Достапни линкови

Најголемата лабораторија за синтетичка дрога на Балканот откриена во тетовска куќа


Прес-конференција на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Приведени шестмина македонски и српски државјани и запленети најмалку 500 илјади таблети синтетичка дрога чија крајна цел била Турција. Ова е епилогот по синоќешната акција на македонската и српската полиција, во координација со американската ДЕА.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека во акцијата, со која е сузбиена организирана криминална група, полициските служби извршиле претреси на две локации во Тетово и пет локации во Скопје.

- Откриени се најголеми количини синтетичка дрога на просторот на Балканот, а доколку првичните проценки излезат точни, веројатно ќе биде и една од поголемите заплени на синтетички дроги во меѓународни рамки. Имено, во лабораторијата откриена во куќа во Тетово, откриени се над 125 килограми синтетичка дрога, или минимум 500 илјади таблети синтетичка дрога чија вредност надминува 2,5 милиони евра – изјави министерот Спасовски.

Продолжуваат активностите во рамки на операцијата, и како што информира Спасовски, МВР следните денови ќе ја информира јавноста за сите нови моменти од истражната постапка, како и за процесуирањето на инволвираните лица.

Претходно потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ истакна дека ова е еден од најдобрите резултати во запленување на синтетички дроги.

Според него, оваа запленета синтетичка дрога е многу важна бидејќи станува збор за капдагон, нова синтетичка дрога која е омилена и кај борците на ИСИС.

XS
SM
MD
LG