Достапни линкови

„План 18“ - стартуваат суштинските реформи


Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи го промовира Планот 18.

Повторно се враќа фокусот врз реформите, откако беа ставени во втор план поради крупните политички прашања како Договорот за името и работите кои произлегуваат од него, како референдумот и уставните измени. Важно е усвојувањето, но уште поважно е спроведувањето на законите, велат експерти.

Реформи во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и избор на кадри согласно заслугите. Доследно спроведување на мерките за работа на новата безбедносна агенција ОТА, потоа деполитизација на јавната администрација и прекинување на праксата на времени вработувања. Нов закон за спречување на корупцијата и нов модел на Државната комисија за спречување корупција со повеќе ингеренции. Ова се само дел од реформите врз кои ќе се фокусира власта, а кои се потребни за интегрирањето во ЕУ.

Реформскиот План 18 опфаќа реформи во правосудството, во безбедносните и разузнавачите служби, реформи во администрацијата и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи го најави овој план уште во јуни, а пред неколку денови беше усвоен на владина седница. Османи вели дека реформскиот процес мора да се издвои надвор од дневната политика.

„Во следниот период очекувам зголемување на политичката поддршка и изградба на консензус за сите прашања кои се од наднационален интерес, меѓу кои е секако и имплементација на Планот 18“, рече Османи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ги поддржува реформите кои имаат цел да ја приближат земјата кон стандардите на ЕУ и НАТО.

Во Планот е наведено врз што ќе се фокусираат, има рокови за носење на закони и спроведување на задачи.

Планот 18 е континуитет за Планот 3-6-9, и како што вели Османи во него се вметнати препораки на меѓународни организации, на експерти, на опозицијата и на граѓанскиот сектор. Власта претходниот реформски План 3-6-9 го оцени за спроведен и успешен. Дел од реформските закони беа донесени подоцна од предвиденото, оти во Собранието се одвиваа други процеси. Минатата недела Собранието со двотретинското мнозинство ги донесе измените во Законите за јавно обвинителство, за кривична постапка и за судовите. Кон крајот на септември со двотретинско мнозинство пратениците го избраа и директорот на агенцијата ОТА. Се уште се чека на избор на нови антикорупционери, откако најголем дел од членовите во март си дадоа оставки по ревизорскиот извештај кој покажа дека злоупотребувале државни пари. Експерти во посочените области нотираа дека реформите не треба да бидат само на хартија.

„Секој кога ќе дојде на власт прави реформи, прави стратегии, но на тоа останува. Реформите во правосудството се болни, но неопходни“, вели поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев.

Пренатрупана, неефикасна, партизирана администрација, се само дел од забелешките и на меѓународниот фактор и на домашните аналитичари, а за тоа забележуваше и СДСМ, додека беа во опозиција. Сега најавуваат реформи без отпуштања на вработени, а преку реорганизација на институциите.

Професор Борче Давитковски од Правниот факултет, кој учествувал во подготовка на многу стратегии во полето на администрацијата, но како што вели, ангажиран од меѓународниот фактор, вели реформите почнале во криза, се остваруваат во криза и тој нема надеж дека ќе има вистински реформи.

„Немаме реформи, затоа што ниту една влада не е политички искрена дека сака навистина да спроведува реформи. Нема вистински остварливи реформи во јавниот сектор доколку стратегијата за истите ја пишуваат странци, нема реформи дур не се смени кодот на вработените дека најдобро вработување е во државниот сектор, преку партиска книшка, за мала, но сигурна плата“, рече неодамна Давитковски на панел за реформи во услови на политичка криза.

Невладината АГТИС презентираше истражување за мислењето на граѓаните за реформите во рамки на проектот „Детски болести на демократијата“. Според истражувањето, граѓаните сметаат дека владата сака да спроведе реформи, но мислам дека нема капацитет да го стори тоа. Над 40 отсто од испитаниците сметаат дека владата спроведува реформи, но исто толкав процент сметаат и дека не спроведува. Над 70 отсто од испитаниците рекле дека реформите се прават заради членство во ЕУ и НАТО, а 54 проценти граѓани сметаат дека реформите се за подобар живот.

Во интервју за РСЕ, евроамбасадорот Самуел Жбогар на крајот на август рече дека ЕУ очекува продолжување на реформите, но потенцира дека тие не треба да се прават за Брисел, туку да донесат позитивни промени.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG