ефекти од СК 2014; градот јасно да ги дефинира, во материјална и симболичка смисла, сопствените вредносни особини на современост, а идејата за исклучивост и просторна сегрегација вткаена во СК 2014, неговата претенциозност и несмасност докрај да се детотализираат. Со тоа, површноста на СК 2014 што е исклучена од секаква значајна содржина суштинска за архитектонската продукција, би трансгресирала, создавајќи етичка релација со градот каде што перформативните особености на просторноста служат на вистинските потреби на урбаното живеење во појмовната и појавната смисла на себеидентификувањето.

Ова се само делови од излагањата на кураторите Марија Мано Велевска и Слободан Велевски забележани на премиерното претставување на проектот „Ослободување на просторот“, инаку македонскиот претставник на 16-то Венециско биенале за архитектура што од мај до крајот на ноември минатата 2018 година се одвиваше во оваа италијанска културна престолнина.

А, по само три месеца од неговото завршување, тој овој 12 март ја стори својата преселба онаму каде што беше инициран и заокружен - во Музеј на современа уметност во Скопје.

И, она што е особено важно проектот и изложбата „Ослободување на просторот“ отвара круцијални прашања. Ги отвора прашањата што во последниве години ги наметна насилната преобразба на идентитетот на Скопје. Во популистички агресивната градежна офанзива наречена „Скопје 2014“, што го окупира средиштето на градот кој стенка под недобројните накитени стиропорни фасади и помпезни бронзени споменици, архитектурата и урбанизмот беа злоупотребени за крајно фриволно располагање со јавниот простор и за заробување, потиснување или негирање на претходните значајни архитектонски достигнувања. Од таму предлогот на кураторите и нивните соработници групирани во тимови, поаѓа од враќањето и новото осмилување на вредностите на слободниот јавен простор во архитектонска и во општествена смисла.

Всушност, поставката „Ослободување-на-просторот“ третира четири различни проекти изработени од четири тимови архитекти во кои како автори и учесници се јавуваат Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Ѓуза, Алесандро Де Лука, Гордан Витевски, Мила Димитровска, Владо Данаилов, Александра Шулевска и се разбира Слободан и Марија Мано Велевски. Така проектот “Непријатна блискост“ го реконципира објектот на некогашната зграда на ЦК СКМ, односно денес Владата на Република Северна Македонија. Проектот “Повторно поврзување“ го обликува просторот помеѓу комплексот ПОШТА, „#Ослободување #Поврзување #Прочистување #Репрограмирање“ се бави со платото пред Македонскиот народен театар, а „Дестратификација Скопје“ има за цел да ја преформулира фасадата и содржината на зградата на некогашниот Народен магазин или популарно НА-МА.

Инаку, авторите и потписниците на проектот, најавуваат дека додека трае изложбата во Музејот на современата уметност ќе биде организирана и трибина, која ќе има за цел да го поттикне дијалогот во јавноста и да побара политички и општествен став околу прашањата иницирани со проектот „Ослободување-на-просторот“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG