Достапни линкови

Оштетени граѓани од зачленување во вториот пензиски столб


Илустрација: Пензионери

Околу 300 граѓани се оштетени поради преминувањето во вториот пензиски фонд. Нивниот проблем ќе се решава со законски измени, а упатените велат дека проблемите се појавуваат само кај оние луѓе кои кратко време уплаќале во вториот пензиски столб.

Нема опасност за пензиите на граѓаните кои се зачленети во вториот пензиски столб, освен за повозрасните луѓе кои имаат поголем стаж, велат експертите, откако неколку граѓани се обратија кај Народниот правобранител дека добиле драстично помали пензии со зачленувањето во вториот пензиски столб. Првичната анализа покажува дека од овој проблем се погодени најмалку 300 граѓани.

Проблемите со зачленувањето во вториот столб ги откри Народниот правобранител до кого мината година биле упатени претставки од тројца граѓани. Станува збор за луѓе кои во периодот кога требаше да се воведе задолжителниот пензиски столб имале уште 10 до 15 години до пензионирање и биле на граница дали да преминат во вториот столб. Како што наведува поранешниот генерален директор на ПИОМ Бошко Китановски, овие граѓани најверојатно биле доведени во заблуда дека со зачленувањето во вториот столб ќе имаат бенефит, заради недоволно објаснување што претставува користење на пензијата од двата фонда.

„Тие доброволно се пријавиле. Претпоставка зошто се случило, моја лична претпоставка, е заради неинформираност во тој период или заради доведување во заблуда на самите корисници кои биле зачленети во тој втор пензиски фонд дека ќе имаат бенефит. Периодот за акумулирање и за капитализирање на тие средства во период од 10 години до стекнувањето на услови за пензија е многу краток, што претставува поинаква ситуација кај лицата што за прв пат се вработиле по 01.01.2003 година и кои задолжително пристапуваат во вториот пензиски фонд“, вели Китановски.

Тој посочува дека ова што се јавуваат деновиве со прашањето на вториот столб е регулирано со законот за задолжително капитално осигурување донесен во 2002 година кога и стапил во сила. Овој закон предвидува сите нововработени лица по 01.01.2003 по сила на закон да се зачленат во т.н втор пензиски столб. Проекциите кои биле правени во тој период во Фондот за пензиско осигурување, како што напоменува Китановски, укажувале на податокот дека сите лица кои што се вработиле пред 01.01. 2003 година, меѓутоа максимум до пет години, имале исплатливост да членуваат во тој фонд. Тој посочува дека за сите останати кои имаат поголем период на вработување, дека не е исплатливо зачленување во вториот фонд и објаснува оти вториот фонд е заснован на капитална основа.

„Средствата кои се издвојуваат таму се кумулираат и истите треба да бидат капитализирани преку разни вложувања, како во обврзници. Во ваква ситуација оние што имале издвојување во вториот столб, а имале 10-тина години до остварување на правото на пензија мал бил периодот тие средства да се капитализираат, а сето тоа заради начинот на пресметка“, вели Китановски.

Во врска со останатите граѓани кои се вработиле по 01.01.2003, а кои согласно законот задолжително влегуваат во вториот пензиски стоб, Китановски смета дека вакви проблеми нема да има, посочувајќи дека кај нив периодот до остварување на право на пензија ќе биде подолг и тоа ќе даде можност да се капитализираат тие средства и оти при исплатата на пензиите нема да имаат ваков проблем.

Инаку за оштетените граѓани кои се соочија со помали пензии сега по барање на Народниот правобранител, МАПАС и Министерството за труд и социјална политика треба да направи измени на три закони кои се однесуваат на оваа проблематика. Со тоа треба да се овозможи бришење од евиденцијата на приватните фондови на граѓаните за кои ќе се утврди дека е тоа неповолно. Овие измени треба да се однесуваат на граѓаните кои при потпишувањето на договорот за членство во приватен пензиски фонд имале 38 години, односно биле родени пред или во 1967 година, имале најмалку пет години работен стаж и нивното прво вработување било во 2003 година.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG