Достапни линкови

Гордиевиот јазол на бесплатниот школски превоз во Битола


Автобуси за превоз на ученици во Битола.

Превозниците во Битола престанаа да возат ученици, оти цените им биле неисплатливи. Општината предложи нови цени, но по протестот на превозниците го одложи новиот тарифник. Родители велат дека нема да ги пуштаат децата на училиште ако не се реши пробелемот.

Задолжителниот ученички превоз во Битола се врза во Гордиев јазол. Досега превозниците ги возеа учениците по едни цена, а со законските измени тие се изедначуваат како и другите патници и ќе треба да го користат линискиот превоз по цена како и за другите патници. Предложените тарифи се движат од 22 до 55 денари за билет во еден правец. Но, за превозниците се економски неисплатливи и престанаа да ги возат учениците.

„Подготвени сме ако не се реши овој проблем да се договориме преку социјалните мрежи од цела Битола никој да не оди на училиште. Овде плус во ова село нема ни редовна линија. Сега ни велат ако нема превоз за дете, од џеб ќе треба да плаќаме 400 денари дневна карта, тоа е 8.000 до 9.000 месечно, за две деца неполни 20.000 денари“, вели родителот Борче Ивановски од село Гермијан.

Превозниците линиите ги добиле на тендер во 2015 година пред промената на власта, а договорите траат до 2020-та.

„Можам да кажам дека ако била фактурата 120.000 денари месечно, сега треба да слезе на 30.000. Возам три линии во кои се шест возачи, три возила, дневно трошиме по околу 200 литри гориво. Новиот тарифник за нас не е исплатлив. Има села како Братиндол каде две деца се и за која пара ние четири пати во денот да одиме дотаму? Ние не сме ни СДСМ, ни ВМРО-ДПМНЕ, овде може има и од двете партии по свое убедување, но овде се работи за живот. Немаме пари плати на шоферите да им дадеме, леб дома да однесеме“, рече Пеце Стојчевски од „Лука Експрес“.

„Тука се работи за недоволен број патници. Во селските линии немаме ни еден патник. Селските линии беа оформени за да им излеземе во пресрет на учениците за бесплатниот превоз. Ни еден друг патник не влегува во автобусот. Во градскиот превоз има нелојална конкуренција, односно диви таксисти. Од претходно имаме големи ненаплатени побарувања“, рече Лидија Мицевска од „Хера турс“.

Дел од превозните фирми не се поврзани со „Транспортер“, но дел се меѓу обвинетите во случајот покренат од СЈО.

Откако превозниците протестираа, Советот ги одложи измените на тарифите.

„Идејата е едноставна. Сакаме да најдеме решение кое ќе им одговара на сите, сакаме да постигнеме разумни цени во однос на превозот на учениците. Познати се неколку примери кои кружат во јавноста за цени кои се постигнати за определени релации и не сакаме такви цени повеќе да се плаќаат и со тоа директно да се оштетуваат граѓаните. Не може превозот до Новаци и назад да биде 400 денари по ученик. Мора да се најде решение во кое цените ќе бидат разумни“, рече претседателот на Советот Валентин Груевски.

Општината се обидува да го реши Гордиевиот јазол. Градоначалничката Наташа Петровска вели дека останува отворена за разговори со превозниците, но нема да дозволи превоз по цени кои во изминатиот период го натоварија образованието со долгови.

„Останувам отворена за секакви дискусии, но останувам на својот став дека нема да дозволам никакви условувања и нема да дозволам ништо што би било на штета на учениците. Општината има свое превозно средство, регистрирано, вработен шофер со дозвола и нема да дозволам учениците да седат на улица. Ќе го вложам максимумот и работам во таа насока и моја обврска е следните денови учениците да не останат без превоз до училиште. Она што го направив не е незаконито, не се превезуваат други патници, туку исклучиво ученици за да дојдат до своите училишта чиј основач е Општина Битола“, рече Петровска.

Бесплатниот школски превоз беше воведен во времето на ВМРО-ДПМНЕ кога средното образование го направија задолжително. Но, блок дотациите не стигнуваа за да се исплатат превозниците, па останаа долгови до 770. 000 евра.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG