Достапни линкови

Конкурсот поништен – авторите сè уште ги чекаат решенијата


Илустрација
Илустрација

Дваесетина дена по објавувањето на соопштението на Министерството за култура, во кое се известува за поништувањето на Конкурсот за откуп на нови композиции за 2017 година, со реакција се јави група македонски музички автори. Тие бараат да се преиспита одлуката и Министерството да ги преземе обврските пропишани во конкурсот.

По некаде тронеделен молк, група од 14 македонски музички творци, меѓу кои Јана Андреевска, Андреј Блажевски, Валентина Велковска-Трајановска, Кокан Димушевски, Горан Начевски, Ана Пандевска и Сони Петровски, се јави со реакција во јавноста со која, наспроти соопштението на Министерството за култура од крајот на март, во кое патем се известува за поништувањето на Конкурсот за откуп на нови композиции за 2017 година, се бара да се преиспита одлуката и Министерството да ги преземе обврските пропишани во конкурсот.

Тие велат дека се должни да реагираат поради низа пропусти и дека Соопштението содржи информации, ирелевантни за самото поништување. Дека во него се цитирани неколку делови од пропозициите, роковите за поднесување на пријавените дела, но и потребата за поднесување на пријавите под шифри, кои немаат никаква врска со поништувањето на Конкурсот. Сметаат дека вметнувањето на овие цитати е всушност ПР-трик на Министерството, со намера да се создаде впечаток дека авторите кои се наградени го компромитирале процесот.

Соопштението непотребно ја подучува јавноста околу разликата помеѓу објавувањето на одлуките на тричлената комисија (назначена од министерот) и објавувањето на решенијата на министерот. Со ова вербално талкање се создава привид за некаква темелна контрола на процесот, и е уште еден ПР трик, за кој нема место во едно официјално соопштение. Истовремено, недостасува вистинската причина зошто министерот не постапил по препораките на истакнатите професионалци, кои самиот ги назначил како членови на комисијата? Соопштението избегнува да наведе јасно: какви се административните пропусти и кој ги направил? Со тоа потполно ја промашува својата цел – пишува во нивната реакција.

Понатаму во текстот се вели дека „од најавата за дисциплинските санкции кон вработени во Министерството се наѕира дека пропустите се направени внатре во Министерството“. Сепак, одговорен за планирањето, координацијата и квалитетот на работата на Министерството е токму министерот за култура. Од преземањето на должноста на 31 мај 2017, министерот имаше време да ја планира и координира работата на Министерството, за веќе по истекување на рокот за пријави на 31.10.2017 да располага со доволно човечки и технички ресурси за да се справи со пријавените дела. Зошто Министерот не го направил тоа, а го направил темелно во други сегменти од работата на Министерството - прашуваат авторите.

Во нивното обраќање се вели и тоа дека споменувањето на организирање повторен конкурс, и напомената дека наградените автори од поништениот конкурс ќе можат да конкурираат по втор пат, е вметнато како уште едно замајување на јавноста со кое „Министерството сака да покаже дека се грижи за ситуацијата на наградените автори“. Но, соопштението го игнорира фактот дека анонимноста на делата кои се наградени во поништениот конкурс е веќе повредена од самото Министерство, поради објавата на резултатите на 18 јануари 2018 и истите дела се неупотребливи во повторениот конкурс.

Јана Андреевска, во своето појаснување за реакцијата, вели дека Соопштението најпрвин го виделе на веб страната на Министерство за култура, но дека тогаш не сакале веднаш да реагираат од неколку причини – во тек бил фестивалот Денови на македонска музика во чија реализација бил вклучен поголем дел од авторите, а згора на тоа потем сакале да се соберат сите и конечно да видат кој е најсоодветниот начин да се реагира на едно такво Соопштение со кое тие се оштетени како автори.

„Се надевавме дека во меѓувреме ќе се случат некои чекори од Министерството за култура коишто ќе ни ја олеснат нашата реакција во смисла да не биде се* толку бурно и негативно во однос на Министерството. Меѓутоа такво нешто не се случи. Имено ние до ден денешен немаме добиено ни решенија за секој автор со коишто сме известени за поништувањето на Конкурсот. Тоа е едно правно решение во коешто би требало по логиката на нештата да стои и некаква правна поука. Сеуште ги чекаме тие решенија и токму од тие причини следува и оваа реакција којашто ја објавивме“, вели композиторката.

Горан Начевски, пак, како веќе неколкупати наградуван автор (патем неговата опера „Помеѓу соништа и летови“ - инаку победник на Конкурсот пред четири години беше изведена на годинешното издание на Денови на Македонска музика), истакнува дека станува збор за тешка, макотрпна работа која бара исклучително многу време и многу откажувања.

„Се откажувате од многу работи. Од семејство и слично, за да го напишете она дело кое комисијата која одлучува на Конкурсот него го валоризира. Го одбере од севкупната понуда. Да превагне на вагата каде што се најдобрите. Би советувал да се преиспита одлуката за поништување. Сè да се врати на нормален колосек и би препорачал овој Конкурс да продолжи оти евидентно влијаеше позитивно на современото македонско музичко творештво“, смета Начевски.

Во овој контекст Андревска со став дека единствено рационално решение би било да се поништи одлуката на Министерот за поништување на конкурсот.

„Ние тоа и го предлагаме во објавата на нашата реакција. Тој да ја преиспита својата одлука и ако тоа се случи тоа според нас би било најсоодветно решение. Инаку, сите други одлуки како повторување на конкурсот и слично воопшто немаат никаква врска со стварноста и се косат со принципите, со правилата на Конкурсот. Особено анонимноста на авторите сега ќе биде компромитирана, тие не ќе можат да учествуваат со истите дела и во таа смисла сè станува спорно“, категорична е Андреевска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG