Достапни линкови

Претседателски избори - Кој ќе седне во фотелјата на Иванов?


Граѓани гласаат на локалните избори на гласачко место во Скопје

Уште месец и половина остануваат до шестите по ред претседателски избори во земјава. Речиси е сигурно дека главната битка за фотелјата ќе ја водат Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски. Критичката јавност не исклучува црна кампања, а предност му дава на консензуалниот кандидат Пендаровски.

Гордана Силјановска-Давкова или Стево Пендаровски? Кој ќе седне во претседателската фотелја? Сега е речиси извесно дека во изборот на престижната функција, последните метри од претседателска трка ќе ги трчаат Пендаровски и Силјановска. Едниот како кандидат зад кој застана Социјалдемократскиот Сојуз и владината коалиција, а другиот како кандидат кој го поддржа ВМРО-ДМПНЕ. И двајцата претставувани како натпартиски кандидати, со солидни кариери и богати биографии.

За разлика од Силјановска, Пендаровски е консензуалниот кандидат, за кој по неколкудневни преговори се договорија премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Но, дали тоа ја зголемува неговата предност во однос на главниот противкандидат на претстојните избори?

„Јас би му дал критичка предност на Стево Пендаровски во оваа фаза, особено поради фактот што ДИИ ќе го поддржи и најмалку тие гласови ќе бидат разлика меѓу Гордана Силјановска и Стево Пендаровски во полза на Пендаровски уште во првиот круг. Мислам дека треба да очекуваме неколку десетици илјади гласови предност за Стево Пендаровски уште во првиот круг“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Во поглед на изборниот резултат, слични се проценките и на политичкиот аналитичар Насер Зибери, според кого консензуалниот кандидат на владејачката коалиција би добил поголема поддршка од гласачкото тело.

„Тој би имал поголема поддршка и на политичка, етничка и верска основа и секако дека би бил фаворит во споредба со кандидатот на опозицијата, односно ВМРО-ДПМНЕ. Тој кандидат би бил некое решение кое е поприфатливо, помалку партиско и тоа би претставувало една шанса Македонија конечно после десет години да добие претседател кој ќе се грижи навистина за интересите на граѓаните, ќе го почитува Уставот и законите, а со тоа и ќе се зголемат шансите Македонија да оди побрзо напред кон евроатланските интеграции“, вели Насер Зибери.

Според Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка, соопштувањето на имињата на кандидатите од некои партии е помалку важно во освојувањето доверба од јавноста. Според него, владејачката коалиција има предност со заедничкиот настап.

„Тоа не дава никаква предност затоа што владејачката коалиција има значителна предност во старт и заради повисокиот рејтинг и од ВМРО ДПМНЕ и од сите други, а особено што СДСМ и ДУИ се одлучија да имаат заеднички кандидат за претседател. Со заеднички настап веќе имаат стартна поголема предност“, вели Кржаловски од МЦМС.

И политичкиот аналитичар Алберт Муслиу прогнозира дека на претстојните избори Стево Пендаровски стартува со предност во однос на противкандидатот Силјановска.

„Фактот дека Пендаровски е кандидат на повеќе политички партии од повеќе етнички групи и секако дека шансите дури и во првиот круг да направи подобар резултат се пореални. Во вториот круг тие шанси се уште поголеми затоа што тогаш остануваат само двајца кандидати, па токму затоа реално е дека во вториот круг гласовите на албанските гласачи, ќе одат на контото на Пендаровски, ако во меѓувреме не се случи некое чудо“, вели Алберт Муслиу.

Каква кампања и реторика ќе слушаме?

Судејќи според говорите со кои се претставија веднаш по нивниот избор, аналитичарите очекуваат двајцата кандидати да настапат со спротивставени ставови, особено во однос на Преспанскиот договор. Веќе е познато дека Пендаровски го поддржува договорот со Грција, додека Силјановска-Давкова го критикуваше и оспоруваше.

„Да го отвориме прашањето за името на Република Македонија. Тоа не е затворено пред меѓународните судови и институции“, најави од партиската конвенција во Струга, Силјановска-Давкова.

Силјановска порача дека ќе бара широка општествена поддршка вклучително и од СДСМ бидејќи е натпартиски кандидат. Меѓу другото рече дека ќе се залага за намалување на претседателските ингеренции.

На конгресот на СДСМ, пак, Пендаровски го нарече договорот од Преспа, „чудо“ на актуелната власт.

„Оваа власт направи чудо со тоа што го сруши режимот на избори и го постигна Договорот со Грција на достоинствена основа, со целосно заштита на нашиот идентитет“, рече Пендаровски.

Црната кампања и непристојната реторика, домашните аналитичари не ги исклучуваат и на овие избори. Наративите велат тие, ќе бидат различни. Опозицијата ќе ги критикува постапките на владата, а СДСМ ќе се фокусира на претседателските ингеренции и евроатланските интеграции. Се очекува Договорот од Преспа и Законот за јазици да бидат дел од темите на кои ќе се спротивстават двајцата кандидати.

„Мислам дека на овие избори ВМРО-ДПМНЕ мислам дека ќе се фокусира на кампања која повеќе ќе наликува на парламентарна. Како свој антипод тие ја имаат владата и ќе се ги критикуваат владините политики одошто чисто претседателска кампања која де факто треба да биде пофокусирана на надворешната политика. СДСМ ќе се обиде наративот да го префрли на еден крстопат Македонија кон ЕУ и НАТО или назад кон изолација и мислам дека повеќе ќе се фокусираат на претседателска кампања и дека тоа ќе биде главниот наратив дека поддршката на нивниот кандидат ќе значи пречекорување на тој праг кон евроатланските интеграции“, вели Арсовски.

Иако се работи за претседателски избори, и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу не очекува кандидатите да се концентрираат на теми поврзани со претседателските ингеренции.

„Верувам дека опозицијата ќе се труди да ја прошири темата и на работата на Владата, на евентуални неуспеси кои таа ги има, па дури и некои успеси кои Владата ги промовира ќе се трудат да ги претстават како работи кои тие никогаш не би ги направиле. Тука мислам на договорите со Грција и Бугарија. Од друга страна, пак, од кампусот на Пендаровски ќе инсистираат на прашањата кои ги покрива претседателскиот кандидат и слично“, вели Муслиу.

Слични очекувања од изборната кампања има и Зибери.

„Бидејќи овој пат бројот на кандидатите ќе биде многу помал, тоа значи дека биполарноста на македонското општество ќе биде уште поизразена. Не очекувам инциденти. Мислам дека владата и МВР се сериозно ангажирани овие избори да поминат во најдобар ред, со оглед и на очекувањата на меѓународната заедница во пресрет на членството во НАТО и добивањето датум за почнување на преговорите со ЕУ, и затоа мислам дека тоа ќе ги принуди сите учесници да бидат повнимателни“, вели Зибери.

Консензуалниот кандидат не значи сигурна победа

Но, консензуалниот кандидат не значи сигурна победа на избори за него, туку единствената предност е што ја зголемува можноста за цензус во вториот круг на изборите, велат упатените. Вообичаено кандидатите на партиите на Албанците отпаѓаат по првиот круг, па со тоа се намалува веројатноста да се достигнат потребните 40 отсто излезност во вториот, нешто што се смета дека може да биде посигурно ако се ангажираат и гласачите Албанци.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, консензуалниот кандидат е само „алиби за задржување во живот на партиите кои застапуваат само една етничка заедница“.

„Инсистирањето на консензуален кандидат мислам дека е спротивно на идејата и концептот едно општество за сите, а камоли тоа да биде стандард за во иднина. Во еден нов, граѓански концепт кон кој Македонија треба да се стреми да се движи, особено по затворањето на Охридскиот рамковен договор, Законот за јазици и уставните реформи, во државава се губи смислата да постојат етнички профилирани партии“, вели Марко Трошановски.

Арсовски вели дека консензуалниот кандидат не значи по дефиниција победа. Пример е победата на актуелниот претседател Ѓорге Иванов на претходните избори, на кои победи, а не беше консензуален кандидат.

„Ѓорге Иванов ги доби претседателските избори, но сепак во вториот круг доби поддршка и од ДУИ. Така што, тоа е критичката маса која ќе ја направи разликата. Не значи консензуалниот кандидатпо дефиниција победа, но секако ќе му донесе предност на Пендаровски веќе во првиот круг. Не само тоа туку и во анкетите тој добива поддршка и кај Македонците, така што мислам дека тоа ќе биде неговата најголема предност, предноста кај македонските гласови и поддршката од ДУИ и албанските гласови“, вели Арсовски.

Кои се Силјановска и Пендаровски?

Инаку професорката Гордана Силјановска – Давкова e професорка по уставно право и политички систем. Зборува повеќе јазици, има предавано на повеќе светски универзитети. Силјановска беше и министер во периодот 1992-1994 година, еден од членовите на Уставната комисија на Собранието, експерт на Женевската група за заштита на човековите права и слободи и експерт на Обединетите нации. Таа е редовен професор на правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ.

Пендаровски, пак, кариерата ја започнува во одделот за аналитика во МВР. Во 2001 е именуван за советник за национална безбедност и надворешна политика на тогашниот претседател Борис Трајковски. Во 2004 и 2005 е шеф на Државната изборна комисија. Од 2017 година е Национален координатор за НАТО.

Тој беше кандидат за претседател пред пет години. Тогаш изгуби од актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов кој освои околу 130 илјади гласа повеќе. Веднаш по затворањето на избирачките места, без да се знаат резултатите, Заев тогаш како опозициски лидер, изјави дека не го признаваат изборниот процес, наведувајќи дека имало малверзации, измами и притисоци и побара техничка влада. Десетина месеци подоцна, во февруари 2015 година, СДСМ почна да ги објавува таканаречените опозициски бомби.

На претседателските избори кандидатурата на професорот и поранешен амбасадор Блерим Река ја поддржаа Алијанса за Албанците и Движењето Беса. Тој на својот Фејсбук профил напиша дека решил да учествува на изборите, бидејќи без ниту еден кандидат Албанец мултиетничко општество ризикува да стане моноетничка држава и Албанците ќе бидат само гласачи, но не и гласани. Каква ќе биде неговата улога на изборите?

„Мислам дека Села и Беса го кандидираат Река за да соберат албански гласови во првиот круг како поддршка на нивните партии. Имајќи предвид дека нема да има друг кандидат Албанец, Села и Беса сметаат дека со тоа албанските гласачи кои не сакаат да гласаат за актуелната влада ќе останат без репрезентација и тоа воопшто не е лоша стратегија. Тоа ќе ги консолидира другите албански гласови и ќе им даде поддршка на тие две партии во пресрет на некои идни парламентарни парламентарни избори“, анализира Арсовски.

Политичките аналитичари апелираат изборите да поминат во фер и демократска атмосфера, иако не ја исклучуваат можноста од бојкот на вториот круг на изборите од страна на опозицијата. Ако резултатот на опозицискиот кандидат не биде добар во првиот круг, многу веројатни се сценаријата за бојкот во вториот, велат тие, но тоа е прашање за кое сепак одлуката ќе ја има ВМРО-ДПМНЕ. Доколку дојде до тоа, тоа би значело политичка криза, но и отворање на дебатата за моделот на избор на претседател. Аналитичарите велат дека директните избори се добра опција, но дека би било пожелно да не се бара цензус во вториот круг, бидејќи, како што велат, тоа би оневозможило манипулација со излезноста засекогаш.

Свет: Предизборни математики во Украина

Претседателски избори: кандидати и комичари
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:05 0:00

Украинскиот комичар Володимир Зеленски, кој игра претседател во една популарна телевизиска серија, води на анкетите пред претседателските избори во Украина. За некои, неговиот пристап потсетува на популистичките стратегии кои го доведоа американскиот претседател Доналд Трамп на власт. Во популарната украинска ТВ серија, комичарот Володимир Зеленски игра претседател кој е скрупулозно искрен и ги надмудрува политичарите и бизнисмените кои се обидуваат да му застанат на патот.

Гоце Атанасов

Карактерот на Зеленски во шоуто „Слуга на народот“ е симбол на Украинците за тоа како во нивната земја требало да се владее од осамостојувањето во 1991 година. Тие имаат шанса оваа фантазија да ја претворат во реалност на претседателските избори закажани за 31 март. 41-годишниот актер ја најави неговата претседателска кандидатура на Новогодишната ноќ и води на анкетите пред актуелниот претседател Петро Порошенко и лидерката на опозицијата Јулија Тимошенко, на листата на која има рекордни 44 претседателски кандидати.

Критичарите го доведуваат под прашалник политичкото неискуство на Зеленски, додека инвеститорите се загрижени поради тоа што недоволно знаат за неговите намери. На крајот на краиштата, ако стане лидер, тој ќе биде одговорен за земја во војна која има потреба од фундаментални промени. Запрашан што го издвојува од другите кандидати, Зеленски посочува на неговото лице.

„Ова е новото лице, никогаш не сум бил во политиката“, рече тој.

Тоа го потврдува и политичкиот аналитичар Анатолиј Октисјук:

„Првата причина зошто Зеленски го зазема првото место на анкетите е дека има потреба од нови лица - нови политичари. Втората е поради недовербата спрема старите политичари“, вели тој.

Во телевизиската серија, Зеленски започнува како наставник по историја во средно училиште, а кој станува претседател откако снимка со неговата тирада против украинската корумпирана политичка класа станува вирална.

„Желбата на украинските граѓани е да има нови политичари подготвени да ја реструктуираат целата политичка класа“, вели истражувачкиот новинар и пратеник Сергеј Лешченко, споредувајќи го комичарот со американскиот претседател Трамп.

„Гледам повеќе сличности меѓу Трамп во САД и Зеленски во Украина. И двајцата се телевизиски ѕвезди, и двајцата им продаваат на луѓето сон, па луѓето се подготвени да го прифатат овој сон, бидејќи ним им е преку глава од со старата класа на политичари“, вели тој.

Протестите на Мајдан во 2014 година, кои го соборија претседателот со поддршка од Кремљ, ја донесоа надежта за промена, но критичарите на Порошенко велат дека напредокот не е доволно брз во земјата каде што корупцијата останува голема, олигарсите трупаат богатство, а нивото сиромаштија се меѓу најлошите во Европа. Дури и неговата партија се вика „Слуга на народот“ како и телевизиската серија. Поддршката за Зеленски е особено силна кај младите меѓу 18 и 35 години кои сметаат дека тој ќе биде најдобриот во борбата против корупцијата во државните институции. Неговата кампања беше поттикната од неговата телевизија и социјалните медиуми. Тој има 2,7 милиони следбеници на Инстаграм, додека Порошенко само 194 илјади.

Иронично, и покрај чистата слика на неговиот фиктивен претседател, Зеленски мораше да го одбрани сомневањето дека во реалниот живот тој е кукла на Игор Коломојски, истакнат олигарх чиј телевизиски канал ги емитува емисиите на Зеленски. Тој инсистира дека неговиот однос со Коломојски е строго професионален. Бизнисменот, исто така, негира дека има непотребно влијание врз Зеленски.

„Јас сум повеќе негова кукла отколку што е тој моја“, изјави тој за еден украинскиот сајт.

Во еден истражувачки извештај на украинската телевизија се обвинува Зеленски за тоа што ги продолжува комерцијални односи со Русија по што тој потврди дека има акции во кипарска компанија која е во сопственост на руска група и вети дека ќе ги продаде. Тој и со предизборни ветувања. За да се справи со корупцијата, Зеленски вели дека ќе воведе закон со кој ќе им го одземе имунитетот на претседателот, пратениците и судиите. Тој, исто така, повикува и на независен антикорупциски суд. Зеленски ветува дека ќе стави крај и на политичката култура каде што претседателот или некој друг во власта едноставно го зема телефонот и вели:

„Ќе биде вака, вака или вака“.

Неговите критичари, пак, укажуваат на неодреденоста на неговиот манифест, чии главни точки беа избрани на јавното гласање на социјалните медиуми.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG