Достапни линкови

Емил Шулајковски: „Огнена земја“ е моето ново ликовно раѓање


Емил Шулајковски, сликар
Емил Шулајковски, сликар

„Огнена земја“ е насловена 25-та самостојна изложба на академскиот сликар Емил Шулајковски, што од 20 април се одржува во изложбените салони - Империјал 1 и 2 во Културно информативниот центар – Скопје. Постановката се состои од 45 слики изработени во маслена техника создадени во последниве три години и со неа уметникот ја заокружува две и пол децениската присутност на македонската ликовна сцена.

Емил Шулајковски, сликарот со пет национални награди, 25-те години творештво ќе ги одбележи со 25-та самостојна изложба. Тој во оваа пригода, во изложбените салони - Империјал 1 и 2 во Културно информативниот центар – Скопје, на културната јавност и домашната ликовна публика, ѝ го приопштува својот нов авторски исчекор насловен како „Огнена земја“. Станува збор за одбир од 45 слики, изработени во маслена техника и создадени во последниве три години, и конечно за концепт кој е развиван по неговата симболичка потрага по четирите елементи од природата, всушност кон прапостоењето на мајката земја во „Враќање кон корените“ од крајот на 2014 година.

Говорејќи за актуелниот творечки момент, тој знае да каже дека идејата била зачната на 1 јануари 2016, кога, како по обичај, почнал да работи на ново дело. Вели дека во тој момент посакал да го продолжи циклусот кој не е излаган во Скопје туку само во галеријата на Македонскиот културен центар во Њујорк пред пет лета и кој се бави со играта на огнот. Едноставно имал намера да посегне повторно по оние топли, црвени бои што асоцираат на огнот и сè околу него. Сепак, како што се развивале повеќето слики кои во некоја рака го допирале и веќе сработениот циклус „Црвен ангел“, целата приказна отишла во друг правец. Полека побегнал од првичната идеја да го разработува огнот и во новите слики, оние кои биле плод на врутоците енергија, забележал дека почнале да се појавуваат ликови, портрети, фигури на луѓе... Одеднаш огнената земја израснала во земја на надежта, на радоста, на љубовта, на средби... Ја нашол својата измислена земја во која секој би посакал да живее. И таквата верба го крепела сè до мигот на споделување на уметноста.

„Сликите се полни со оптимизам. Во нив е онаа замислена земја во која секој би сакал да живее, да биде присутен. Во нив нема само женски портрети, туку и машки. Има мислители, умни луѓе, има случајни средби, љубовни средби. Има многу љубов во моите слики. Љубов што ни недостига во овие мигови. Мене ме погодува таа отуѓеност спрема луѓето, но не ја сликам одалеченоста едни од други, туку блискоста. Го сликам новото зближување“, вели Шулајковски.

Тој дополнува дека ова особено е бележито во сликата „Некаде во ноќта“, како што вели една „темна слика“ во која можат да се забележат женска и машка фигура како се гледаат, и дека токму „тие погледи зрачат посилно од сè“.

Инаку, пишувајќи за рецентниот момент од неговото творештво Маја Чанкуловска Михајловска, меѓу другото, наведува дека „формите“ и композициските структури на Емил Шулајковски се „градени“ или произлегуваат од визуелната перцепција, односно препознавањето на општи облици или конкретни мотиви (форма или портрет или фигура, композиции, женско тело...) кои се трансформираат во своевидна апстрактна фигурација, при што генерално се работи за универзални претстави со аналогија на миметичкото, во случајов стилизирани портрети и претстави на женско тело кои се раѓаат по долга пауза - речиси цели две децении.

А, уметникот од своја страна истакнува дека првично портретите несвесно се родиле од напластувањата, редењето на боите. Потем тој и свесно започнал со нивното обликување и на платното започнале да се појавуваат маски, невести, примадона, за да финишот го стори со еден голем полиптих – четирите годишни времиња претставени со фигури, портрети на жени во соодветни бои, која ќе се издигне до централната композиција на изложбата.

„Жената ја поимам како ново раѓање. Почеток на некој нов циклус. Значи не се вртам во тој магичен круг на себеповторување што е својствено за секој уметник сакале тоа да си го признаеме или не. Ова навистина ми отвора нови порти. Ми дава идеи за нови циклуси. Жената ми се претстави како симбол на нешто ново. Прапочеток. Ова е буквално моето ново ликовно раѓање. И најверојатно следните неколку години ќе спремам голема ликовна изложба чија тема ќе биде поттикната од таквите размисли“, потенцира Шулајковски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG