Достапни линкови

Комисии на Министерство за култура - Неправедно кренавте многу врева


Илустрација

Комисиите за фолклор и музичка дејност и за театар при Министерството за култура и натаму со став дека стојат зад своите одлуки во врска со Конкурсот за програми од национален интерес за 2019 година. Вината ја гледаат исклучиво во нецелосните пријави на апликантите.

По само еден ден од проверката на „одбиените“ предмети на Конкурсот за проекти од национален интерес на Министерството за култура за 2019 година, две комисии се решија да излезат со првичните резултати.

Плеурат Гаши, претседател на комисијата за фолклорна и музичко-сценско дејност, на денешната прес-конференција, откако ги искара медиумите дека „кренале многу врева“ и дека на тој начин ја возбудиле целата јавност, ќе рече дека тоа е „неправедно“. Дека тие и како Комисија и како Министерство се критикувани без основ.

„Со полна моја храброст можам да кажам дека ние како комисија работевме строго професионално, строго праведно и за сите се трудевме да ги поделиме средствата како е можно почесно и попрецизно. Од таму ако нè напаѓаат медиумите и нацијата воопшто тие треба да имаат силни аргументи за тоа. Ние сме тие што ќе докажеме дека работите не стојат така. Ќе докажеме со аргументи и со факти дека по никој основ не сме го прекршиле законот на никаков начин. Не знам како било лани, но главното е што годинава бевме професионално и домаќински настроени“, изјави Гаши.

Тој тврди дека „големите фестивали биле тие што го прекршувале законот“. Дека во нивните предмети ги „немало најосновните елементи за да ги анализираат“. Како пример го издвојува „Скопскиот џез фестивал кој не понудил ни програма, ни изјави од учесниците, од уметниците, немал наведено ниту сали каде ќе се одржува фестивалот, ниту вкупен буџет и така со ред“. Со оглед на тоа дека е тоа „голем настан“ побарале од организаторот да достави дополнителна документација за да можат да го анализираат предметот по ставки и врз нив да ја определат сумата со која ќе го поддржат Фестивалот“.

Според него, од вкупно 2000-те апликации тие успеале наново да обработат над стотина и засега единствено ќе реагираат само во случајот на фестивалот „Златно славејче“, откако констатирале пропуст и „ја нашле изјавата за простор“.

„Златно славејче“ дефинитивно ќе биде финансирано од страна на Министерството и тука е нашата грешка. За другите предмети како што е Скопски џез фестивал и „Авалон“ и сега важи првичната констатација. Еве ги тука стојат предметите и во нив освен пријави и изјави од организаторот нема ништо друго. Кај „Авалон“ фали изјава за тоа каде ќе бидат концертите на Лени Кравиц, Ерос Рамацоти... Ние како комисија не можеме да потпишеме ако видиме барем и мал дефект во еден предмет“, појаснува Гаши.

Сепак, тој не ја исклучува можноста министерот да одлучи на Скопскиот џез фестивал и другите „големи настани за кои тие како комисија сè уште сакаат да се одржат“, поради нивното значење, да им даде дополнително време за да ја „испочитуваат процедурата и да можат да се справат со документацијата“.

Од друга страна, пак, говорејќи за Фестивалот за изворни народни песни и ора „Пеце Атанасоски“ претседателот на Комисијата за фолклор и музика истакнува дека и во нивниот случај „освен пријавата нема ништо друго“.

Прашан, пак, зошто некои албански културно уметнички друштва добиле двојно повеќе од македонските, тој со „појаснување дека понудиле посилна и поквалитетна програма“.

„Ние сме оценувале првично врз база на документација, а после врз база на предмет. Предметот што содржи – какви концерти, колку луѓе настапуваат, од каде идат... Сега можеби настаните на албанските културно уметнички друштва биле поголеми како настап“, смета Плеурат Гаши.

Конечно, според Комисијата средства за корекции има (се водело сметка и за тоа), а тие во разгледувањето на жалбите и поплаките немаат рок, по што ќе излезат повторно со информација пред јавноста.

Од друга страна, Исмет Рамадани, член на комисијата за Драмска дејност, во отсуство на претседателот Петар Арсовски, информира дека тие повторно се состанале и ги разгледале одбиените проекти и дека „остануваат на истиот став што го донеле претходно“.

„Ние како комисија имавме обврска да се консултираме со директорите на јавните установи. Има установи со девет или десет проекти, кои реално не можат да бидат завршени за една година. Можат да завршат, три до четири, максимум пет проекти. Во консултациите со нив, тие ни ги кажуваат нивните приоритети, за кои ние треба да одговориме“, смета Рамадани.

Прашан што со оние установи чии први луѓе побараа ревизија на Програмата тој со став дека тие имаат законска обврска во текот на годината доколку се побара надополнување или жалби да ги разгледаат и таквите барања.

„Буџетот изнесуваше 80 милиони денари, со тоа што 8 милиони денари остануваат за Министерството, за евентуални корекции по жалбите и приговорите. Досега, за одобрените проекти исцрпени се околу 72 милиони денари. Овие 8 милиони денари или околу 10 отсто остануваат според закон, доколку треба да се интервенира“, појаснува Рамадани.

Конечно, тој и со образложение дека најмногу пари годинава добил МНТ (10 милиони денари), дека Фестивалот за античка драма „Стоби“ немал комплетна документација и затоа неговото барање не било разгледувано, а и со дополна дека Оливер Митковски останува на одлуката на Комисијата, но не знае зошто тој напишал писмо во кое го кажал своето издвоено мислење.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG