Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ ги објави кандидатите за претседател, СДСМ сега почна да ги бара


Архивска фотографија- Вила Водно – резиденција на претседателот на Република Македонија.

До ВМРО-ДПМНЕ стигнале девет кандидатури за претседател, а од нив најзвучни се имињата на професорката Гордана Сиљановска- Давкова и пратеникот Влатко Ѓорчев. СДСМ од вчера распиша оглас, а нивниот кандидат ќе се знае на трети март.

Девет кандидати ќе се обидат да ги добијат гласовите на делегатите на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ и со тоа да станат кандидати за шеф на државата од опозициската партија.

За фаворити во јавноста се посочуваат имињата на двајца од нив, професорката од Правниот факултет Гордана Сиљановска-Давкова и пратеникот и правник Влатко Ѓорчев. До ВМРО-ДПМНЕ стигнале и пријавите на професорот на Природно математичкиот факултет Никита Шекутковски, машинскиот инженер Ѓорѓи Манасков, фармацевтски техничар Васко Костов, професорот во пензија Илија Димовски, поранешниот директор на Архивот на Македонија Филип Петровски, поранешниот градоначалник на Виница и актуелен извршен директор на депонијата Дрисла Горан Ангелов и докторот по земјоделски науки Сашо Кутлешовски.

“Сите кандидати ќе имаат и еднакви можности да бидат избрани согласно со принципите и демократијата”, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски.

За тоа кој ќе биде конечниот кандидат на партијата ќе одлучат делегатите на конвенцијата која е закажана за 16 февруари во Струга. ВМРО-ДПМНЕ повикот за кандидат за претседател го објави на четврти јануари, а рокот за пријавување заврши на крајот на минатиот месец.

Името на Сиљановска- Давкова прво се појави во јавноста како предлог на триесетина професори, а досега се шпекулираше дека ќе се пријави и на огласот на ВМРО-ДПМНЕ и дека таа е фаворитот на партиското раководство.

“Ние ќе го поддржиме оној кандидат што ќе победи на конвенцијата, затоа апелирам до сите кандидати во овој период да ја покажат својата визија и програма и да ги освојат срцата на сите граѓани”, рече Мисајловски на прашањето за поддршката за Сиљановска- Давкова.

СДСМ, пак, исто како и опозициска партија објави оглас за самокандидирање, но еден месец по ВМРО-ДПМНЕ. Тие кандидатот за претседател на Македонија ќе го утврдат на трети март на партиски конгрес.

И додека претендентите за таа државна позиција од ВМРО-ДПМНЕ се веќе познати, од СДСМ нивните имиња остануваат шпекулација. Засега најчесто се споменуваат министрите Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски и Никола Димитров и координаторот на Македонија за НАТО Стево Пендаровски.

Во партискиот оглас објавен во понеделникот како основни критериуми кои треба да ги исполнува кандидатот се наведуваат дека треба да е личност со висок општествен углед, способен за извршување на високи државнички функции, да ужива доверба на членството и симпатизерите на партијата. Од владејачката партија како услов го наведуваат и работењето на реализација на полноправно членство во НАТО и ЕУ.

Во меѓувреме, додека се чека одлуката на СДСМ, владиниот коалициски партнер ДУИ, од каде што претходно инсистираа на заеднички консензуален кандидат, одлучи да оди со свој. Најави дека ќе имаат свои кандидати има и од Либерално демократска партија, Сојузот на Ромите и Партијата за движење на Турција, а се чека и одлуката за кандидатот на Алијансата за Албанците на Зијадин Села.

В петок според најавата, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ги распише претседателските избори. Првиот круг ќе се одржи на 21 април, а вториот на петти мај.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG