Достапни линкови

Во акција затворени 19 локали во Тетово и Гостивар


Затворени објекти од инспекторите на Управата за јавни приходи

Приведени се 26 лица, а издадени се забрани за работа на 19 угостителски објекти во Тетово и Гостивар при контрола што ја спровеле ноќеска полицијата, УЈП и Државниот пазарен инспекторат во 31 објект во овие подрачја. Акцијата е спроведена и на подрачјето на СВР Битола, но не се констатирани посериозни прекршувања на законите. На подрачјето на СВР Велес, пак, при алкотестирање на 232 возачи, е утврдено присуство на алкохол кај 29.

"За време на контролата се приведени 26 лица, 16 македонски државјани поради поседување наркотична дрога и непоседување документи за лична идентификација и 10 странски државјанки, девет од Србија и една од Црна Гора поради злоупотреба на туристички престој и нерегулиран престој во РМ", изјави денеска на прес-конференција Лазе Велковски, директор на Бирото за јавна безбедност.

Oд извршениот преглед на лица гости во објектите кај повеќето од нив се пронајдени паковки со прашкаста материја. Тие, рече Велковски, се приведени во полициските станици во Тетово и Гостивар.

Забраните за вршење дејност на контролираните локали се во траење од 15, односно 30 дена, и тоа за непоседување фискален апарат и неиздавање фискална сметка, но и заради вршење угостителска дејност без регистрација.

На новинарско прашање зошто при контролите се користат и припадници на специјалните единици на МВР, Велковски одговори дека тоа се прави само онаму каде ќе се процени оти постои висок безбедносен ризик.

" Ние вчера извршивме контрола на 31 угостителски објект, но во сите не влеговме со припадници на Одделот за специјални полициски операции", рече тој.

Велковски најави дека вакви акции ќе се спроведуваат и во наредниот период.

Пред една недела во координирана акција на полицијата со инспектори од УЈП, Инспекторатот за труд и Пазарниот инспекторат се проверуваше работата на 24 угостителски објекти во Скопје, од кои 13 беа затворени поради утврдени неправилности.

XS
SM
MD
LG