Достапни линкови

Вести

Обвинителството почна предистражна постапка за бегството на Груевски

Поранешниот премиер Никола Груевски

Поради основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службената положба и овластување, му овозможиле на осудениот Никола Груевски нелегално да ја напушти Република Македонија, Обвинителството почна предистражна постапка. Предметот е оформен по допрен глас.

„Во врска со настанот постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службената положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Република Македонија“, соопшти Јавното обвинителство.

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој требаше да се јави на издржување на двегодишна затворска казна за предметот „Тенк“, под сè уште неразјаснети околности пребега во Унгарија, каде што бара политички азил.

види ги сите денешни вести

Десетици блиски на Путин се заразиле со ковид - 19

Путин преку видео врска се обрати на конференција со лидерите на земјите-членки на Организацијата за колективна безбедност

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе остане во самоизолација неколку дена, откако десетици членови од неговиот близок круг се потврдени дека се позитивни на ковид-19.

Тој денеска имаше видео обраќање на конференција со лидерите на земјите-членки на Организацијата за колективна безбедност, која се одржува во Душанбе. Путин им рече на присутните лидери дека сака да може да се ракува и да се прегрне со нив, како што било и претходно планирано, но дека морало да се самоизолира.

„Знаете, за жал, морав да го откажам патувањето во Душанбе во последен момент и ми е жал за тоа. Но, тоа е затоа што, како што знаете, коронавирусот не беше откриен само кај едно или две лица, туку кај неколку десетици луѓе во [мојот] најблизок круг. Така, сега морам да останам во самоизолација неколку дена“, рече Путин.

Не е познато кој од блиските контакти на Путин е позитивен на ковид-19, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера им рече на новинарите дека претседателот е „апсолутно здрав“ и е негативен на ковид.
Путин кој има 68 години пред неколку месеци примил вакцина Спутник Ве.

Во Организацијата за колективна безбедност членуваат Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Русија и Таџикистан.

Досега попишани над 700 илјади луѓе

Попис 2021

Државниот завод за статистика (ДЗС) информираше дека заклучно до 20 часот вчера попишани се вкупно 711.418 лица, 221.268 домаќинства и 297.085 станови.

Пописот на населението, домаќинствата и становите официјално започна на 5 септември, но имаше времени прекини поради технички предизвици, како што рекоа од ДЗС. Од Полицијата и од Заводот за статистика потоа рекоа дека системот за попишуваше бил цел и на хакерски напади, но дека тие биле одбиени.

Предвидено е пописот да трае до 30 септември.

Во земјава последен пат попис е спроведен пред 19 години.

Преговори со ЕУ, Отворен Балкан и Косово -приоритети на албанската надворешна политика

Албанскиот премиер Еди Рама

Приоритети на надворешната политика на новата албанска Влада ќе бидат да се одржи првата меѓувладина конференција за интеграција во ЕУ, да се зајакне Косово на меѓународна сцена и да се унапреди иницијативата „Отворен Балкан“, стои во програмата на новата албанска Влада.

Владата нагласува дека ќе се посветат на регионалната соработка „Отворен Балкан“ и пакетот за интерконекција и инвестиции на Берлинскиот процес. Албанија, Србија и Македонија се дел од проектот „Отворен Балкан“ за регионална соработка, кој стартуваше како „Мини Шенген“.

Новата албанска Влада исто така се обврзува дека ќе лобира за признавање на Косово од сите земји во светот и негово прифаќање како земја со права во ОН.

Во меѓувреме, се очекува на годишната тркалезна маса на владите на Косово и Албанија, Албанија да ги вклучи и албанските малцинства во целиот регион.

Ова е трета по ред влада раководена од Рама, откако неговата партија победи на изборите на 25 април годинава.

Радев ја претстави новата Влада, Јанев останува технички премиер на Бугарија

Новиот состав на бугарската Влада.

Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска ја претстави новата привремена влада на Бугарија. Во новата техничка влада остануваат најголем број од досегашните привремени министри, има промена само на три места. Преоден премиер останува Стефан Јанев. Остануваат и министрите за надворешни работи Светлан Стоев, министрите за внатрешни работи Бојко Рашков, министрите за одбрана Георги Панајотов, кои ги задржуваат своите места.

За првпат во новата политичка историја во Бугарија преодна влада ги презема своите функции од друг привремен кабинет, откако вториот последователен парламент во Бугарија не избра редовен Совет на министри и земјата. Нови избори во Бугарија се закажани за 14 ноември.

Од досегашната преодна влада си одат двајца од најпопуларните министри – за економија и финансии – Кирил Петков и Асен Василев. Се очекува тие да формираат своја партија, која ќе учествува на изборите на 14 ноември. На местото на Петков како министер за економија доаѓа Даниела Везиева. А нов министер за финансии ќе биде Валери Белчев.

Третото ново име е на министерот за транспорт Георги Тодоров.

Радев ја пофали првата техничка влада на Стефан Јанев, велејќи дека таа многу добро се справила со својата задача. Во овој период, според Радев, владата одржа фер избори и драстично го намали бројот на купените гласови.

За помалку од седум месеци, бугарските граѓани на 14 ноември ќе излезат на гласање за вторите предвремени и трети парламентарни избори оваа година, како и редовните претседателски избори.

Премиерот Заев не размислува за оставка

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не размислува да даде оставка. Неговиот коментар доаѓа по вчерашното барање да си поднесе оставка од претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села. Заев вели дека во изјавата на Села да си даде оставка од морална причина, гледа политикантство, желба за власт и за победа на изборите.

Заев денеска беше во посета на нова фабрика во Сарај.

Во однос на понудените оставки за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, премерот рече дека нема дополнителен коментар. Тој останува на ставот дека прво ќе ги причека форензичките извештаи.

Лидерот на Алијанса, Зијадин Села, вчера во гостување на ТВ 21 рече дека трагедијата во Тетово е доволна причина за оставка и на премиерот Заев.
Оставките досега понудија министерот и заменикот за здравство и директорите на тетовската болница.

Во пожар во модуларната ковид болница во Тетово на 8 септември загинаа 14 луѓе.

Во судовите во Грција дозволен влез само со документ за ковид-19

Волонтери на Црвен крст мерат температура на луѓе пред за влезат во Суд во Грција.

За да се влезе во судовите во Грција од денеска задолжително треба да се има сертификат за вакцинација, потврда за прележан ковид-19 или резултат од негативен тест. Правилото важи и за , службениците и адвокатите и за граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за правда на Грција соопштуваат дека со почетокот од новата судска година, сите судови ќе работат регуларно, а за безбеден пристап неопходен е документ за ковид-19.

Исклучоци има за одредени итни случаи, кога наместо рапид или ПЦР тест, може да се покаже негативен резултат од селф тест.

Прописите важат за лица со наполнети 12 години, додека пак децата од четири до 11 години, може да влезат со потврда од негативен селф тест.

При влезот во судовите или службите, ќе се врши проверка на сертификатите, во печатена или електронска форма.

Грција во последните недели ги заостри мерките за невакцинираните луѓе. Тие не може да влезат во затворени угостителски објекти, спортски сали, објекти за култура и рекреација, музеи, археолошки локалитети. Задолжителна вакцинација има за медицинскиот персонал, а посебни правила ќе има и за невакцинираните вработени во државниот и приватниот сектор. Невакинираните ќе мора да прават брз тест доколку сакаат да патуваат низ Грција со јавен превоз.

САД, Британија и Австралија во нов пакт АУКУС - веднаш критики од Кина

Џо Бајден, Скот Морисон и Борис Џонсон

САД, Велика Британија и Австралија објавија ново безбедносно партнерство за Индо-Пацификот, што веднаш наиде на критики од Кина. Американскиот претседател Џо Бајден, британскиот премиер Борис Џонсон и австралискиот премиер Скот Морисон вчера го објавија новиот пакт, кој ќе се вика АУКУС.

Партнерството ќе овозможи поголемо споделување на одбранбените капацитети, вклучително и помош за опремување на Австралија со подморници на нуклеарен погон. Други области на соработка ќе бидат и вештачка интелигенција, сајбер и подводни одбранбени способности. Сите три земји нагласија дека Австралија ќе добие напредна нуклеарна технологија за придвижување подморници, а не за развој на програма за нуклеарно оружје.

При објавувањето на соопштението, ниту една од трите земји не спомена дека ја предизвикува Кина, но, новата безбедносна алијанса најверојатно ќе се гледа како провокативен потег во Пекинг, кој ги заостри односите со трите држави поради многу прашања, вклучувајќи ги човековите права, трговијата и статусот на Хонг Конг. Кинескиот воен притисок врз Тајван и распоредувањето во спорното Јужно Кинеско Море исто така беа причина за загриженост.

Амбасадата на Кина во Вашингтон соопшти дека земјите „не треба да градат исклучиви блокови насочени или повредувајќи ги интересите на трети страни“.

„Особено тие треба да го отфрлат менталитетот од Студената војна и идеолошките предрасуди“, се вели во соопштението.

Румен Радев ќе ја претстави новата техничка влада на Бугарија

Румен Радев

Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска на специјална церемонија ќе ја претстави новата техничка влада, јави МИА од Софија. Актуелната техничка влада на Бугарија беше назначена од Радев на 12 мај, откако 45 -то народно собрание не успеа да избере редовна влада по парламентарните избори на 4 април.

За прв пат од падот на комунизмот во есента 1989 година и по воведувањето на повеќепартискиот систем во Бугарија, преодна влада ќе ја предаде власта на следната техничка влада.

Ова доаѓа откако 46-то национално собрание не успеа да избере редовна влада по изборите на 11 јули. За помалку од седум месеци, бугарските граѓани на 14 ноември ќе излезат на гласање за вторите предвремени и трети парламентарни избори оваа година, како и редовните претседателски избори.

Радев веќе изјави дека составот на новата преодна влада е јасен, а поранешниот привремен премиер Стефан Јанев најави дека ќе продолжи да биде премиер и во идната влада.

Претседателот Румен Радев е првиот претседател во поновата политичка историја на Бугарија што го започна и го заврши својот мандат со привремена влада.

Протести против ковид-мерките во Словенија, повредени полицајци

Синоќа во Љубљана протестираа противници на мерките за борба против коронавирусот, барајќи промена на мерките и оставка на Владата. Тие запалија факели и почнаа да ги фрлаат кон Собранието на Словенија, објавија словенечки медиуми.

За време на протестот повредени се неколку полицајци, а хеликоптери го надлетувале градот.

Пред протестот, организаторите повикале на мирен собир, но инцидентот се случил веднаш штом непознато лице фрлило шише кон еден од полицајците што го обезбедувале собирот. Собраните луѓе се приближиле и до влезот во зградата на Собранието, поради што полицијата го засилила своето присуство пред Националното собрание, јавија медиумите.

Како што е наведено, за да ја растера толпата која фрлала факели кон Парламентот, полицијата одговорила со солзавец и водени топови.

Распределен недвижниот имот на поранешна СФРЈ во Латинска Америка

Со Договорот на државите- наследнички на последниот состанок во Сараево, целосно е завршена распределбата на недвижниот имот на поранешна СФРЈ од Анекс Б од Договорот за прашања за сукцесија во географскиот регион на Организацијата за економска соработка и развој и Латинска Америка и Карибите, јави МИА од Белград.

На Србија и се дадени објекти на амбасадата во Копенхаген-Данска, како и дел од амбасадата и помошен објект во Њу Делхи-Индија и стан во Трст-Италија, додека Србија со Северна Македонија и БиХ ќе ја дели амбасадата/ резиденцијата во Ла Паз, главниот град на Боливија.

Дваесеттиот состанок на Мешовитиот комитет за распределба на дипломатско конзуларниот имот на поранешна СФРЈ – имплементација на Анексот Б од Договорот за прашања за сукцесија, се одржа во Сараево на 13 и 14 септември.

На состанокот беше постигнат конечен договор и во врска со поделбата на земјиштето во рамките на физичката поделба на дипломатскиот комплекс на поранешна СФРЈ во Бразил, а исто така беше договорена и физичката поделба на дипломатскиот комплекс во Њу Делхи.

Следниот, 21 -ви состанок на Мешовитиот комитет ќе се одржи во Загреб до средината на идната година.

Заедничка седница на Владите на Македонија и на Косово

Зоран Заев и Албин Курти

Владите на Северна Македонија и на Косово денеска во Скопје ќе ја одржат првата заедничка седница во полн состав, предводени од премиерите Зоран Заев и Албин Курти.

Пред почетокот на заедничката седница ќе има церемонија за официјален пречек, тет-а-тет средба на премиерите Заев и Курти, како и билатерални средби на министрите во Владите на двете земји.

На заедничката седница на владите е предвидено свечено потпишување на повеќе меморандуми и договори за соработка од областа на инфраструктурата, дијаспората, енергетиката, економијата, туризмот, безбедноста, иновации и технолошки развој и други области, информираат од владината прес-служба.

Времето денеска сончево со температура до 36 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура е во интервал од 6 до 15, а максималната ќе достигне од 28 до 36 степени.

Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 33 степени.

И во наредните денови ќе преовладува стабилно и топло време. Од утре ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер претежно од западен правец.

В сабота ќе има појава на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер и на места температурите ќе бидат пониски за неколку степени.

32 починати и 617 нови случаи на коронавирус

Ковид амбуланта во Скопје

Регистрирани се 617 нови случаи на Ковид-19 во изминатите 24 часа од направени 4.621 тестирања, а починати се 32 пациенти, соопшти Министерството за здравство.

Од новозаразените, 314 се во Скопје, 29 во Струмица, 47 во Куманово, Штип 26, Кавадарци и Кичево по 19, Охрид 18, Велес, Свети Николе и Радовиш по 14... Истовремено, регистрирани се 450 оздравени пациенти.

Од починатите, тројца пациенти починале во домашни услови, додека останатите биле хоспитализирани.

Од почетокот на пандемијата досега во земјава се дијагостицирани 184.893 лица со Ковид-19, починаа 6.339 лица и 165.527 се излекувани.

Бројот на активни случаи во моментов изнесува 13.027.

Вакцинацијата во земјава се одвива со темпо од околу десетина илјади вакцинирани дневно, со што бројката на целосно вакцинирани со две дози е околу 30 проценти од населението.

Министерот за зравство Венко Филипче денеска изјави дека во моментов има широка инфекција во земјата и дека ја следат ситуацијата со епидемиолозите, а дека доколку е потребно ќе дејствуваат со нови мерки.

Фон дер Лајен: ЕУ да изврши притисок врз Полска и Унгарија за демократските вредности

EU-COMMISSION/

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лaјен, изјави дека блокот ќе го задржи притисокот врз членките Полска и Унгарија за поддршка на демократските вредности, вклучително и можните правни дејствија и кратење на финансиите.

За време на денешниот говор во Брисел, таа рече дека акциите на Варшава и Будимпешта кои остро ја ограничуваат миграцијата, ги дискриминираат жените и ЛГБТ заедницата, ги ограничуваат медиумите или ја ограничуваат независноста на судството се спротивни на основните вредности на 27-члениот блок.

„Овие вредности сега се вградени во европските договори“, рече Фон дер Лајен.

„Ова е она за што сите ние се потпишавме кога станавме дел од оваа унија како слободни и суверени земји. Ние сме решени да ги браниме овие вредности“, рече таа.

Блокот веќе долго време е во расчекор со националистичките и евроскептичните влади во Унгарија и Полска.

Двете земји се меѓу деветте членки чии планови за национални трошоци се уште не се одобрени од Европската комисија, чекор којшто е неопходен за да се отклучат милијарди евра наменети за помош во рестартирањето на економскиот раст закочен од пандемијата на Ковид-19.

Фон дер Лајен исто така ја повтори поддршката за предлогот за поврзување на пристапот до фондовите на ЕУ со почитување на владеењето на правото.

„Ќе направиме се што можеме за да го заштитиме буџетот на ЕУ“, рече таа додавајќи дека Комисијата во блиска иднина ќе испраќа до земјите членки предупредувања според новиот механизам.

Говорејќи во Варшава истиот ден, Јарослав Качински - шефот на владејачката Партија на правото и правдата, изјави дека иднината на Полска е внатре во ЕУ, но дека таа мора да остане „суверена земја“.

Полицијата во Москва приведе активисти и новинар поради про-Навални акција

Илустративна фотографија: РУСИЈА- Руската полиција приведува опозициски активист со плакат „Слобода на Алексеј Навални“ за време на протест против вакцинација во центарот на Москва. 14 август 2021 година.

Московската полиција приведе четворица активисти и новинар поради краток протест за поддршка на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални одржан на Црвениот плоштад.

Сергеј Лукашов, Светлана Лукашова, Сергеј Редников и Илја Ермаков денеска беа уапсени, секунди откако разоткриа голем транспарент на кој пишуваше „Слобода за Навални! Путин, оди во затвор“ и скандирајќи „Слобода на Алексеј Навални!“.

Приведен е и Евгениј Евсјуков, кој направи видео снимка од протестот. Групата за човекови права „ОВД-Инфо“ соопшти дека полицијата му ја одзела новинарската идентификација на Евсјуков и дека го претепала Ермаков.

Според „ОВД-инфо“, била повикана брза помош за лекување на Ермаков.

Протестниот чин се одржа додека Русија се подготвува за изборите закажани за септември.

Како одговор на напорите на опозицијата да го олабави владеењето на владејачката партија Единствена Русија поддржана од Кремљ, властите во последниве месеци започнаа огромна акција против сојузниците и поддржувачите на Навални, како и против независните медиуми.

Навални, кој е најгласниот домашен критичар на Путин, отслужува затворска казна од две ипол години за прекршување на условната слобода, за која тој рече дека е измислена. Неговата фондација е назначена како „екстремистичка“ организација.

Затворањето на Навални ги наруши односите на Москва со Западот, кој побара да биде ослободен и ја критикуваше екстремистичката ознака.

Пристигнаа германските експерти за истрагата на пожарот во Тетово

Еден ден после пожарот во модуларната ковид болница во Тетово каде загинаа 14 лица.

Тим од четворица германски експерти денеска пристигнаа во Северна Македонија за да ги истражат причините и околностите за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, во кој минатата недела загинаа 14 луѓе.

Од Владата за МИА потврдија дека пристигнал германскиот тим од Федералната криминалистичка служба, составен од четворица експерти: двајца крим техничари и форензичари за истражување пожари и двајца крим техничари и форензичари за ласерско мерење на простории и за фотографирање.

Пожарот во модуларната болница во Тетово избувна на 8 септември и во него загинаа 14 луѓе кои се лекуваа од Ковид-19.

Поради несреќата, јавноста побара одговорност од политичарите.

Министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани доставија пишани оставки до премиерот Зоран Заев, наведувајќи дека одлуката ја донеле од морални причини.

Премиерот Заев изјави дека ќе одлучи за оставките откако ќе заврши истрагата.

Втора група од 44 Авганистанци слетаа во Скопје

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Втора група од 44 Авганистанци пристигнаа на аеродромот во Скопје. 15 септември 2021.

44 граѓани на Авганистан попладнево пристигнаа на Меѓународниот аеродром во Скопје, што е втора група Авганистанци кои слетаа во Северна Македонија, откако минатиот месец Талибанците ја преземаа контролата врз земјата.

Авганистанците кои денеска пристигнаа се активисти од организацијата „Тиркиз Маунтајн“ (Тurquoise Мountаin), а меѓу нив има и членови на нивните семејства, соопшти Владата на Северна Македонија.

По слетувањето направени врз нив се направени безбедносни проверки за заштита, поддршка од Црвен крст, медицинска поддршка, ПЦР тест и можност за вакцина.

Владата соопшти дека лицата ќе бидат привремено сместени во Скопје додека не биде обезбеден трансфер до нивната крајна дестинација, како и дека трошоците за групата ќе бидат целосно покриени од меѓународните организации.

„Република Северна Македонија останува посветена на глобалната хуманитарна акција која има за цел да им помогне на граѓаните од Авганистан кои во изминатиов период работеа на подобрување на човековите права, демократијата и мирот“, соопшти денеска Владата.

„Тиркиз Маунтајн“ (Тurquoise Мountаin) е организацијата основана во 2006 година од страна на принцот Чарлс со хумана мисија која изминативе години имала успешни активности во Авганистан, се вели во соопштението на Владата.

Во владиното соопштение е наведено дека организацијата реставрирала повеќе од 150 историски објекти, третирала околу 165 илјади пациенти во клиниката во Кабул, отворила и поддржала повеќе од 50 мали бизниси во Авганистан, Мјанмар.

Првата група од 149 луѓе од Авганистан пристигна во Северна Македонија на 31 август.

Десетици илјади Авганистанци, плашејќи се од одмазда и репресија, ја напуштија земјата откако Талибанците ја преземаа власта во земјата.

Собранието ги усвои измените на Изборниот законик

Архива - Седница на Собранието на Македонија.

Собранието денеска со 78 гласа „за“, два против и еден воздржан усвои измени и дополнувања на Изборниот законик.

Законот беше донесен по скратена постапка, а беше поднесен од пратениците Јован Митревски, Никола Мицевски, Арбер Адеми, Бастри Бајрами, Сурија Рашиди и Борислав Крмов.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски во образложението на закнот рече дека зад предлогот стојат сите партии од мнозинството и од опозицијата е дека станува збор за измени кои произлегуваат од последниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР.

„Се зголемува и подобрува ефикасноста и транспарентноста во изборниот процес, се прецизираат, појаснуваат и поедноставуваат одредени делови од процесот, надлежноста на изборните органи и другите институции“, рече Митревски.

Во рамки на 50-тата седница Собранието попладнево со 80 гласа „за“ го донесе и Законот за дополнување на Законот за облигациските односи, а пратениците и две законски решенија во прво читање и три автентични толкувања.

ИОМ бара алтернатива за притворите на балканската мигрантска рута

СРБИЈА - Група мигранти се одмараат на поле во близина на српското село Мајдан, близу границите на Унгарија и Романија. 21 мај 2021 година

Шефицата на мисијата во БиХ на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) Лаура Лунгароти денеска во Белград изјави дека владите на земјите од Западен Балкан треба да најдат алтернативни решенија за притворите за бегалците и мигрантите.

Лунгароти на прес -конференција на тема „Приведување мигранти на рутата Западен Балкан и алтернативи на притворот во земјите на Западен Балкан“ рече дека не е забележан поголем прилив на бегалци од Авганистан, но дека владите во регионот се подготвуваат за можна криза.

Таа истакна дека Меѓународната организација за миграција ќе продолжи да биде посветена на поддршката на сите земји членки, особено на Западен Балкан.

„Миграцијата нема да запре, интензитетот може да се промени, може да има подеми и падови во форма на бројки, но ова е феномен што нема да запре и владите мора да го интегрираат управувањето со нив во нивните политики“, рече Лунгароти.

Специјалниот претставник на Советот на Европа за миграција и бегалци, амбасадорот Драхослав Степанек, изјави дека ставот на таа организација е дека задржувањето на мигрантите и бегалците треба да биде последна опција и дека пред тоа треба да се применат што е можно повеќе алтернативи.

Тој посочи дека во Европа постои страв дека може да се случи нов прилив на мигранти како тој во 2015 година, но наведе дека верува оти сега сите се подобро подготвени.

„Се надевам дека ќе управуваме со ситуацијата на одржлив начин, но и во согласност со човековите права“, рече тој.

Гордан Пауновиќ од невладината организација „Инфо парк“ од Белград, која обезбедува помош за бегалците и мигрантите уште од големата бегалска криза во 2015 година, за Радио Слободна Европа во август изјави дека е нереално да се очекува бегалски бран како во 2015 година кога дневно во земјата влегуваа меѓу 3.000 и 10.000 луѓе.

Меѓутоа, тој додаде дека треба да се очекува настаните во Авганистан да имаат последици врз протокот на мигранти во Србија.

Откако Талибанците ја презедоа власта во Кабул на 15 август, десетици илјади луѓе се обидуваат да ги преминат границите со околните земји во потрага по безбедност.

Нова група Авганистанци пристигнуваат на аеродромот во Скопје

Првата група од 149 Авганистанци пристигна на аеродромот во Скопје.

Нова група граѓани од Авганистан се очекува попладнево да пристигнат на Меѓународниот аеродром во Скопје, што ќе биде втора група Авганистанци кои ќе пристигнат во Северна Македонија, откако минатиот месец Талибанците ја соборија владата во Кабул поддржана од Западот.

Како што соопшти македонската Влада, Авганистанците после 16 часот ќе пристигнат на аеродромот во Скопје.

Првата група од 149 луѓе пристигнаа на 31 август, а станува збор за лица што работеле во меѓународни организации.

Авганистанците во земјава ќе останат привремено додека не заминат во САД или во трета земја како нивна крајна дестинација, информираше Владата.

Трошокот на сместување е на САД и на меѓународните органиозации во кои работат.

Десетици илјади Авганистанци, плашејќи се од одмазда и репресија, ја напуштија земјата откако Талибанците ја преземаа власта во земјата.

Авганистанските фудбалерки побегнаа од Талибанците во Пакистан

ПАКИСТАН - Aвганистански фудбалерки пристигнаа во седиштето на Пакистанската фудбалска федерација (ПФФ) во Лахоре. 15 септември 2021 година.

Група врвни авганистански фудбалерки, нивните тренери и членови на семејствата избегаа преку границата во соседен Пакистан, во услови кога се отвораат прашањата околу статусот на жените спортистки под новоформираната влада предводена од Талибанците.

„Среќна сум што соопштувам дека денес повеќе од 79 млади фудбалерки и членови на нивните семејства успеаја безбедно да излезат од Авганистан“, напиша на Фејсбук Калида Попалзаи - поранешен капитенка на авганистанската женска репрезентација и основачка и директорка на невладината организација „Моќта на девојките“ со седиште во Данска.

Според Сардар Навид Хајдер, амбасадорка на невладината организација „Фудбал за мир“ со седиште во Лондон, меѓу фудбалерките имало членови на репрезентациите до 14, до 16 и под 18 години, кои ја поминале границата облечени во бурки покривајќи го целото тело.

Десетици спортистки на авганистанската женска фудбалска репрезентација и членови на нивните семејствата во август беа евакуирани во Австралија, додека десетици илјади Авганистанци, плашејќи се од одмазда и репресија, ја напуштија земјата откако Талибанците ја соборија владата во Кабул поддржана од Западот.

Кога Талибанците го наметнаа своето брутално владеење во Авганистан од 1996 до 2001 година, на девојчињата не им беше дозволено да посетуваат училиште, а на жените им беше забрането да работат, да добиваат образование и да спортуваат.

Тврдокорната исламистичка група сугерираше дека сега е поумерена, вклучително и во односот кон жените и девојчињата.

Спортски претставник во администрацијата предводена од Талибанците, на 15 септември рече дека лидерите на највисокото ниво на групата се уште одлучуваат дали жените и девојките ќе се соочат со ограничувања во спортот.

Фон дер Лајен во посета на Западен Балкан од 28 до 30 септември

Урсула Фон Дер Лајен.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лaјен ќе го посети Западен Балкан од 28 до 30 септември, за да ја потврди посветеноста на европските институции за прием на земјите во Европската унија.

„Ќе отпатувам во регионот за да испратам силен сигнал за нашата посветеност кон процесот на пристапување“, изјави денеска Фон дер Лајен за време на нејзиниот годишен говор во Европскиот парламент.

Како што беше потврдено од седиштето на Европската комисија, Фон дер Лајен планира на 28 септември да ги посети Албанија и Северна Македонија, Косово и Црна Гора еден ден подоцна, а на 30 септември ќе престојува во Србија и Босна и Херцеговина.

Во годинешниот говор, претседателката Фон дер Лајен го спомена инвестицискиот план што оваа институција го усвои минатата есен за земјите од регионот.

„Инвестирањето во иднината на Западен Балкан е инвестирање во иднината на ЕУ“, изјави Фон дер Лајен за време на 60-минутниот говор пред европратениците.

Радев ги распиша парламентарните избори за 14 ноември

Електронско гласање на парламентарните избори во Бугарија, 11 јули 2021

Бугарскиот претседател Румен Радев закажа предвремени парламентарни избори на 14 ноември, објави денеска неговиот кабинет.

Во соопштението се наведува дека третите избори годинава се закажани по неуспехот да се формира нова влада по изборите во април и јули.

Радев ќе го распушти парламентот на 16 септември и ќе назначи нов вршител на должноста премиер на Бугарија. Покрај парламентарните избори, на 14 ноември во Бугарија ќе се одржат претседателски избори, а Радев ќе биде еден од кандидатите.

Тој беше поддржан од партијата Има таков народ, која го освои првото место на изборите на 11 јули, оставајќи ја партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов, Граѓани за европскиот развој на Бугарија (ГЕРБ), во опозиција по 12 години.

Партијата не успеа да формира коалиција по гласањето во април, а ИТН, по гласањето во јули, одлучи да не предложи влада, поради што беа распишани третите избори.

Партијата Има таков народ освои 65 места во бугарскиот парламент, одржан на 11 јули, од вкупно 240, а Граѓаните за европски развој на Бугарија, 63 места.

Другите партии во парламентот немаат доволно места за да дадат предлог за формирање влада.

Португалија вакцинираше 80 отсто од популацијата

Жена прима вакцина против ковид 19 во Лисабон, Португалија

Според официјалните податоци, Португалија целосно вакцинираше 19 до 80 проценти од своето население против ковид 19, што ја прави една од најуспешните земји во светот во борбата против пандемијата. Во исто време властите постепено ги укинуваат повеќето ограничувања, пренесува Ројтерс.

Во моментов, Португалија и Обединетите Арапски Емирати имаат иста стапка на целосна вакцинација и се први во светот во однос на масовната имунизација.

На почетокот на оваа година, Португалија се бореше против, во тоа време, најголемото жариште на корона вирусот, а во меѓувреме, вакцинираше 8,2 милиони луѓе од вкупно околу 10 милиони жители, објави здравствената служба во оваа земја.

„Речиси сите возрасни лица над 65 години и половина од младите луѓе на возраст од 12 до 17 години сега се целосно вакцинирани“, се вели во извештајот.

Во оваа земја, вакцината може да ја прими секој на возраст над 12 години.

Португалија регистрираше повеќе од илјада регистрирани нови случаи на корона во последните денови, а шест лица починаа во последните 24 часа. Од почетокот на пандемијата, според Универзитетот Џон Хопкинс, 1.057.100 заразени лица се официјално регистрирани во Португалија, а 17.872 луѓе починале од ковид 19.

Филипче: Jа следиме ситуацијата, ако е потребно ќе има нови мерки

Вирусот во моментов има широка инфекција, во постојана координација и комуникација сме и со епидемиолозите, остануваме да ја следиме ситуацијата и доколку е потребно да се дејствува со нови мерки тоа ќе го направиме, објави денеска на својот фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочува дека изутрината на редовна координација со директорите на клиниките разговарале за болничките капацитети, состојбата на болните и актуелната епидемиолошка состојба.

„Во ковид центрите низ државата има доволно кревети за хоспитализација на пациенти, претстојниот период може да биде зголемена потребата од хоспитализации, што бара сериозен пристап и координација која успешно се менаџира. Дополнителни капацитети за лекување пациенти со ковид има и истите може да се стават на располагање во секој момент. Доставата на терапија оди тековно и нема застој“, напиша Филипче.

Во текот на вчерашниот ден регистрирани се 572 новозаразени со ковид 19, а триесет лица починале од компликации од болеста.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG