Достапни линкови

Вести

Уставен суд – ДУП-от за локацијата кај Мајчин дом е донесен законски

Илустрација: Изградба на нови згради во Аеродром
Илустрација: Изградба на нови згради во Аеродром

Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница едногласно одлучи да не поведе постапка за поднесените претставки за оценка на уставноста и законитоста на ДУП-от за локацијата кај Мајчин дом во Општина Аеродром. Постапката за донесување на ДУП, според Уставниот суд, била спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање. Уставните судии укажа дека тие ја ценат постапката, а не содржината на плановите или нивната усогласеност со други планови. Од аспект на Судот, ДУП-от е согласно закон и Устав.

Претставката ја поднеле 12 физички и правни лица во 2017. Според планот, во паркот пред Мајчин дом треба да се гради деветкатна станбена зграда, на што реагираа локалните жители кои организираа и протести.

Општина Аеродром денеска реагира дека со ова се исцрпени сите механизми за стопирање на зградата кај „Мајчин дом“ и оти тие мора да ја почитуваат одлуката на судот.

види ги сите денешни вести

Врховниот суд на САД ги поништи царините на Трамп

Врховен суд на САД (фотоархива).
Врховен суд на САД (фотоархива).

Врховниот суд на САД пресуди дека претседателот на САД, Доналд Трамп, ги пречекорил своите овластувања со воведувањето серија царини што ја потресоа глобалната трговија. Со тоа, судот ја блокира една од клучните алатки што претседателот ги користеше за спроведување на својата економска агенда.

Врховниот суд, во кој доминираат конзервативни судии, одлучи со шест наспроти три гласови, нагласувајќи во пресудата дека Законот за меѓународни економски овластувања за вонредни состојби (IEEPA) „не му дава на претседателот овластување да наметнува царини“.

Трамп почна да воведува широки царини откако се врати во Белата куќа минатата година, наметнувајќи нови тарифи за речиси сите трговски партнери на САД.
Мерките вклучуваа „реципрочни“ царини за трговски практики што Вашингтон ги смета за неправедни. Тие погодија и земји од Западен Балкан.

САД, исто така, воведоа посебни царини и за клучните партнери, вклучувајќи ги Мексико, Канада и Кина, поради прашања поврзани со трговијата со дрога и имиграцијата.

Во пресудата на Врховниот суд се вели дека „доколку Конгресот имал намера да му даде на претседателот специфично овластување да воведува тарифи“ преку IEEPA, „ќе го стореше тоа, како што го стори и во други закони поврзани со тарифите“.

Пресудата не влијае на специфичните тарифи што Трамп ги воведе одделно за одредени сектори, вклучувајќи ги тие за челик, алуминиум и други стоки.

Во гласањето за пресудата, тројцата либерални судии се придружија на тројца конзервативни со цел да ги потврдат одлуките на пониските судови кои претходно пресудија дека тарифите воведени според IEEPA се нелегални.

Претседателот на Врховниот суд, Џон Робертс, при објавувањето на пресудата рече дека „IEEPA не содржи ниту една одредба што се однесува на тарифи или царински давачки“.

Во мај минатата година, понискиот трговски суд пресуди дека Трамп ги пречекорил своите овластувања кога вовел широки тарифи, но пресудата не беше спроведена бидејќи Владата поднесе жалба.

БиХ санкционираше 11 граѓани поврзани со ИСИЛ и Ал-Нусра

Нусрет Имамовиќ, радикален салафитски лидер кој пред неколку години беше на листата на десетте најбарани терористи во светот
Нусрет Имамовиќ, радикален салафитски лидер кој пред неколку години беше на листата на десетте најбарани терористи во светот

Советот на министри на Босна и Херцеговина ги замрзна средствата и финансиските ресурси на 11 граѓани на БиХ поврзани со терористички организации, таканаречените Исламска држава (ИСИЛ) и Ал-Нусра, спроведувајќи ги обврските што произлегуваат од Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации.

За повеќето од санкционираните лица е издадена црвена потерница на Интерпол на барање на властите на Босна и Херцеговина.

Одлуките се однесуваат на замрзнување на економските ресурси и финансиските ресурси на лица кои се поврзани со кривични дела поврзани со тероризам и негово финансирање.

На листата е вклучен и Нусрет Имамовиќ, радикален салафитски лидер кој пред неколку години беше на листата на десетте најбарани терористи во светот и е под санкции на Обединетите нации, Соединетите Држави и Европската Унија. Според достапните информации, тој престојува со своето семејство во Сирија повеќе од десет години.

Советот на министри соопшти дека одлуките имаат превентивен карактер и се насочени кон заштита на безбедноста на Босна и Херцеговина и исполнување на меѓународните обврски на државата, вклучително и обврските кон MONEYVAL во врска со воведувањето финансиски санкции за тероризам.

Беше истакнато дека мерките не претставуваат утврдување на кривична одговорност, ниту пак го прејудицираат исходот од каква било постапка пред надлежните судови или обвинителството.

Според информациите од разузнавачките и безбедносните агенции, околу 300 граѓани на БиХ, вклучувајќи мажи, жени и малолетници, ја напуштиле Босна и Херцеговина за време на конфликтот во Сирија и Ирак помеѓу 2012 и 2016 година, а неколку деца се родени во тие области.

Повеќето од заминувањата се евидентирани во раните години од конфликтот.

Од тој број, се проценува дека помеѓу 80 и повеќе од сто луѓе биле убиени или починале на бојното поле, додека неколку десетици се вратиле во Босна и Херцеговина, или приватно или преку организирани репатријации.

Според податоците од 2025 година, повеќе од 100 граѓани на Босна и Херцеговина, претежно жени и деца, престојувале во кампови и притворни установи во северна Сирија, без јасно утврден датум на враќање.

Во 2014 година, Босна и Херцеговина воведе посебни казнени одредби со кои се казнува заминувањето на нејзините граѓани на странски бојни полиња за терористички организации, вклучително и организирање терористички групи, приклучување кон странски паравоени формации и други поврзани дела.

Досега, повеќе од 30 лица се осудени за кривични дела поврзани со Сирија и тероризам, со затворски казни до осум години во многу случаи.

Повеќето од нив биле осудени на околу три години затвор, во случаи на спогодби за признавање вина или поради недостиг на докази за посериозни обвиненија.

Шест лица под истрага за марихуаната во Северна Македонија и Србија

Запленетата марихуана во реонот на селото Коњух во близина на Крушевац, Србија.
Запленетата марихуана во реонот на селото Коњух во близина на Крушевац, Србија.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага за шест лица поврзани со заплените на марихуана во Северна Македонија и Србија.

Тие се осомничени за кривичното дело „неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори“.

ОЈО ГОКК тврди дека осомничените, заедно со други засега неидентификувани лица, во 2025 година се здружиле со цел неовластено да продаваат наркотична дрога. Според обвинителството, не само марихуана, туку и кокаин, но за него во објавата за истрагата нема повеќе детали.

Секој од членовите на групата имал определена улога.

Македонското обвинителство го оформи предметот откако на 29 јануари во Србија беа откриени пет тони марихуана, за кои тамошните власти излегоа со сомнежи дека тие потекнуваат од Северна Македонија. Во рамки на предистрагата, надлежните вршеа претреси во фабриките за производство на медицински канабис во скопскиот и струмичкиот регион при што запленија 40-тина тони марихуана.

По ваквите заплени, доаѓа отворањето на истрага за шесте лица во Северна Македонија. Во Србија од претходно се осомничени пет лица.

Двајца од осомничените во Србија, според Обвинителството, во договор со првоосомничениот – кој е сопственик на фирма за канабис во Скопје, како и други непознати лица организирале набавка на марихуана и нејзин транспорт до Србија. Дел од оваа шема за шверц била и марихуана произведена во друга фабрика за канабис во струмичкиот регион.

„Во декември 2025 година, првоосомничениот им дал насоки на своите вработени за пакување на сув цвет од канабис во вкупна количина од 8.832 килограми, претходно набавен од правно лице од Струмица. Во период од околу две недели, вработените спакувале над 200 кутии, по што првоосомничениот им одобрил колективен одмор“, велат од ОЈО ГОКК.

Во Северна Македонија, повеќе од осум години со закон е легализирано одгледувањето и извозот на канабис за медицинска употреба.

По пакувањето во декември, според хронологијата на настаните што ја објавија од обвинителството, на 13 јануари двајцата ортаци – едниот сега осомничен во Северна Македонија, а другиот во Србија, организирале транспорт на „поголема количина сув цвет од канабис“, првично од Скопје до локација во Свети Николе кое се наоѓа на 50-тина километри од главниот град. Транспортот помеѓу овие две локации се правел во два наврати.

Според ОЈО ГОКК, во исто време, кај локалната црква во селото Сарамзалино, кое е во околината на Свети Николе, другите петмина осомничени во истрагата во Северна Македонија, вршеле претовар на царинета стока од еден камион во друг. Со испразнетиот заминале во Свети Николе и го натовариле со кутиите со канабис.

„По извршениот утовар, осомничените се упатиле кон граничниот премин Табановце и ја напуштиле државата. На 14.01.2026 година, во 03:41 часот, товарното моторно возило се исклучило од автопат и се упатило кон селото Коњух, каде заедно со други неидентификувани лица било извршено растоварање на кутиите со наркотична дрога марихуана во објект на правно лице од Крушевац“, наведуваат од ОЈО ГОКК.

Двајца од осомничените во истрагата во Северна Македонија од вчера се наоѓаат во 48-часовен притвор, а обвинителството побара тој да им биде продолжен за уште 30-дена. Од Основниот кривичен суд Скопје, соопштија дека го прифатиле барањето.

Нема информации дали се бара притвор и за останатите осомничени.

Обвинителството истражува дали имало сериско убиство во кумановско

Куманово (фотоархива).
Куманово (фотоархива).

Основното јавно обвинителство во Куманово истражува дали во овој регион имало сериско убиство извршени од едно осомничено лице.

Ваквата информација надлежните ја соопштија објавувајќи дека 25-годишно момче од селото Челопек, Општина Старо Нагоричане, е осомничено дека со „умисла на свиреп и подмолен начин лишил од живот“ жена родена 1947 година.

„Ја искористил околноста дека оштетената живеела сама, била стара и немоќна. Кога влегол во нејзината куќа, таа спиела на креветот, па осомничениот физички ја нападнал, задавајќи и повеќе удари со кои и нанел тешки телесни повреди од кои жената починала“, соопштија од ОЈО Куманово.

Оттаму потенцираат дека изминатите денови истражниот центар заедно со МВР и екипи на Институтот за судска медицина обезбедиле докази кои „укажуваат на поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановско“.

„Заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои се вештачат“, наведува обвинителството.

Освен дека се работат сложени вештачења и анализи, ОЈО Куманово посочува дека не може да открие повеќе детали во овој момент.

Осомниченото момче се наоѓа во притвор, а за него е наредено и психијатриско вештачење од страна на форензички психијатри од Институтот за психијатрија.

Извозот на челик од ЕУ во САД падна за 30% по царините на Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Високите царини на челикот од страна на американскиот претседател Доналд Трамп предизвикаа пад на европскиот извоз во САД за една третина од јули 2025 година, соопшти европската група за челична индустрија „Еурофер“ повикувајќи се на „избалансираниот“ договор за царини меѓу САД и ЕУ.

Трамп минатата година воведе царини од 50 проценти на увозот на челик и алуминиум во САД, како дел од неговата примена на царини врз партнерите ширум светот.

Според договорот постигнат минатата година, САД се согласија да воведат царина од 15 проценти на повеќето стоки од ЕУ, но таа не ги вклучуваше челикот и алуминиумот.

Повикувајќи се на официјални податоци од ЕУ, „Еурофер“ соопшти дека извозот во САД се намалил за 30 проценти во втората половина од минатата година во споредба со истиот период во 2024 година, пад за кој ги обвини царините на Трамп.

Трамп подоцна ги прошири своите царини во август за да вклучи неколку стотици производи што содржат челик или алуминиум, што би можело да има дополнителни негативни ефекти за европските производители на машини и други стоки со висока содржина на метал.

„Бројките ја нагласуваат потребата секој трговски договор меѓу ЕУ и САД да биде фер, избалансиран и применлив“, се вели во соопштението на „Еурофер“.

Вашингтон одби да ги намали царините за метали и покрај апелите на ЕУ, но ѝ порача на ЕУ да го преиспита својот пристап кон дигиталната регулатива ако сака пониски давачки - зделка што е неприфатлива за Брисел.

ЕУ во октомври презеде чекори за да ја заштити својата индустрија во криза со удвојување на царините за странски челик, како дел од мерките за спасување што мора да се договорат до јуни 2026 година пред да истечат сегашните заштитни мерки.

Апелот на „Еурофер“ доаѓа во време кога се очекува трговскиот комитет на Европскиот парламент да гласа во вторник за спроведувањето на договорот меѓу ЕУ и САД.

Комитетот ја прекина својата работа по заканите на Трамп за анексија на Гренланд, но парламентот се чини дека е подготвен да го даде своето одобрение, иако со заштитни мерки и клаузула за преглед.

Шефот на ЕУ за трговија, Марош Шефковиќ, ги повика пратениците на ЕУ да го одобрат договорот „што е можно побрзо“, пред разговорите со министрите за трговија на ЕУ и на Кипар.

Шпанија ќе побара од ЕУ укинување на санкциите за лидерката на Венецуела

Привремената лидерка на Венецуела, Делси Родригез
Привремената лидерка на Венецуела, Делси Родригез

Шпанија ќе побара од Европската Унија да ги укине санкциите врз привремената лидерка на Венецуела, Делси Родригез, откако беше одобрен закон за амнестија што би можел да ослободи стотици политички затвореници, изјави министерката за надворешни работи во петокот.

Законот е значајна реформа што ја спроведе новото раководство на јужноамериканската земја откако САД го заробија социјалистичкиот моќник Николас Мадуро во смртоносен напад врз Каракас минатиот месец.

Поранешната потпретседателка на Мадуро е меѓу високите функционери на венецуелската влада на кои им е забранет влез на територијата на ЕУ според санкциите воведени во 2018 година.

Европската Унија соопшти дека таа одиграла улога во наводните изборни нерегуларности таа година, кршење на правата и поткопување на „демократијата и владеењето на правото“ во поранешната шпанска колонија.

Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, им изјави на новинарите во Барселона дека „санкциите никогаш не се цел, тие се средство за постигнување цели, така што во Венецуела се одвива широк, мирен, демократски дијалог“.

„Европската Унија мора да испрати сигнал дека се движиме во вистинската насока во оваа нова фаза“, рече Албарес, поздравувајќи го законот за амнестија.

И без Мадуро, Венецуела би можела да ги задржи блиските односи со Москва
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:38 0:00

Албарес додаде дека Мадуро никогаш не бил предмет на санкции од ЕУ бидејќи таквите ограничувања „секогаш ги исклучуваат претседателите и министрите за надворешни работи“.

Законот за амнестија, едногласно одобрен од Националното собрание на Венецуела во четврток, не се однесува на оние кои биле гонети или осудени за промовирање воена акција против земјата.

Тоа би можело да ги исклучи опозициските лидери како добитничката на Нобелова награда за мир Марија Корина Мачадо, која е обвинета од владејачката партија дека повикува на меѓународна интервенција како онаа со која беше соборен Мадуро.

Критичарите, исто така, стравуваат дека законот би можел да го искористи владата за да ги помилува своите и селективно да им ја одземе слободата на затворениците.

Родригез се залагаше за законот под притисок од Вашингтон, кој соработуваше со нејзината влада во замена за пристап до огромните нафтени резерви на Венецуела.

Обвинителство: Нема снимка од трамвајот што излета од шините во Сараево

Сараево, Босна и Херцеговина
Сараево, Босна и Херцеговина

Нема снимки од трамвајот што излета од шините минатата недела, потврди за Радио Слободна Европа, Обвинителството на кантонот Сараево.

На 12 февруари, трамвајот излета од шините и ја урна постојката, при што загина 23-годишно момче, а неколку други беа повредени.

„Форензичката обработка на хард дискот што беше изваден од кабината на возачот утврди дека нема снимен материјал од 29 ноември 2025 година. Обвинителството, меѓу другото, утврдува зошто системот за видео надзор не работел“, потврди Обвинителството на КС.

Ден претходно, Кантоналното обвинителство објави дека истражителите на Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево запленуваат документација од Градското транспортно претпријатие (GRAS) поврзана со користењето на трамвајот број 516 што беше вклучен во несреќата, техничката документација на сите чешки трамваи и одредени персонални досиеја на вработените.

Обвинителството на Сараевскиот кантон во среда објави дека се сослушани 30 сведоци како дел од истрагата за трамвајската несреќа, а запленети се 10 снимки од видео надзор од околните згради, како и снимка од трамвајската кабина.

Обвинителството претходно изјави дека утврдило дека „постои основано сомнение дека возачот сторил кривично дело загрозување на јавниот сообраќај од небрежност со смртни последици“, но дека ја почитува одлуката на Судот, кој го отфрли нивниот предлог за притворање на возачот на трамвајот и го ослободи.

Возачот се изјасни за невин и дека несреќата се случила поради техничка неисправност на трамвајот, што го тврдеше и синдикатот на GRAS.

Во деновите по несреќата, премиерот на Сараевскиот кантон, Нихад Ук, како и директорот на градскиот превозник GRAS, Сенад Мујакиќ, поднесоа оставка.

Стотици граѓани протестираат секој ден на местото на несреќата и пред владините и судските институции, барајќи одговорност за трагедијата.

Украински беспилотни летала го нападнаа Севастопол

илустрација
илустрација

Украински беспилотни летала го нападнаа Севастопол, окупираниот од Русија, град на Кримскиот полуостров, изјави во петок, 20 февруари, рускиот администратор на пристанишниот град во кој се наоѓа руската Црноморска флота, Михаил Развожаев. Како што пренесува АФП, еден маж бил убиен, а една жена повредена.

Не даде информации за можни напади, вклучително и дали биле нападнати воени цели, но рече дека воздушната одбрана на градот соборила 26 беспилотни летала, изјави градскиот администратор на Телеграм.

Нападот искршил прозорци и предизвикал помала штета на куќите, рече тој.

Русите нелегално го окупираа Крим во 2014 година и започнаа целосна инвазија на Украина пред речиси четири години.

Рускиот, но проукраински канал на Телеграм, Кримски Ветер, објави експлозии во близина на Џанкој во северен Крим, каде што има воен аеродром.

Поради опасноста од украинските воздушни и морски дронови, Црноморската флота одамна ги премести повеќето од своите бродови во пристаништето Новоросијск во јужна Русија, но сè уште има многу воени бази во и околу Севастопол.

Украина известува и за руски напади врз Никопол. Руски дронови и артилерија го погодија градот Никопол на фронтовската линија на југот од регионот Дњепропетровск, при што беа повредени тројца, објавија украинските власти во петок наутро. Тие додаваат дека ракета го погодила и Харкив.

Русинка призна дека лажела за врски со руското разузнавање

Нома Зарубина
Нома Зарубина

Русинката Нома Зарубина, обвинета дека го лажела Федералното истражно биро (ФБИ) на САД за нејзините врски со највисоката разузнавачка агенција на Русија - а потоа пијана му пишувала пораки на агент на ФБИ додека била ослободена со кауција - се изјасни за виновна пред американскиот суд.

Според поднесоците на федералниот суд, Зарубина го променила своето сведочење околу два месеци откако судијата ја поништи нејзината кауција за постојано испраќање пораки на агент на ФБИ и нареди да биде затворена.

Покрај тоа што се изјаснила за виновна по обвинението за лажно сведочење, таа се изјаснила и за друго обвинение поврзано со нејзиниот имиграциски статус, покажаа судските поднесоци.

„Намерното прикривање на Зарубина за нејзиното недолично однесување и нејзините лаги за нејзината поврзаност со руската разузнавачка служба се навреда за напорите на спроведувањето на законот за зачувување на националната безбедност“, соопшти Министерството за правда.

Нејзиниот адвокат не одговори веднаш на барањето за коментар.

Зарубина првично беше обвинета во декември 2024 година, откако беше постојано испрашувана од агенти на ФБИ почнувајќи од октомври 2020 година.

Родена во сибирскиот град Томск, Зарубина се преселила во САД во 2016 година и изгради мрежа од професионални и лични врски меѓу руските емигрантски групи, како и во американските тинк-тенкови и активистички организации.

Федералните агенти првпат ѝ пристапија неколку недели откако ФБИ го претресе станот на Менхетен на друга Русинка, Елена Бренсон, и заплени десетици компјутери и други електронски уреди.

Бренсон, која избега во Русија кратко време по операцијата, подоцна беше обвинета дека е нерегистриран странски агент.

Според изјавите на ФБИ, Зарубина наводно лажела за своите комуникации со двајца службеници на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) кои ја воделе нејзината мрежа, идентификувајќи луѓе и организации со кои требало да контактира.

По обвинението, Зарубина беше ослободена со кауција.

Сепак, во месеците што следеа, таа наводно испратила многу е-пошта и фотографии до агенти на ФБИ кои ја испрашувале - понекогаш и среде ноќ.

Обвинителите и нејзиниот адвокат му рекоа на федералниот суд дека Зарубина има проблем со пиењето и дека ѝ е наредено да побара советување за ментално здравје. Во ноември 2025 година, судијата ја поништи нејзината кауција и нареди таа да биде испратена во затвор до судењето.

Изрекувањето на пресудата е закажано за јуни.

Трамп: Сојузниците придонесоа со повеќе од 7 милијарди долари за Газа

Прв состанок на Одборот за мир во Вашингтон.
Прв состанок на Одборот за мир во Вашингтон.

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека сојузничките земји придонеле со 7 милијарди долари за помош на Газа, додека Косово се обврзало да помогне со испраќање воени трупи.

Говорејќи во четврток во Вашингтон на првиот состанок на Одрборот за мир, Трамп рече дека пет земји меѓу кои Косово и Албанија, се обврзале да испратат трупи во Меѓународните безбедносни сили за Газа.

На свечениот состанок учествуваше и претседателката на Косово, Вјоса Османи, бидејќи Косово е една од земјите-основачки на Одборот.

Одборот за мир, кој брои 27 членки, беше основан на 22 јануари во Давос, Швајцарија, во присуство на претседателот Трамп.

Советот за безбедност на Обединетите нации ја овласти оваа структура да го надгледува спроведувањето на примирјето во Газа и да се вклучи во прашања поврзани со управување и обновување на регионот.

Основaњето на Одборот е предвидено со планот на Трамп од 20 точки за мир во Газа.

Овој план го прифатија Израел и Хамас – организација што САД и други држави ја прогласија за терористичка во октомври минатата година, со цел да се стави крај на двегодишните судири.

Во меѓувреме, за време на својот говор во четврток, Трамп исто така рече дека помогнал во намалувањето на тензиите меѓу Косово и Србија. Тој ја пофали претседателката Вјоса Османи и порача дека двете земји треба да го контактираат „ако не оди добро“, на што Османи одговори: „Ќе ве повикаме“.

Придонесот на Косово

Претседателството на Косово претходно потврди за Радио Слободна Европа дека од државата не е побарано плаќање од милијарда долари.

Се наведува дека земјата, за да стане постојан член на Одборот, би требало да уплати износ од милијарда долари.

Претходно, косовските власти потврдија дека се разгледува формата и капацитетот во кои припадниците на Косовските безбедносни сили (ФСК) би можеле да придонесуваат во Меѓународните сили за стабилизација за Газа.

Премиерот на Косово, Албин Курти изјави дека учеството на ФСК во оваа мисија произлегува од учеството на конференција одржана во декември минатата година во Доха, Катар, која ја организираше Централната команда на американската армија.

Министерот за одбрана, Ејуп Македончи, изјави за Радио Слободна Европа дека конференцијата во Катар имала информативен карактер во врска со Меѓународните сили за стабилизација и дека Косово било повикано да учествува од страна на американската армија.

Во четврток, командантот на Меѓународните сили за стабилизација, американскиот генерал-мајор Џаспер Џеферс, на состанокот на Одборот даде дополнителни детали за оваа мисија.

„Првите пет земји ангажираа трупи за служба во Меѓународните сили за стабилизација (ISF) – Индонезија, Мароко, Казахстан, Косово и Албанија. Две земји ја презедоа обврската за обука на полицијата – Египет и Јордан“, рече Џеферс.

Тој додаде дека ISF ќе започне распоредување во Рафах, на југот на Газа, каде ќе ја обучува локалната полиција, а потоа ќе се „шири сектор по сектор“.

Според Џеферс, долгорочниот план предвидува ангажирање на 20.000 војници од ISF и обука на 12.000 полицајци.

Војната меѓу Израел и Хамас почна во октомври 2023 година, откако Хамас уби повеќе од 1.200 луѓе во Израел и зема стотици заложници.

Израелските напади врз Газа како одмазда предизвикаа смрт на повеќе од 60.000 луѓе, криза со глад и огромни штети на инфраструктурата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG