Достапни линкови

Јакимовска - Ова не се ни одблизу сите жени коишто се хероини на ова време


„Хероините на нашето време“ е насловена 15-та самостојна изложба на академската сликарка Јана Јакимовска, што од 10 до 19 декември, се одржува во Музејот на Град Скопје. Поставката е омаж на жените-хероини во македонското општество.

Изложбата „Хероините на нашето време“ ја нагласува потребата за паметење и историзирање, но и повикува на рамноправност во паметењето во услови на доминантна хероизација на маскулинистичките симболи на моќ. Таа отвора дискусија за ре-дефиниција на улогата на современата жена во македонското општество, и токму преку симболичната употреба на поимот хероина, таа воедно и предлага ново читање и пишување на скорешната историја. И најнакрај, таа го ревитализира медиумот на оваа изложба – портрет-на уметност – којшто е крик да се врати достоинството на старите медиуми, коешто им беше одземено со нивната употреба во пропагандни цели.

Ова во пресрет на изложбата „Хероините на нашето време“ на Јана Јакимовска, што од 10 до 19 декември се одржува во Музеј на град Скопје, ќе го запише кураторката Елена Вељановска.

А, уметничката во сопственото појаснување ќе рече дека досега во она што го работела многу често се занимавала со авто-портрет, со авто-фигура, авто-акт... Дека сето тоа можеби зборувало и за повеќе други теми, но токму тој бил визуелниот наратив со којшто располагала најчесто. Вели дека уште една банална причина во повеќето е што малку и здосадило самата да биде експонираниот субјект и објект на тоа што го создава.

„Главната причина е тоа што низ годиниве бевме многу фокусирани на менување на состојбите во Македонија. Не зборувам само за менување на режимот којшто сите не притискаше, туку зборувам за менување на некои гледања на нештата, за менталитет, за вредности, за такви работи. Од она што можев да забележам е дека во тие борби најистакнати беа многу жени. И многу од тие борби се женски борби повеќе отколку што се на двата пола. Значи патријархатот, нееднаквоста, ЛГБТ прашањата, јас сите тие ги ставам во еден кош“, вели Јана Јакимовска.

Појаснува дека тоа можеби нефер звучи, меѓутоа дека нејзе како на жена јасно и е што значи да бидеш малку маргинализирана, малку потценета, малку потисната, многу повеќе отколку што на еден просечен бел маж на Планетава му е тоа јасно. Ќе рече и тоа дека сите тие жени што грчевито се бореа нештата да бидат поинакви сега како да се заборавени. Дека „многу фино се занемарени, ставени во втор план“.

„Секогаш некако кога ќе се извојуваат големите битки гледаме некои костумосани мажи коишто заземаат некои важни позиции, како тие да биле оние што биле во првите редови за да ги направат промените. И најблаго што можам да го кажам ова е дека тоа ми пречи, а всушност ако сме искрени лута сум и многу бесна што се работите такви. И, тоа не е само кај нас туку и на глобално ниво, меѓутоа мораме нели секогаш да почнеме со расчистувањето од сопствениот двор. Затоа оваа изложба е покажување почит кон дел од тие жени. Ова не се ни одблизу сите жени коишто се хероини на ова време. Ова се оние на коишто можев да им пристапам без никакви официјални церемонии и да се договориме како познанички и пријателки да го сработиме ова“, истакнува сликарката.

Јакимовска верува дека ќе ја продолжи оваа серија со други жени за коишто смета дека може да влезат во овој циклус, но дека го остава прашањето отворено каква финална форма ќе добие секој таков иден исчекор. Дали ќе биде во галериски простор или на крај еден убав ден би биле изложени заедно сите портрети.

„Доколку не ги валоризираме сите тие борби коишто се извојувани или се војуваат, она што го прават тие жени, за жал, бидејќи некои други ќе ги заземат нивните места и ќе ги соберат ордените, можат да останат еве вака приказни што се раскажуваат по дома. Како што многу често се преданијата што ги слушаме од нашите мајки и баби за други храбри жени меѓутоа нигде надвор од тие затворени кругови. Ова е некое предупредување, да речеме“, вели Јакимовска.

Јана Јакимовска фото: Драгица Николовска
Јана Јакимовска фото: Драгица Николовска

Говорејќи, пак, за опремата на сликите, на потретите, за „раскошните рамки“ и за знаците по ѕидовите во условно земениот салон каде што се изложени – оние на ЛГБТ заедницата и стиснатата и високо крената тупаница, Јана со појаснување дека всушност тие се од стиропор и бојосани со златен спреј, дека тоа е „контрастот на времето коешто го живееме“.

„Тоа е нашето време, златниот стиропор и кичот којшто ни се случува од една страна и јазикот на отпорот од друга, ставени во еден контекст можеби малку шашав, ама можеби функционира“, вели таа.

Од друга страна, Јакимовска ќе рече дека таа е љубител на фигурацијата. Дека никогаш не сметала дека „некоја форма или начин на израз треба да се укине за да постои некој друг“. За неа ништо во уметноста не е мртво и смета дека има простор во овој голем свет и за фигуративни уметници и за апстрактни, за концептуални и за сосема некои нови форми кои можеби не се измислени до сега.

„Една од причините зошто ми беше битно да ги направам овие портрети и да ја имаат токму оваа форма е заради тоа што токму оваа форма, да речеме, го изгуби малку своето достоинство во изминатите години кај нас. Мислам дека повеќето од луѓето чиишто грандиозни портрети беа изработени како да сакаа да компензираат за својата неспособност, неквалитет или сè што направиле лошо или воопшто не направиле со грандиозни слики коишто ќе останат зад нив. А некако сметам дека е поважно тоа да се направи за оние коишто навистина нешто направиле и да не дозволиме медиумот да го изгнасат некои поединци или некои времиња“, категорична е Јана.

Инаку, по „Хероините на нашето време“ во Музејот на Град Скопје, делата на Јакимовска изработени есенва на колонијата на островот Раб во Хрватска ќе се најдат на изложба во Загреб. По изложбата во Њујорк, ова ќе биде уште едно нејзино претставување во странство, по кое таа би сакала да им се врати на часовите со своите студенти на Ликовната академија при Универзитет „Гоце Делчев“ од Штип.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG