Достапни линкови

Неделен печат – Избори и врзување на рацете на СЈО


Премиерот Зоран Заев на гласање на претседателски и предвремените парламентарни избори 2014

Неделникот Капитал пишува дека е полесно да се оди на предвремени избори отколку да се засукаат ракавите, Глобус за ветингот во полицијата, а Фокус за одлуката на Врховниот суд СЈО да не може да отвора истраги по истекот на рокот од 18 месеци.

Тема и дебати што доминираат во нашата јавност и во медиумите – дали едновремено со редовните претседателски избори напролет да се одржат и вонредни парламентарни. Поттикнати од отворените барања на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски и од спакуваните во целофан возвратни одговори на позициските политичари дека „еден од силните аргументи за двојни избори е што тоа ги намалува шансите за бојкот на претседателските“, како што на пример изјави вицепремиерката Шекеринска. Странците, пак, оние од Европа, упатуваат недвојбени пораки дека сега е време за реформи, не за губење на залетот и на времето за вонредни парламентарни.

Капитал - Полесно е да се оди на избори отколку да се засукаат ракавите

И најновиот Капитал во рубриката „Политика“ темата иронично ја насловува: „Полесно е да се оди на избори отколку да се засукаат ракавите“ и смета дека дури „За реформите ќе треба поголема храброст отколку за Договорот“. Неделникот прави преглед и на мислењата на други министри во Владата, Манчевски и Дескоска, оние во чии ресори и треба да се спроведат дел од структурните реформи, јавната администрација и правда, за да поентира: „Сите дипломати зборуваат во еден глас дека сега, откако се финализира Преспанскиот договор, има време само за едно – итно спроведување на реформите (во јавната администрација, судството и разузнавачките служби, борбата против корупцијата и организираниот криминал) за да се фати јунскиот воз пред самитот на ЕУ“. Капитал потсетува дека актуелната влада има „домашна“ задача од ЕК да спроведе целосна реформа, освен во претходно наведените области, и во разузнавачките служби и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Исто така потсетува, дека реформи бараат и директорите на ММФ, а со цел подигање на растот на економијата откако е воспоставена политичката стабилност и во пресрет на преговорите за евроинтеграцијата на земјата.

Глобус - НАТО ги отвора прозорците во државните служби – претстои сериозно проветрување

А пропо обемните и тешки реформи што ја очекуваат Владата, а по изгледниот прием на Македонија во НАТО – неделникот Глобус во темата со симболичен наслов: „НАТО ги отвора прозорците во државните служби – претстои сериозно проветрување“, ги анализира чекорите, за кои во НАТО се користи терминот од англиската лексика ветинг или прочистување, што ќе треба да се преземат во државните служби каде што, потоа го цитира нашиот, како што го нарекува „офицер за врски со Алијансата“, Стево Пендаровски, од едно телевизиско интервју - „има луѓе кои не се за ЕУ и НАТО, не се приврзаници на нашето приближување кон западните организации, и затоа за нив нема место во чувствителните служби каде што се има контакт со архивата на безбедносно чувствителни податоци“. Пендаровски дообјаснува дека ветингот значи еден вид проверка на судии, полициски службеници, административци, односно проверка на капацитетите, перформансите и способностите на категории државни функционери и службеници што има врска со нашето влегување во друштвото на големите западни организации.

Фокус - Врховните судии ставија клуч на СЈО – Јово Вангеловски ја обеси правдата

И Фокус, кој со насловната ја задира и втората тема што ја засегна јавноста - „Врховните судии ставија клуч на СЈО – Јово Вангеловски ја обеси правдата“, се осврнува на темата претседателски избори, но од аголот на гледање на опозицијата: „Како опозициски кандидат да победи на претседателските избори?“ – веројатно инспириран од досега дадените две апликации за кандидатура, онаа на Влатко Ѓорчев, кој изјавува дека неговата опција е евроатлантската интеграција на земјава, и на Филип Петровски, кој на демонстрациите против Преспанскиот договор настапуваше заедно со проруски настроените „Обединети за Македонија“ и со Бачев кој на тие демонстрации развеа руско знаме пред Собранието. Фокус смета дека идејата била во првиот круг на претседателските избори опозицијата да излезе со двајца кандидати, едниот навидум прозападен, од мекото крило, другиот (или другата) навидум происточен, од тврдото крило, со цел да се спречи бојкотот на приврзаниците на кое било од крилата, ако немаат свој кандидат, па потоа во вториот круг, без разлика кој ќе влезе, другиот да му даде поддршка. „Како на шведска маса, треба да има понуда од опозициски кандидати за сечиј вкус, а сепак од иста кујна“, иронизира Фокус. Па потсетува дека тоа прилега на ситуацијата кога се беа судриле Георгиевски и Груевски, кога оние што тогаш не го сакаа прозападниот Груевски имаа за кого да гласаат, а оние кои не го сакаа тогаш антизападниот Георгиевски исто така имаа за кого да гласаат – за тогаш мекиот технократ Груевски на чело на тогаш реформираната ВМРО-ДПМЕ.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG