Достапни линкови

Османи во одбрана на директорите на ПИОМ од ДУИ, Шекеринска во одбрана на Царовска


Османи ја нападна Царовска за „несреќна изјава“ за пензиската афера
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:40 0:00

Османи ја нападна Царовска за „несреќна изјава“ за пензиската афера

Вицепремиерот Бујар Османи денеска рече дека „апсолутно немало никаква злоупотреба“ на пари од Фондот за пензиско, но министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека е јасно оти злоупотреба имало и таа мора да се истражи.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи остро ја нападна министерката за труд и социјала Мила Царовска за отворањето на аферата со злоупотреба на пари од Фондот за пензиско и застана во одбрана на директорите од ДУИ во чие време не им биле префрлани пари во вториот столб на 12 илјади вработени, со што им била нанесена штета од 19 милиони евра. Тој рече дека не се работи за злоупотреба на ниту еден денар и обвини за ширење на лажни вести.

„Јас морам тука да кажам дека вчера имаше несреќна изјава на министерката Царовска којашто отвори можност за спектакуларни шпекулации по однос на тоа што се случило во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, за некаква можност за злоупотреба и кога вчера го верификувавме и со Министерството и со Фондот дека апсолутно не се работи за злоупотреба на ниту еден денар од средствата на пензионерите или од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, туку дел поради административни пречки, дел поради недоволен буџет поради тогашната одлука на владата да се намалат придонесите, дека тие не биле префрлени во вториот столб, меѓутоа не станува збор апсолутно за никаква злоупотреба на ниту еден денар од тие средства“, рече Османи.

Тој најави тужби против медиумите што, како што рече, ширеле лажни вести.

Во одбрана на Царовска, пак, застана вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

„Од она што го чув вчера на прес-конференцијата и во изјавите, јасно станува дека е направена злоупотреба, што не значи дека парите се завршени во приватни џебови на функционери, но обвинителството мора да ја истражи злоупотребата“, рече Шеќеринска.

Министерката Царовска вчера соопшти дека Фондот за здравство од 2007 до 2018 година не им ги уплаќал парите на 12 илјади вработени во вториот пензиски столб со што ги оштетил за 19 милиони евра. Тие пари останувале во првиот столб.

Во тој период, на чело на Фондот за пензиско осигурување се кадри на ДУИ: Исни Јакупи, Амет Даути, Беким Незири и Шаип Зенељи, додека министри за труд и социјална политика, под чија надлежност е ПИОМ беа Џељаљ Бајрами, Спиро Ристовски и Диме Спасов.

Инаку, Османи и Шекеринска, со министрите за внатрешни и за надворешни работи Оливер Спасовски и Никола Димитров, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за досега сработеното и за реформската агенда во наредниот период со цел забрзување на евроинтеграциите по решавањето на спорот за името.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG