Достапни линкови

Учениците тешко ќе си ги рефундираат парите за превоз


Автобуси за превоз на ученици во Битола.

Не се знае на колку точно ученици ќе им се рефундираат средствата, но Општина Битола со ребаланс на буџетот издвои 2 милиони денари за таа намена.

За да им бидат надоместени парите на учениците од битолските училишта кои во изминатиот период патувале на сопствен трошок до училиште, ќе треба да бидат заведени во извештаите на директорите дека присуствувале на настава и да ги зачувале фискалните сметки. Вака одлучи Советот на Општина Битола за учениците кои во првото полугодие од учебната година сами ги плаќаа автобуските билети за да стигнат до школо.

Од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека веќе беше донесена акт за да биде прифатен само едниот услов зашто сите учениците не ги чуваат фискалните, но Советот ја сменил својата одлука.

„Со ова решени не се опфатени сите ученици на кои им беше ускратено правото на бесплатен школски превоз, зашто голем дел доаѓаат од населени места каде што нема редовен линиски превоз, голем дел од нив патуваа со сопствен превоз, а голем дел од превозниците заради настанатата ситуација немаа на кој начин да пристигнат и приложат фискални сметки, а некои од учениците не ги чуваат фискалните сметки зашто никој не им кажал тоа да го направат “, рече Иванчо Тошевски, координатор на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој предлагаше за рефундирање на средствата да биде исполнет еден од двата услови, ученикот да биде заведен во извештајот што школите ќе го достават до Општината или да има фискална сметка.

Советниците од власта одговорија дека законски доказ оти е направен некаков трошок се фискалните сметки.

„Фискалните сметки кои ги имаат набавено учениците и родителите заедно со списоците од училиштата кои ќе бидат доставени до Општина Битола за редовното посетување на часовите ќе бидат доволен доказ за да се рефундираат средствата кои изминатиот период ги платија родителите на учениците за нивните деца да присуствуваат на наставата. Единствен доказ дека се направил трошок е фискалната сметка. Убаво стои во законите дека само фискaлната сметка е доказ дека е направена некаква исплата“, рече Методија Илиевски од СДСМ.

Не се знае на колку точно ученици ќе им се рефундираат средствата, но Општина Битола со ребаланс на буџетот издвои 2 милиони денари за таа намена. Со законски измени и учениците добија третман како и другите патници, па до училиштата се превезуваат со линиски превоз. Поради неусогласеност на Општината и превозниците околу тарифите, имаше период кога родителите им го плаќаа превозот на учениците, а има и села каде нема редовни линии.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG