Достапни линкови

Последна шанса за ребаланс на буџетот


Премиерот веќе го најави ребалансот на буџетот за во октомври, министерот за финансии вели дека нема потреба од такво нешто. Аналитичари коментираат дека ќе победи ставот на премиерот, оти има потреба од ребаланс.

Треба да има ребаланс на буџетот, пред сè, поради слабата реализација на капиталните инвестиции, велат економски аналитичари, коментирајќи ги контрадикторните ставови на власта во последните денови за потребата од прекројување на државната каса.

Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека ако се планира, треба наскоро да се направи ребаланс, оти потоа ќе биде доцна, зашто ќе почне дебатата за буџетот за следната година.

„Мислам дека треба да има ребаланс, да се видат приходната и расходната страна за да можат да се балансираат пред да се скрои буџетот за 2019“, вели Адеми.

За ребалансот владата изминатите денови имаше контрадикторни ставови. Прво премиерот Зоран Заев рече дека во октомври ќе има ребаланс на буџетот.

„Секако верувам дека со ребалансот во октомври сите овие средства ќе бидат алоцирани за трајно да се реши проблемот, а дотогаш јас како премиер заедно со градоначалниците сме вклучени да ги подмируваме долговите кои се накалемени на самите училишта“, рече Заев, зборувајќи на првиот школски ден за долговите на училиштата.

Потоа, министерот за финансии, Драган Тевдовски, изјави дека нема потреба од ребаланс.

„Ликвидноста на буџетот е одлична, ние веројатно за прв пат после многу години имаме одлична ликвидност на буџетот можеме да реализираме сè, не постои ништо што чека во трезорот во Министерството за финансии, од тој аспект нема потреба да правиме ребаланс. Постојано правиме анализи ако сметаме дека треба да се направат некои корекции тогаш ќе излеземе и ќе соопштиме“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Капиталните инвестиции ниски, оптимизмот кај владата висок

Министерот вели дека има одлична наплата на даноци, дека расте индустријата и извозот, што, според него, е знак дека на економијата одлично ѝ оди. Но, последните податоци за реализација на буџетот покажуваат дека за седум месеци, од предвидените 390 милиони евра за капитални инвестиции се потрошени само 80 милиони евра.

Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека премиерот и министерот за финансии различно гледаат на бројките.

Тука е прагматичноста на премиерот, тој ги гледа сите овие цифри и тие популистички мерки што сака да ги спроведе за да се држат тие социјални групи под контрола, затоа што има политичка агенда, пред сè да помине референдумот и да се задоволат тие страни. Од друга страна го имаме министерот за финансии кој што сака и верува дека буџетот е во добра кондиција, но тој нема политичка улога и на бројките повеќе гледа технички. Мислам дека премиерот на крај ќе победи, зашто ребаланс мора да има“, вели Адеми.

Тевдовски не прецизира дали останува на проекциите за економски раст од 3,2 проценти до крајот на годината. Премиeрот Заев, пак, изјави дека очекува во вториот квартал растот на БДП да биде меѓу 2,5 и 4 отсто.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG