Достапни линкови

„Субверзија во црвено“ – македонски претставник на Венециско биенале


„Субверзија во црвено“, проектот на уметницата Нада Прља и на Музејот на современата уметност од Скопје, ќе ја претставува Република Македонија на 58-та Интернационална ликовна изложба во Венеција, што ќе се одржи од 9 мај до 24 октомври годинава.

Република Македонија на претстојното 58. Биенале на уметноста во Венеција, Италија годинава ќе ја претставува уметничката Нада Прља со проектот „Субверзија во црвено“, кој на Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од областа на меѓународната дејност на Министерството за култура го предложи Музејот на современата уметност од Скопје.

Вака одлучила Комисијата формирана за оваа намена во чиј состав биле професор Мирко Вујисиќ, професор Тони Васиќ и Имер Бајрами.

Во определениот рок на Конкурсот пристигнале уште три проекта: „Мирисот на лебот“ од Нехат Беќири зад кој застанала Националната галерија на Македонија, „А-Reaction“ од Марија Павловска и Музеј на град Скопје и самостојниот проект „Че биде“ на Игор Јосифов.

Во однос на својот избор Комисијата го издвоила „проектот на авторката Нада Прља кој, според тематската одреденица и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи, е актуелен и интернационално референтен проект во културениот контекст и во однос на темата на 58-то Венециско биенале „Да се живее во интересни времиња“ што ја иницираше уметничкиот директор на манифестацијата и директор на лондонската галерија Хејворд - Ралф Ругоф. Таа, исто така, „ги зела предвид и квалитетите и искуството на авторката со учество и изведба на дела со сличен контекст, кои се многубројни и имаат освоено награди и признанија на меѓународната сцена“. Во дополнение ќе биде констатирано и тоа дека „Комисијата изразила уверување дека и соработниците што се вклучени во реализацијата на проектот, во однос на уметничката критика и стручност, имаат големо интернационално искуство, особено во претходните учества на оваа манифестација“.

И, кога е ова веќе познато треба да се напомене дека Комесар на настапот на Република Македонија на 58-то Биенале во Венеција е Мира Гаќина, кустос на проектот Јованка Попова , кустос-соработник Тевж Логар од Словенија ( кој, патем, пред три години беше кустос на изложбата на уметницата Јасмина Цибиќ во словенечкиот павилјон), а во тимот е и концептуалниот уметник и активист за човекови права Артан Садику.

Но, да се вратиме на проектот на Прља. „Субверзија во црвено“ како развоен и истражувачки проект, како што е наведено во предложениот концепт, почива на постоечката историска материја, почнувајќи од општествено-политичките услови на 20 век и се до културолошките моменти на современата историја. Тие историски моменти се преработени со екпериментирање и адаптирање, со што се создава нов и единствен израз. Проектот на овој начин ја стимулира потрагата по нови облици на општествено-политичкото организирање со ревидирање на одредени минати концепти и општествени модели, поттикнувајќи нови облици на делување на уметниците и бришејќи ги границите на учесници во општеството и на културното поле.

Анализирајќи различни концепти на марксистичката теорија и пракса со деконструкција на некогашните модели, „Субверзија во црвено“ предлага поинакво читање на постулатите на марксизмот, односно на читање кое е компатибилно со денешните токови во политиката и во општеството. Проектот се стреми кон развојот на одредена анархистичка имагинација на политиката, односно кон „субверзивна политика“, при што субверзијата се однесува како на ригидноста на општественото уредување создадено со марксистичката теорија (социјализмот), така и на денешниот суров и бескрупулозен капитализам. Тој подразбира различни уметнички и неуметнички методи и медиуми, како што е дискусија во форма на перформанс, документарно видео од тој перформанс, инкорпорирање на постојните уметнички дела и слично.

Нада Прља е македонска визуелна уметница која во последно време живее и твори на релација Скопје – Лондон – Копенхаген. Дипломирала на Ликовната академија во Скопје и магистрирала на студиите по филозофија на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон. Таа делува користејќи неколку различни медиуми, како инсталации, видео, проекти во јавен простор...притоа бавејќи се со темите на нееднаквост и неправди во современото општество, отворајќи бројни прашања за актуелните политички и економски состојби, национализмот, човечките права, миграциите. Конечно, зад себе досега има повеќе од 20 самостојни и стотина групни изложби во Европа и низ светот.

Инаку, во дописот од Министерството за култура за изборот стои дека за претставување на проектот „Субверзија во црвено“ на Нада Прља и на Музејот на современа уметност од Скопје, односно на Република Македонија, на 58-та Интернационална ликовна изложба во Венеција, се издвоени 4.000.000,00 денари.

А, како што и обично бива, не многу по обелоденувањето на оваа вест веќе се јавија првите реакции на останатите учесници на Конкурсот.

Марија Павловска, која моментално живее во Њујорк, во САД, истакнува дека „изборот е скандалозен и дека според Конкурсот распишан од Министерството за култура уметникот треба да е лично поканет од Венециско биенале и да има потврден простор“. Вели дека, нејзиниот проект и оној на Игор Јосифов имаат покани, а дека за оној од Прља тоа и не може да се види од информацијата на Министерството за култура.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG