Достапни линкови

Кумановци очекуваат капитални инвестиции


Куманово

Граѓаните на Куманово се жалат дека новата локална власт за една година не сработила доволно, опозицијата критикува, власта вели дека, и покрај тешката состојба, проектите се реализираат.

Една година од конституирање на новата локална власт, некои од запрашаните кумановци ја оценуваат како период во кој очекувале да се реализираат поголем дел од предизборните ветувања. Некои граѓани поради разочараност резигнирано велат дека е излишно што и да се каже, опозицијата вообичаено има забелешки, а од владејачката партија сметаат дека, и покрај тешката состојба, сепак нешто се работи.

„Мислам дека досега локалната власт реализирала мал број од ветените, освен оние поситните инфраструктурни проекти. Што се однесува до капиталните проекти кои беа ветени, сè уште ние не видовме дека нешто се движи од нулта точка. Може да се види по некои сто, двесте, триста метри асфалт поставено на некоја улица и некој сообраќаен знак, светлосна сигнализација горе-долу, и сега засега, за година дена, според мене, од она што успевам да го видам во градот и во околните населби, е тоа. И дел од осветлувањето.“

„Не сакам да коментирам.“

„Не коментирам за локалната власт, не сум задоволен, може уште повеќе да се постигне. Граѓаните се незадоволни. Можеби и парите се во прашање, ама и способноста има голема улога“, велат некои од запрашаните граѓани, додека поголем дел од нив штом ќе го слушнат прашањето само со прст покажуваат дека не сакаат да коментираат.

Претставниците од опозиционата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ своите забелешки, критики и мислења ги изнесуваат по комисиите и јавно на седниците на општинскиот Совет.

Драган Петковски за РСЕ вели дека поради тоа што локалната и централната власт сега се од иста партиска опција очекувале да се реализира барем дел од ветувањата за првата година.

„Иако дојде со многу ветувања, новата локална власт оваа година не покажа баш ништо. Според извештаите што доаѓаат до Советот на Општината Куманово, капиталните инвестиции се направени само десет отсто од предвиденото во буџетот. Не е направено речиси ништо. Поставени се неколку клупи или поправка на скали или некои шминки, колку да се покаже дека нешто се работи. Крупните инвестиции не само што не се направени, дури не се ниту започнати. Додека порано изговор им беше дека локалната и централната власт се од различни опции, сега се од истата, во Куманово пак ништо не се прави“, вели тој.

За долгот од 17 милиони евра, Петковски вели дека локалната власт го направила, затоа пак, според него, од друга страна во општинската администрација има многу нови вработувања.

„Ако обемот на работа не се зголемил, ако средствата во Општината се дури и помали, со што ги оправдуваат тие нови вработувања“, прашува тој.

Според претставниците на локалната власт, и покрај долгот од 17 милиони евра, сепак се работело изминатата година. Дел од започнатите проекти се довршуваат, а започнати се и нови во областа на инфраструктурата и урбаната опрема во Општината, вели Владимир Павловски од СДСМ.

„Најмногу се работеше на креирање нови проекти, односно документација за изработка на проекти којашто одзема многу време, заради тоа го започнавме и процесот на формирањето на новото јавно претпријатие „Куманово план“, кое во иднина би требало многу брзо и во кус рок да ги изработува идејните решенија и документацијата на проектите кои сакаме да ги реализираме, идеите коишто ги имаме и дел од програмата која беше на советничката листа и на градоначалникот“, вели тој.

Меѓу досега реализираното, Павловски ги издвојува реконструкција на пристапни патеки, паркинг простор и спортски терени со партерно уредување и осветлување на локалитетот Спомен костурница, примарна селекција на отпад, поправка и реконструкција на оштетените површини на градскиот плоштад, нови канделабри со современо лед осветлување на плоштадот, продолжува процесот на забавување во сообраќајот со лежечки полицајци пред училиштата и детските градинки, како и нова хоризонтална и вертикална сигнализација. Според него, завршена е втората фаза на уредување на речното корито на Липковка.

Од покрупните капитални инвестиции, Павловски вели дека е и изградба на катни гаражи за кои се предвидени три локации, од кои за едната процесот за документирање е во завршна фаза, а се однесува на паркингот до Центарот за култура, во самиот центар на градот.

Задоволни или не, кумановци своето мислење повеќе го искажуваат во неформални разговори, на приватни дружења или дома. Свесни се дека ретко која власт секогаш и до крај успеала да го реализира ветеното во изборниот маркетинг, без оглед на објективните или субјективните можности.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG