Достапни линкови

Руска рака во срцето на ЕУ - Ќерката на портпаролот на Путин работи во Европскиот парламент


Елисавета Пескова
Елисавета Пескова

Ќерката на портпаролот на Путин, како приправник во ЕП, оди на состаноците на парламентарците, има пристап до разни документи и до внатрешната мрежа на Парламентот, што според неколкумина европратеници претставува руска рака во европскиот џеб и е срамно и недозволиво за ЕП од безбедносни причини

Елисавета Пескова, ќерката на портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, работи како практикант во Европскиот парламент во Брисел и има непречен пристап до разни документи на ЕУ, дознава Радио Слободна Европа.

21-годишната Пескова, ќерката на портпаролот Дмитриј Песков, работи заедно со Емерик Шопрад, француски член на Европскиот парламент, кој јавно го поддржа анексирањето Крим во 2014 година. Нејзиното име стои на интернет страницата на Европскиот парламент, а и Шопрад потврди за Радио Слободна Европа дека Пескова е дел од неговиот тим.

"Госпоѓица Пескова, секако, е ќерка на важна личност во Руската Федерација, но како студент, таа нема помалку права од другите млади луѓе да стажираат, како дел од нејзините студии ", изјави Шопрад за РСЕ и додаде дека „Пескова моментално не работи во Русија, ниту за државен, ниту за приватен субјект“.

„Според тоа, не може да има судир на интереси во остварувањето на мојот мандат како пратеник", напиша Шопрајд во својата електронска пошта испратена до РСЕ.

Шопрад е член на комитетот за надворешни работи на ЕП и на Поткомитетот за безбедност и одбрана, и тој е дел од делегацијата на парламентарната комисија на ЕУ и Русија. Тој беше еден од меѓународните набљудувачи на московскиот референдум на Крим по преземањето на полуостровот во март 2014 година. Во тоа време, Шопрад го нарече референдумот "оправдан", што беше во судир со ставот на ЕУ. Резолуцијата на Генералното собрание на ОН поддржана од 100 земји го прогласи за референдум неважечки.

Австревиус: Ова е голем срам

Радио Слободна Европа контактираше со неколку пратеници во Европскиот парламент кои рекоа дека „не знаат оти роднина на висок руски службеник работи со нив во ЕП“.

Сандра Калние, од најголемата парламентарна група Европската народна партија, смета дека во случајот се работи "небрежност", но и дека е тоа, како што изјави, "прекршување на општите безбедносни правила на Европскиот парламент".

Петрас Австревиус, од либералната група во ЕП, ја нарече позицијата на Пескова "голем срам за Европскиот парламент".

"Не можев да поверувам дека Кремљ ја држи својата рака во џебовите и срцето на институциите на ЕУ", изјави Австревиус за Радио Слободна Европа.

Портпаролката на Песковаза РСЕ рече дека не може да потврди дали таа работи во ЕП.

Како приправник, Пескова има непречен пристап до зградите на Европскиот парламент и во Брисел и во Стразбур и може да присуствува на сите комисии и други состаноци во комората.

Бидејќи контролите понекогаш се многу опуштени, со неколку вистински проверки, Пескова исто така има можност да биде присутна и на собири на други политички групи. Таа, исто така има пристап и до внатрешната компјутерска мрежа на Европскиот парламент.

Дали Пескова е платена од европските даночни обврзници?

Европскиот парламент ги плаќа практикантите од буџетот на еврочленките, кој пак е финансиран од европските даночни обврзници. Не е јасно колку пари добива Пескова, ако воопшто добива.

Европратеникот одредува колку се плаќа обуката, бидејќи сумата доаѓа од месечната алокација на политичарите за персоналот - околу 25.000 евра месечно. Максималното плаќање за приправник е околу 1.600 евра, иако е можно европратениците да вработуваат и неплатени слушатели.

Пескова е едно од бројните деца на политичари од политичката елита на Русија, кои живеат или студираат во западна Европа, а ги обвинуваат за лицемерие критичарите на Кремљ.

Нејзиниот татко, кој е портпарол на Путин речиси две децении, беше предмет на неколку обвинувања од рускиот опозициски лидер Алексеј навални, кој во критиките до Песков го истакнуваше „неговото богатство и скапиот вкус“.

Пескова е чест корисник на социјални медиуми со речиси 80.000 следбеници на Инстаграм, на која мрежа таа постојано го истакнува нејзиниот гламурозен стил на живеење во Москва, Париз и Брисел.

XS
SM
MD
LG