Достапни линкови

Енергиите на Тони и Емил Шулајковски роденденски во галерија „Акантус“


„Level 50“ е насловена заедничката изложба на браќата близнаци Тони и Емил Шулајковски што од денеска до 20 март ќе се одвива во скопската галерија „Акантус“. Прославувајќи го својот 50-ти роденден, тие се претставуваат со по 25 дела и сликарство блиско по пристапот, но различно по нарацијата.

Скопската ликовна публика, во перидот од 22 февруари до 20 март, во галеријата „Акантус“, ќе има можност да го проследи спојот на две творечки енергии - „толку блиски, а, сепак, толку посебни во својата нарација но и различности“. Со по 25 слики, прославувајќи го својот 50-ти роденден, на изложбата разбирливо насловена како „Level 50“, се претставуваат браќата близнаци – уметниците Емил и Тони Шулајовски. Ова, како што ќе биде забележано е осмо нивно заедничко претставување и прво по 19 годишната пауза од изложбата реализирана во Битола.

Емил Шулајковски појаснува дека првата заедничка изложба ја имале во 1995 година во Културно-информативниот центар, за да потем следуваат уште две поставки во Скопје, по една во Охрид, па во Белград и Љубљана, Куманово и последната во 2000 во Градот на конзулите.

За него Дијана Томиќ Радевска, ликовен уметник и куратор на галеријата „Акантус“, во текстот печатен во каталогот за „Level 50“ меѓу другото пишува: Во творештвото на Емил чистата експресија се манифестира низ слободата на потегот на четката, емоционалниот израз, слобода во композицијата која нема корелација со објективната реалност. Масата на боја е нанесена спонтано, енергично. Играјќи со комплементарни бои тој ја гради композицијата со темно-светло и гради длабочина и перспектива. Колоритот во оваа зрела фаза на сликарството на Емил Шулајковски е сфумато темен, богат во тонови и контрасти. На моменти ќе пронајдете ликови, препознатливи форми кои ќе ви дозволат да создадете сопствена приказна.

„Тоа што го создадов овие години генерално кажано нема некое име. Можеби не е тоа повеќе циклусот „Огнена земја“, туку тоа се некои други предели. Јас секогаш го сликам пејсажот во мислите и во мојата душа. Нема многу фигурација како што беше во изминативе неколку години . Во овие дела е понагласена апстрактната експресија и тоа е она што го истражував во овој период“, вели Емил.

Емил Шулајковски - „Игра на змејот“
Емил Шулајковски - „Игра на змејот“

Тој и со забелешка дека поголемиот дел од делата се настанати во периодот од март лани до јануари годинава и дека поради спецификите на просторот во „Акантус“ овојпат се одлучил на публиката да и ги покаже главно само малите формати од своето ателје.

Томиќ-Радевска, пак, за неговиот брат пишува: Иако, навидум, блиски во пристапот на градење на една композиција кај Тони се чувствува желба за раскажување преку боја, за создавање приказна во приказна. Фигурацијата, којашто се наѕира или пак е експресивно исцртана врз колоритни површини, му дава на гледачот асоцијација за мечтите и размислите на уметникот. Во некои композиции влегува во еден надреален свет кој можеби цитира, можеби потсетува на можноста на уметноста да нè научи како да се спознаеме себеси. Тој медитира преку своето сликарство.

Во контекст на ова, Тони Шулајковски истакнува дека моментално истражувајќи и работејќи всушност го до оформува неговиот циклус насловен како „Предградие на свеста“ со некои нови внатрешни размислувања.

„Го оформувам мојот цилкус Предградие на свеста со некои нови внатрешни размислувања директно поттикнати од медитативните состојби. Од моите лични доживувања, истражувања за поттикнување на свеста како творечка инспирација и длабоки анализи за целото опкружување тука околу нас. Разни приказни, како позитивни така и негативни ...и сето и тоа како делува на творечкиот процес“, ќе рече Тони.

Тони Шулајковски - „Реконекција“
Тони Шулајковски - „Реконекција“

Инаку, по изложбата во „Акантус“, Емил и Тони Шулајковски најверојатно наскоро заеднички ќе изложуват и во Шангај, во Кина, за да потем во земјава го чекаат следниот поголем јубилеј за братски да ја повикаат публиката да го види нивното актуелно творештво и просторите каде ги одвеле нивните потраги.

„Никогаш не планираме многу што во иднина ќе ни се случува. Оваа средба во „Акантус“ беше еден вид спонтано оживување и потреба за појавување во јавноста со мојот брат. Да ги споиме нашите енергии во една органска целина“, смета Емил Шулајковски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG