Достапни линкови

Законот за амнестија меѓу политика и правда


Демонстранти од иницијативата „За заедничка Македонија“ влегуваат во Собранието на 27 април.

Изготвувањето на предлог текстот за законот за амнестија заглави поради нови предлози на членовите на собраниското тело за помирување. Но, според упатените, нелогично е Собранието да одлучува кој ќе биде аместиран додека трае судскиот процес за настаните од 27 април. Тие не ја исклучуваат можноста амнестија да бараат сите обвинети и законот да влијае на судскиот процес.

Интерпартиската парламентарна група за помирување, реформи и интеграција треба набрзо да се сретне по застојот поради новите предлози дадени од страна на нејзините членови за законот за амнестија. Се уште не се знае точниот термин бидејќи дел од членовите биле на службено патување. Не е познато и кога Интерпартиската парламентарна група официјално ќе го предложи законот и што тој точно ќе содржи. Премиерот Зоран Заев неколку пати досега потенцираше дека ќе бидат амнестирани учесниците, но не и организаторите и насилниците.

„Селективна правда не може да има во никој случај. Треба добро да се осмисли тој закон што ќе се носи оти може да донесе други репрекусии. Видете што се случува по затворите, бараат амнестија. Треба поединечно да се утврди одговорноста и доприносот на секој во тие настани за да може да се донесе еден закон кој би бил прифатлив. Се работи за политички закон, кој ќе го носат политичките партии, а сосема е друго кога ќе носи судската одлука за вината и утврдување на одговорноста за лицата кои учествувале“, вели поранешниот обвинител Костадин Кизов.

Судскиот процес за 27 април започна на 22 август, а обвинети се 33 лица. Во меѓувреме во притвор заврши и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кој првично не беше обвинет, но сведоци за време на рочиштата за случајот го посочија како еден од организаторите на настаните на 27 април.

Универзитетскиот професорот по кривично право Гордан Калајџиев вели дека Собранието не може да одлучува кој е одговорен, туку тоа е работа на судот и прашање е колку е тоа коректно од правен аспект.

„Не може сега надвор од кривичниот законик во постапка што според правниот систем треба да ја утврди судот, како екстра арбитар да се јави Собранието“, смета Калајџиев.

Тој додава дека Собранието доколку донесе одлука за амнестија, таа треба да важи за сите инволвирани, а не поединечно. Кизов посочува дека за амнестија треба да се разговара по завршувањето на судењето за случајот, затоа што не се исклучува можноста амнестија да бараат и сите обвинети.

„Сигурно ќе бараат и тие ако се најдат повредени и незадоволни од еден таков закон“, додава Кизов.

Последици, според него, може да има и врз целиот судски процес, бидејќи со донесување на законот може да има преквалификација на делата. Во меѓувреме премиерот Заев го отфрли барањето на затворениците за општа амнестија. Тој порача дека Парламентот пред неколку месеци донесе закон за општа амнестија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG