Достапни линкови

Белене, исплатлива инвестиција или не ?


Додека Владата размислува дали да инвестира во нуклеарната централа Белене во Бугарија, експертите излегоа со поделени ставови за целисходноста на таквиот потег.

Исплатливоста на нуклеарната енергија во однос на можноста за процентуалното учество во сопственичката структура, регулатива и легислативни аспекти, обемот на ураниумовите ресурси на земјата и влијанието врз снабдувањето со гориво, можноста за учеството на Владата и на приватниот сектор во проектот, јавното мислење како и влијание на околината пошироко и на самата локација на нуклеарната централа се дел се насоките за кои размислува министерството за економија во однос на прашањето дали земјва треба да се приклучи во бугарскиот проект изградба на нуклеарна централа Белене. Во писмениот одговор кој ни го испратија од министерството е наведено дека на последниот состанок на Македонско-бугарската меѓувладина Комисија за економска соработка владините претставници веќе разговарале за дел од можностите.

„Имајќи предвид дека нашата земја е увозно зависна на електрична енергија, а инвестирањето во ваков тип на централа би можело да биде долгорочно решение за снабдување со електрична енергија, се размислува за прашањето дали да се учествува и на кој начин во изградбата на нуклеарката Белене“, се вели во писмениот одговор.

Оттаму додаваат дека во тек е изготвување на Стратегија за развој на енергетиката, која го опфаќа периодот до 2040 година.

Обновлива или нуклеарна енергија, прашањето е сега.

По јавниот повик на Бугарија за потрага по инвеститори за нуклеарната централа во Белене, повторно се отвораат прашањата за енергетската стратегија на државата на долгорочен план.Владата најави дека ќе ја разгледа можноста и критериумите што ги нуди Бугарија, по што ќе заземе став за идните чекори.

Додека се чека одлука на Владата, експертите ја стартуваа дебатата што ќе биде подобро за државата дали да инвестира во нуклеарна централа во соседна земја или пак да се размислува тие пари да се инвестираат во енергетски капацитети во земјава.

Право на пристап до нуклеарната енергија, колку пари ќе чини инвестицијата и дали поевтината цена на нуклеарната енергија ќе биде исплатлива во однос на вложените пари, одржување на добри и стабилни политички односи како и инвестиција во пренос на таквата енергија се дел од прашањата на кои ќе треба да се одговори пред да се донесе одлуката дали ќе се инвестира во Белене, велат аналитичарите.

Од позитивната страна се големото количество на електрична енергија која се произведува со нуклеарен реактор, како и долгиот временски период на издржливост на реакторот и независноста од фосилните горива, додека од друга страна е високата цена на одржување и изградба на реакторите, повеќе од десет години се потребни за изградба на централата и проблемот со складирање на нуклеарниот отпад.

Научниот соработник во МАНУ за енергетика и животна средина, Александар Дединец вели дека секоја опција треба сериозно да се разгледа дали треба да се влезе во еден таков процес. Тоа не е само инвестиција, тоа е и поставување на услови,затоа што не можеме да влеземе со многу пари, во еден таков голем проект, нашиот буџет не може да го издржи тоа, но сепак е шанса да научиме нешто, вели Дединац.

„ Позитивни страни од таков процес би било искуството кое неминовно ќе дојде со еден таков голем проект, пренесување на знаење, потоа долгорочно гледано обезбедување на сигурност за снабдување со електрична енергија и подобрување на регионалната соработка, “ вели тој.

Професор Константин Димитров кој е претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија вели дека најмалку 200 до 300 милиони евра ќе бидат потребни за да се инвестира во нуклеарната централа во Белене. Според него, во таква ситуација подобро е да се инвестира во домашни енергетски капацитети, како хидроенергија, сончеви или ветерни централи, напредно користење на биомаса и слично.

„Нуклеарната постројка не може да се изгради без минимум 4 години, и тек после тоа ќе имаме на располагање на определена електрична енергија со определена цена. Ако имаме сопствена енергија на пример од сончеви централи веќе нема да давате пари за гориво, вие ќе ја добивате таа енергија бесплатно. Овде вие ќе вложите пари во нуклеарна централа во друга држава, и сепак ќе плаќаате, само ќе биде поевтино. Вие сте платиле за резервација, сте ангажирале производство на 20 или 30 години и определана електрична енергија која е ваша, но со определена цена. Не е таа бесплатна,“ објаснува Димитров.

Во овој контекст, Дединац вели дека не треба да се гледа на изборот или само нуклеарна или само обновлива енергија, туку секогаш треба да се разгледуваат двете опции паралелно.

Во споредба со капацитетот на изворите на обновлива енергија, капацитетите на нуклеарната енергија се повеќе од десеткратно поголеми од сите извори на обновлива енергија заедно.

Претходната влада во 2010 година изготви стратегија за развој на енергетскиот сектор до 2030 година во која меѓу другото сепредлага и нуклеарна опција за земјата. Досегаво јавноста немаше анализи на политиката за нуклеарна енергија која објективно би ги разгледувала придобивките и слабостите кај нуклеарната централа во Македонија. Како една од причините за тоа аналитичарите ја негативната клима која превладува во експертскиот и во јавниот сектор против отворањето дискусии на „жешки теми“.

Македонската владата има рок до три месеци да одлучи дали и на каков начин ќе се вклучи во изградбата на бугарската нуклеарна централа „Белене“ откако бугарското министерство за енергетика соопшти дека бара стратешки инвеститор и малцински сопственици на компанијата која ќе управува со нуклеарката.

И Западот и Истокот заинтересирани за Белене

Рускиот премиер Димитриј Медведев за време на минатонеделната посета на Софија истакна дека руската нуклеарна компанија Росатом е подготвена да инвестира во овој проект.

Интерес за овој проект досега покажаа и германско-француски конзорциум Франтом, американската компанија Џенерел Електроник, кинеската CNC како и корејската Хидро и нуклеарна енергија.

Приказната за „Белене“ во Бугарија датира од 1981 година. Процесот застана прво во 90-тите години а потоа повторно беше рестартиран во 2008 мата година кога како најдобар понудувач била избрана RWE Power која требаше да учествува со 49% од финасирањето на нуклеарната електрана.

„Во тогашниот период било предвидено вкупната инвестиција во НЦ Белене да изнесува 4.7 милијарди евра од кои 2,125 милијарди евра требало да ги обезбеди RWE Power и тоа 550 како премија за НЕК ЕАД, а останатите за сопствено учество во проектот. Согласно динамиката, изградбата официјално отпочна на 3 септември 2008 година а било предвидено првиот реактор да биде пуштен во погон за 6.5 години, а вториот за 7.5 години,“ се вели во одговорот на македонското министерство за економија во однос на податоците со кои располага од тој период.

Според податоците на министерството, Нуклеарната централа “Белене“ во 2008 година се предвидувало дека ќе има инсталиран капацитет од две илјади мегаватчасови и годишно производство на електрична енергија од 14 илјади гигаватчасови.

„Од ова производство осум до девет гигаватчасови се предвидувале да бидат за потребите на Република Бугарија, а другите да бидат понудени за продажба. Цената за изградба на 1МВт чини околу 2.3 мил. Евра додека просечната цена на производство од оваа електрана би изнесувало 3,4 - 3,7 евра/МВтч. Оваа електрана според проценките во тој прериод требало да произведува електрична енергија која ќе биде понудена и на регионалниот пазар на електрична енергија, од која во перспектива може да се снабдува и Република Македонија“, велат од министерството за економија.

Проектот беше стопиран во 2012 година поради несогласување меѓу Бугарија и Русија во врска со конечната цена. Нивното недоразбирање стигна и до Меѓународниот суд за арбитража во Париз. Тогашната македонска влада само најави дека ќе размисли за прашањето, додека Србија побара да купи 5 отсто, а Хрватска ја одби понудата на Бугарија да се приклучи во проектот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG