Достапни линкови

Дробицки: Деветката има многу симболика за СЕТСТАТ


Се трудиме да не гледаме премногу политика на телевизија, но човек не е возможно да се тргне настрана, вели Владан Дробицки од СЕТСТАТ во пресрет на концертната промоција на нивниот најкомплетен и најзрел албум досега „IX9“, што треба да се одржи овој петок, на 15 март, во Станица 26.

Генерално не си поставуваме некоја „висока цел“ пред себе кога правиме нов албум. Гледаме само да создадеме музика која нам ќе ни се допаѓа.

Вака Владан Дробицки, тромбонистот и гласноговорникот на СЕТСТАТ, во пресрет на концертната промоција во клубот Станица 26 во Скопје, ќе ја започне сторијата за новиот студиски албум на бендот симболично насловен „IX9“. Станува збор според критиката за нивното досега „ најкомплетно, најзрело и свирачки најсовршено остварување во безмалку три децениската присутност на современата македонска музичка сцена“, кое се појави неодамна како четврто издание на новата џез едиција на ПМГ. Објава со која Владан, Васко Бојаџиски на саксофон, Панче Бујуклиев на клавијатури, Гоце Наумов на тапани и Павел Дробицки на бас, не само што го потврдуваат својот неприкосновен статус во регионални (суб)културни рамки туку и се наметнуваат како константа од која допрва ќе стигаат нови звуковни возбуди независно дали некој условно ќе ги става во џез, фанк, панк...сè заедно или во било која друга рамка чие обележје е несекојдневната еластичност и провокативност.

„Генерално беа девет композиции. Една поради икс работи требаше да отпадне и останаа осум...и сега зошто „9“ како наслов? Некако испадна дека бројот 9 е симболичен за нас како луѓе. Девет месеци е подготвуван и девет часа е сниман материјалот. Девет луѓе работеле на него. Исто толку на обвивката на носачите на звук и т.н и т.н.“ , вели Владан.

Тој дополнува дека од една албумска објава до друга во просек поминуваат три години, а дека подготовките се нешто друго и дека траат малку подолго. Како пример за ова наведува дека некои од идеите разработени на новиот албум датираат уште од времето кога е подготвуван „Seth Make Sence“ ( подготвуван во почетокот на 1990-те а сниман во март 1993 година) што значи безмалку три децении.

„Девет месеци креираш некакви скици и кога влегуваш во студио не знаеш што ќе се случува во тие девет часа додека си таму. Со готовиот материјал излеговме надвор, преслушувавме би рекол до бесконечност и потоа го имаш процесот на оплеменување на она што си го снимил. И тоа траеше некаде два-три месеца. Така да не би знаел која е границата помеѓу инспирацијата, онаа моменталната, и мислењето за одредени конкретни работи односно техничкиот дел од материјалот“, ќе рече тромбонистот.

Говорејќи за енергијата што ги движи од почетоците до денес, Дробицки истакнува дека тие немаат илузии дека сега можат да свират како што тоа го правеле како „деца“. Како во миговите кога почнувале. И дека тоа од денешен аспект им фали, но оти се свесни дека времето и не може да се врати. Сепак убедени се дека времето и тоа како извршило позитивни промени на нивната музика.

„Некои работи дефинитивно созреваат. Поинаку ги гледаме, поинаку размислуваме. На крајот на краиштата сега секој од нас си ги плаќа сопствените сметки. Едно време родителите беа зад нас. Има голема, огромна разлика. А она што сме го поминале остава траг. Ние како и сите нормални луѓе се трудиме да не гледаме премногу политика на телевизија, но не е возможно човек да се тргне настрана. Да се исклучи од реалноста. На крајот на денот ќе се тргнеш од нашата политичка реалност која, за жал, е таква каква што е ... тогаш ги гледаш другите проблеми. Еве излегуваш надвор и те убива загадувањето. Страшно нешто. Сведоци сме на тоа дека не можеш ни 10 чекори да направиш а да не се искашлаш. Ако не идеолошки тогаш физички сето тоа остава замор, лузна на материјалот. Едноставно не можеш да свириш со толкава јачина како некогаш. Немаш кислород“, смета Владан.

Прашан за натамошните промотивни активности за албумот „IX9“, тој вели дека тие, за жал, не можат да се планираат ниту во локални рамки, а камоли во регионот.

„Во земјава има само три-четири фестивали на кои може да свири СЕТСТАТ и толку. Нив ќе ги свртиш за една година и што потоа...не можеш повторно да се појавуваш на истите. Ние правиме компромиси во однос на условите за настап и самиот настап. Нема фестивали толку колку што би сакале. Нема идеални услови за настапи, но гледаме да свириме што повеќе по мали места, по клубови. Пред некое време свиревме во Кичево...каде главно поминуваме а не влегуваме во градот. Е сега се појавивме таму, свиревме во клубот, внатре имаше преубава публика и прекрасно си поминавме. Значи ако се сака се може“, вели тој.

Но од друга страна, тој иако свесен за фактот дека на албумот им гостува еден исклучителен џез пијанист каков што е Дејан Илијиќ од нишкиот состав EYOT не е убеден дека денес се многу возможни излегувањата на СЕТСТАТ од локални рамки. На фестивали и сродни манифестации во земјите од регионот со кои веќе постојат ваквите комуникации и соработки.

„Проблем е сега политичката ситуација на Балканот. Тоа што се случуваше кај нас пред две-три години сега очигледно се случува кај нашиве соседи. Во такви услови прашање е колку тие би сакале да прават квалитетни програми. Дефинитивно сме отворени за соработка, за работа, но чувствувам дека во последно време не е лесно кај нив за да може толку едноставно бенд од нашава провиниенција и од Македонија да појде, еве на пример во Белград, значи некаде 400 – 500 километри, со непозната сума трошоци кои мора да се покријат...и да свири. Во последно време некако интересна станува Грција. Таму македонски артисти ретко, навистина ретко оделе и настапуваат...и ќе видиме можеби таму ќе се упатиме. Тука е и Бугарија...“, вели Владан Дробицки.

Инаку СЕТСТАТ, по цели четири години од одличниот „Се плашам од Македонци“, го најавуваат и новиот албум работен во соработка со Мирко Попов. Се работи за објава која ќе се најде на винил и чие излегување е планирано за скоро време а која сеуште „по традиција“ нема официјален наслов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG