Достапни линкови

Потпишан договорот за името, Заев: поместивме планини


Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас го потпишаа договорот за името во Псарадес
Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас го потпишаа договорот за името во Псарадес

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција го потпишаа договорот за името. Премиерот Зоран Заев рече дека со договорот „поместивме планини“. Посредникот Метју Нимиц рече дека спогодбата е „правична, чесна и спроведлива“.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас го потпишаа договорот за името во селото Псерадес во Грција на брегот на Преспанското Езеро. Договорот предвидува ерга омнес име за земјава, Република Северна Македонија со македонски јазик и националност. Договорот го потпиша и посредникот на ОН, Метју Нимиц на својот роденден.

„Поместивме планини“
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:41 0:00

На церемонијата присуствуваат и премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Присутни се и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло.

Потпишувањето се одвива под зајакнати безбедни.

Премиерот Заев, во говорот пред потпишувањето рече дека Македонија е горда што одбрала решение што обединува.

„Горди сме на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на спор којшто нè делеше и избравме решение што нè обединува. Со потпишувањето на конечниот Договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји - поместивме планини. Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е возможно. Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите“, нагласи премиерот Заев.

Тој упати и порака до противниците на Договорот во двете држави.

„Да се има став е европски манир. Исто како што е европски да се разговара и да му дава шанса на решението низ институционалниот систем на одлучување“, нагласи македонскиот премиер Зоран Заев.

Алексис Ципрас откри дека е љубител на балканската музика, особено на блех музиката, но и на среќните и весели мелодии од регионот и рече дека „дојде време повторно да пееме среќни песни на Балканот“, а денес се прави првиот, смел чекор во оваа насока.

„Една таква нова песна започнуваме да пишуваме овде во Преспа. Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот“, рече грчкиот премиер.

Тој рече дека договорот е патриотски и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат без предрасуди.

„Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народи“, истакна грчкиот премиер.

Нимиц рече дека спогодбата е „правична, чесна и спроведлива“.

На почетокот на следната недела, како што информираат од Владата, на владина седница треба да се усвои законот за ратификација на договорот, по што треба да биде испратен во Собранието, каде треба да биде ратификуван. По ратификацијата следува негово потпишување од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој најави дека нема да го поддржи.

За денеска во Битола протест најави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која не го поддржува договорот и останува на ставот дека нема да даде поддршка за промена на Уставот, а протести се одржуваат и пред Парламентот во Атина. Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, станува збор за решение кое е комплетно спротивно на државните и националните интереси на Република Македонија, кое само по себе е капитулација.

Во исто време во северна Грција започнуваат да се организираат протести во Преспа.

Договорот со Грција е насловен „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG