Достапни линкови

Општина Битола ќе стопанисува со градските паркинзи


Битола.
Битола.

Општина Битола ќе формира јавно претпријатие преку кое ќе стопанисува со паркинзите и јавниот превоз, оти преку сегашниот концесионер многу малку пари се слевале во градската каса. Опозицијата, пак, обвинува за популизам на власта пред референдумот.

Управувањето со градските паркинзи во своја надлежност ќе го преземе Општина Битола. Советот веќе ја изгласа иницијативата за формирање на Јавно претпријатие за управување со градските паркинзи и јавниот превоз во Битола. Договорот на сегашниот концесионер истекува во јули 2019, а дотогаш претпријатието ќе биде формирано.

Советниците од опозицијата ваквиот чекор го оценија како популизам на власта пред референдумот.

„Без никаква подробна информација, анализа, студија, план, на последната седница на Совет пред референдумот од чисто популистички причини предлагаат иницијатива и тоа за многу важно јавно претпријатие. Мора нешто да се направи за да се подигне рејтингот пред референдумот. Кои проблеми се затекнати во сегашниот јавен превоз и што ќе се реши со ова немаме одговори“, рече Николче Јанкуловски од „ПОДЕМ“.

„Зошто чекавме десет месеци за да дојде ваква обична иницијатива на дневен ред, зошто ќе чекаме уште толку месеци за истата да биде реализирана и зошто кога има работи кои треба да се санкционираат, кои не се правилни во стопанисувањето со паркинзите, во моментот никој не презема никакви дејствија за тоа“, праша Габриела Илиевска од „Поинаку“.

Претседателот на Советот Валентин Груевски, кој е од ЛДП и од редовите на советничкото мнозинство, рече дека опозицијата ја дефокусира дискусијата и претпријатието не може да се формира преку ноќ, туку ќе биде потребно време чекор по чекор да се донесат сите одлуки и формираат органите.

Сакаме парите на граѓаните кои ги плаќаат за паркирање да одат во општинската каса, односно во касата на јавното претпријатие, а ќе биде во сопственост на Општина Битола. Неколку пати во изминатиот состав имавме иницијативи за одземање на концесионерството од приватниот концесионер. И денес тврдам дека цената која ја наплаќа концесионерот е надвор од одлуката која ја донесе еден од претходните совети. Требаше да биде 30 денари паркирање за 2 часа и плус 10 денари за секој нареден час. Сега е 30, плус 30, плус 30. Ако не дај боже го заборавите телефонот вечерта ви стигнува сметка од 500 до 600 денари, како да сте се паркирале во Њујорк“, рече Груевски.

Општина Битола зонско паркирање воведе во 2013, кога беше соопштено дека концесионер ќе биде „Стентон градба“ ДОО Битола, а за управување со зонското паркирање беше формирано Друштво со посебни намени „Градски паркинзи“.

Градоначалничката Наташа Петровска рече дека нејзин концепт е паркинзите да ги стопанисува и уредува Општина Битола. Запрашана дали Општината има бенефит од досегашниот договор рече:

По мое видување, надоместокот бил многу мал и поголема сума на пари завршувала сепак кај концесионерот, иако знаеме дека влезните суми во делот на подготовка на паркинг местата биле многу помали од она што концесионерот како придобивка го имал во изминатиот период“, рече градоначалничката Петровска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG